1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слаба грижа за македонскиот јазик

Сузана Тодоровска-Павлоска23 април 2012

Веќе 14 години со донесувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик постои обврска за правилна употреба на македонскиот јазик. Но, грижата за македонскиот јазик не е на високо ниво

https://p.dw.com/p/14jMV
Фотографија: DW

Најголемо непочитување на правилната употреба на стандардниот македонски јазик има во институциите, службената комуникација, кај јавните личности и во медиумите. Се користат дијалекти и жаргони, а сериозни грешки се прават и во акцентирањето на зборовите. На ова реагирал и Советот за македонски јазик. „И политичарите треба да поминат обука за правоговор“, вели за ДВ, д-р Веселинка Лаброска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и член на Советот за македонски јазик при Министерството за култура.

„Прво и задолжително сите министерства треба да вработат лектор. Тој е задолжен да ги излекторира сите пишани текстови, документи пред да се објават. Сите тие треба, или самите да се потрудат да си го подобрат јазичниот израз и да не користат дијалектизми, жаргонизми или некоја над-лексика што не влегува во стандардниот македонски јазик или пак да има можности за обуки во рамките на самите медиуми или институциите. Искрено, и политичарите треба да поминат некаква обука за правоговор. Но, имаме и политичари кои се трудат убаво да зборуваат. Значи, сепак сè зависи од свеста и совеста на секој поединец.“

Странските јазици го збогатуваат животот, но мајчиниот јазик е основата

Од 2010 година според измените во Законот за употреба на македонскиот јазик, за објавен нелекториран текст од правни лица, фирми, медиуми, институции, следува казна од 1.000 до 1.500 евра. Глоба во износ од 600 до 800 евра се изрекува за прекршокот објавување на нелекториран текст и на одговорното лице. Фирмите, излозите, кафулињата - сеуште многу често се напишани на странски јазик. „Но, често се казнува и има ефект“, вели Лаброска.

Mazedonien Veselinka Labroska
Д-р Веселинка ЛаброскаФотографија: DW

„Многу често тие се напишани на странски јазик , со туѓи имиња, латинични букви, што од друга страна го дозволил некој друг закон за регистрација на фирми што во моментов е во колизија со Законот за употреба на македонскиот јазик. Треба да се поработи на делот на употребата на латиницата на билбордите и при регистрацијата на фирмите.“

Процесот на глобализацијата наметна големо влијание на англискиот јазик и врз македонскиот јазик. Но, не се работи за некакво уништување на македонскиот јазик туку Лаброска тоа го објаснува како моментна тенденција во светски рамки.

Македонија нема темелна стратегија за заштита на македонскиот јазик

„Споредено со пред 10 или 20 години македонскиот јазик трпи сериозен развој, но правната регулатива која е неопходна, не може многу да придонесе за свеста кај луѓето, дека употребата на македонскиот литературен јазик е она што се тие самите“, вели за ДВ д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева од Институтот за македонска литература.

Mazedonische Zeitungen am Kiosk in Skopje
Фотографија: AP

Таа ги лоцира најголемите проблеми во оваа сфера: институциите задолжени за проучување и негување на македонскиот јазик да подготват доволно речници и разбирливи прирачници; да се работи на поедноставување на правописните правила, а јазичните норми и правила да им се доближат на секојдневните потреби на учениците во основното и средното образование.

„Додека граѓаните во Македонија не осознаат дека без јазикот не можат да се осознаат себеси ниту пак да го опишат светот што ги опкружува , сè дотогаш нема да имаме некој голем позитивен ефект во грижата за сопствениот јазик. Самата регулатива е еден од условите но, ми се чини дека многу повеќе треба да се работи на подигање на свеста кај луѓето. Ми се чини дека ни експертите по јазик немаат доволно чувство за она што е одомаќено во македонскиот јазик. Се прават одделни напори за тоа да се чува и негува македонскиот литературен јазик меѓутоа, сериозна темелна стратегија ми се чини дека сеуште немаме.“

Д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева апелира до државата и експертите да дефинираат јасна стратегија за грижа и збогатување на македонскиот литературен јазик.