Скопје-Софија: Довербата посилна од фобијата | Македонија | DW | 21.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Скопје-Софија: Довербата посилна од фобијата

Старите фобии и историски тези на „трговци-поединци“ нема да ја нарушат можноста Македонија и Бугарија да отворат нова страница во меѓусебните односи, е ставот што преовладува во двете земји по средбата Заев-Борисов.

„Добар почеток за првите соседи“, „Скопје и Софија најпосле се разбраа“ „Нова страница во односите меѓу Македонија и Бугарија“, „Историјата да нѐ зближува, а не да нѐ оддалечува“... Овие наслови во бугарските медиуми сведочат за темите за кои македонскиот премиер Зоран Заев и владината делегација вчера разговараа со домаќините во Софија. Новиот македонски пристап во градењето доверба, соработка и пријателство со првите соседи, и пријателскиот одговор на официјална Софија, се поздравени во јавноста во двете земји. Особено е поздравена идејата улица во Софија да го носи името на покојниот македонски претседател, Борис Трајковски, а улица во Скопје - името на покојниот бугарски претседател, Жељу Желев.  

„Тоа е одличен предлог“, вели македонскиот историчар Тодор Чепреганов. Дополнителни аргументи не се потребни. Жељу Желев, првиот демократски избран претседател на Бугарија, земјата која прва ја призна независноста на Република Македонија, важи за голем пријател на Македонија и беше одликуван со највисокото државно признание, орденот „8-ми Септември“. Тој ѝ помогна на Македонија да го преживее грчкото ембарго, повикуваше на безусловна поддршка на Софија за македонската евроинтеграција, а одигра значајна улога во процесот на меѓународното признавање на Македонија под нејзиното уставно име.

„Тоа што улица во Скопје ќе го носи името на Желев е одличен гест“, „Можевме тоа да го направиме и порано“, „Крај за фобијата, почеток за довербата“, се дел од коментарите на социјалните мрежи.    

Фобии и стереотипи

Се разбира, има и исклучоци, секогаш кога се работи за разбивање на табуата и стереотипите градени долги години. Духовите ги разбранува најавата дека премиерите Заев и Борисов ќе го потпишат Договорот за добрососедство на 2-ри август годинава, кога бугарскиот премиер ќе се поклони пред споменикот на Илинденците, како што Заев се поклони пред споменикот на цар Самуил во Софија. 

„Заев се откажува од македонската историја“, „На Бугарија ѝ го подаруваме најзначајниот македонски празник“... Под овие наслови, медиуми под контрола на опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека се подготвува Договор за добрососедство со три спорни точки - откажување од македонското малцинство, откажување од македонската историја и откажување од македонскиот јазик. Тезата ја подгреваат историчари од двете земји - едни кои велат дека „Македонија конечно ќе престане да ја краде туѓата историја“, други дека „со заедничко чествување на Илинден Македонија ја губи посебноста на најважниот датум во историјата“ и дека „Бугарија ни ја признава државата, но не и јазикот“.

„Јазик не се признава. Се признава држава. Македонија е признаена и никој може да ѝ го оспори јазикот“, вели Стојан Андов, првиот претседател на повеќепартиското Собрание. Според него, вакви фобии и тези на „трговци-поединци“ нема да ја нарушат можноста Македонија и Бугарија да отворат нова страница во меѓусебните односи.   

„Ова е одличен почеток за Македонија и Бугарија, бидејќи се отвора пат за поинакви односи и состојби во регионот. Атмосферата меѓу дел од историчарите е лоша, но таа треба да се канализира преку активностите на Акедемиите на двете земји. МАНУ веќе има добро искуство со Бугарската акaдемија на науките и уметностите. И таму се смируваат работите“, вели Андов.

Bulgarien Mazedonien Zaev bei Borissow in Sofia (Reuters/S. Nenov)

Македонскиот и бугарскиот премиер вчера од Софија најавија нова страница во државните односи

Стабилност и на Македонија, и на регионот

Оние кои сакаат да гледаат иднината, а не во минатото, го потенцираат придобивките од добрососедските односи, особено за европските перспективи на Македонија по преземањето на претседателството на ЕУ, од страна на Република Бугарија во јануари 2018 година.

„Бугарија може да биде мостот за Македонија кон Европа“, изјави Красимир Узунов, претседател на Агенцијата и Радио „Фокус“, Красимир Узунов.

„Македонија нема време да мисли дека е папокот на цивилизацијата, каде без неа ништо не може да се случи. Тие десет години владеење на Груевски, горе-долу потиснаа се што може да мисли поразлично надвор од кланот на Груевски во Македонија. Затоа, премиерот на Бугариja е вo право, дека по изборот на нова влада во Македонија, практично се создаде можност да се работи повеќе за европската интеграција на Македонија“, изјави Узунов. Тој додава дека тоа не значи оти ЕУ-интеграцијата ќе биде брза, бидејќи Македонија треба да се реформира, и на прво место да стане членка на НАТО.

Заложбата на Македонија за членство во НАТО, државните и дипломатски активности на тој план заради стабилност на регионот, веќе влијаат и врз соседите. Во Белград се поставува прашањето дали Србија преку заложбата за „неутралност“ ќе биде единствената земја во регионот што ќе остане надвор од рамките на Алијансата? Според претседателот на Атлантскиот совет на Србија, Владан Живуловиќ, „тоа не е добра стратегија“. Од тој аспект, во офанзивата на Македонија за придвижување на интегративните процеси, се гледа како на добар потег кој води кон нејзино, но и зацврстување и на стабилноста на целиот регион.

DW.COM

Реклама