Следната пандемија од свињарник или кокошарник?   | Информации и анализи за Германија | DW | 21.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Следната пандемија од свињарник или кокошарник?  

Живината и свињите, заразени со вирусот на грип, можат да ја пренесат инфекцијата на луѓето. Колку е голема таа опасност? И дали може да доведе до нова и опасна пандемија?

Институтот Роберт Кох (РКИ) пролетва испрати кратка порака до Светската здравствена организација во која се наведува дека 17-годишник е заразен со вирусот на грип А (Х1Н1), кој е регистриран кај свињите во свињарник во германската покраина Мекленбург-Западна Померанија. 

РКИ соопшти дека момчето претходно имало контакт со свињи. Затоа и се претпоставува дека се заразило во свињарникот. Во извештајот се наведува и дека болеста била со лесни симптоми и дека други луѓе не биле заразени. 

Вирус од свињарник? 

„Тоа беше ќорсокак за вирусот и во овој случај - фала му на Бога - не се прошири“, објаснува ветеринарот и истражувач Тим Хардер од Институтот Фридрих Лефлер - германска институција за  истражување на здравјето на животните. Хардер е специјалист за болести кои можат да се појават и кај луѓето и кај животните - таканаречените зоонози. „Во суштина, така би можеле да замислиме појава на една пандемија, така би изгледал тој иницијален скок“, вели тој. Хардер е убеден дека ќе има повеќе пандемии во иднина. „Но, не знаеме од каде ќе дојдат, кога и со каков патоген“. 

Седумнаесетгодишникот од северниот дел на Германија најверојатно бил изолиран и прегледан поради сомнеж за корона, по што кај него бил пронајден истиот вирус, кој циркулирал меѓу свињите. Но, што ако одгледувачот на свињи едноставно легне во кревет со симптоми на грип и не оди на лекар? Дали навреме ќе се открие потенцијално опасен патоген? 

Обврска за пријавување инфекции 

На прашање на Северногерманската телевизија (НДР), германското Министерство за здравство (БМГ) објави дека лекарите ќе треба да го пријават сомнежот за „инфекција со зоонозен грип“. Меѓутоа, во исто време, тие потврдија дека сопствениците на животни и ветеринарите не се обврзани да подлежат на лекарски преглед, доколку имаат симптоми на грип. 

Symbolbild Tierseuchen | Geflügel

Уништување живина поради птичји грип во Франција во 2017 година

Во секој случај, Институтот Фридрих Лефлер, е одговорен за испитување на вируси, кои се пренесуваат на луѓето од штали и живинарници. Многу од овие вируси се чуваат на минус 80 степени во замрзнувачот во лабораториското крило на Институтот. Истражувачот Хардер ги нарекува негово „богатство“. 

Вирусен коктел во свиња 

Хардер е лично заинтересиран за свињите, бидејќи тие можат да се заразат со човечки вируси, но и со вируси од живина или диви птици. Овој истражувач наведува како овие вируси меѓу свињите би можеле да го разменат својот генетски материјал. На тој начин, различни состојки би можеле да направат опасен коктел, објаснува Хардер, и така би можеле да се појават нови опасни пандемиски вируси.  

Пандемијата од грип во 2009 година, исто така, покажа дека таков коктел од вируси претставува вистинска опасност. Во тоа време, таканаречениот свински грип настана од вирус, кој ги содржеше гените на вирусот што беа пронајдени кај луѓето, свињите и птиците. „Овие вируси се сретнаа во еден момент кај свињите во Централна Америка“, објаснува Хардер. Така се појавила варијанта која потоа се пренесувала од човек на човек. 

Вируси на грип кои циркулираат меѓу птиците 

Сепак, луѓето можат да се заразат не само со вирусот на свински грип, туку и со вирусот на птичји грип, или да го добијат вирусот од живина. РКИ проценува дека вирусите на грип, кои циркулираат меѓу птиците, претставуваат поголем ризик од ширење на сериозни болести и пандемии од свинските патогени вируси. 

Птичјиот грип, исто така предизвикан од вируси на грип, сега стана голем проблем во Германија. „Епидемијата минатата зима беше навистина најголемата што некогаш сме ја имале во Германија“, рече ветеринарката Урсула Гердес од Фондот за инфективни болести на животните во Долна Саксонија, која обезбедува финансиска поддршка за сузбивање на зараза кај добиток и живина. „Отпрвин, имаше неверојатен број заразени диви птици на бреговите и беше прашање на време кога инфекцијата ќе се прошири на домашната живина“, вели таа. 

Првиот случај на птичји грип оваа есен 

Пред само неколку дена, првиот случај на птичји грип беше откриен кај патка во провинцијата Шлезвиг-Холштајн. Повеќе од два милиони животни беа убиени минатата зима со цел да се спречат последиците од ширењето на оваа заразна болест. „Во последните неколку години, неколку пати забележавме дека областите каде што има голем број мисирки се особено погодени“, вели ветеринарката Гердес. Таа додава дека ова е особено случај во општините Долна Саксонија во Безел и Гарел, каде има повеќе од 6.000 мисирки на квадратен километар. Вирусот го пренесуваат луѓето. 

BdW Global Ideas Bild der Woche KW 34/2016 Deutschland Massentierhaltung

Инфекциите на гуски, кокошки и мисирки не го доведуваат во прашање само здравјето на животните и профитабилноста на живинарските фарми, туку и здравјето на луѓето.

 

Хардер, кој е и шеф на Националната референтна лабораторија за птичји грип, рече дека и ветерот може да го пренесе вирусот во живинарниците. Живеалиштата за мисирки се отворени од страна, па се чини дека навлегувањето на вирусот овде е полесно отколку, на пример, во затворени кокошарници. 

Намалување на бројот на живина 

Министерството за земјоделство на Долна Саксонија ѝ призна на НДР дека треба да се намали бројот на живина во областите кои почесто се погодени. Затоа, ова министерство препорачува во иднина живинарниците за мисирки да се затворат како кокошарниците. Тој, сепак, наведува дека проблем претставуваат законите за изградба на живинарници. 

Инфекциите на гуски, кокошки и мисирки не го доведуваат во прашање само здравјето на животните и профитабилноста на живинарските фарми, туку и здравјето на луѓето. Затоа институтот Роберт Кох препорачува сите лица кои имаат контакт со живина да се вакцинираат против грип, со цел да се спречат двојни инфекции со вируси на грип што циркулираат во текот на сезоната. 

Не е познато колку одгледувачи на живина всушност биле вакцинирани. Берлинското Министерство за здравство вели дека нема достапни податоци. На тоа прашање не можеше да одговори ниту здружението за живинарска индустрија. 

И луѓето можат да се заразат 

Ветеринарниот истражувач Хардер посочува дека вирусот на птичји грип, кој се појави минатата зима, во неколку случаи доведе до инфекции кај луѓето, но дека тие поминаа полесно и без фатален исход. Но, има и други вируси кај птиците, кои се појавија во Азија и Северна Африка. Хардер верува дека тие најверојатно ќе се пренесат на луѓето и дека би можеле да предизвикаат смртоносни инфекции.

DW.COM

Поврзана содржина