Скопје се полни со народ, секој стигнува како ќе се снајде! | Северна Македонија | DW | 17.05.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Скопје се полни со народ, секој стигнува како ќе се снајде!

Во Скопје масовно стигнуваат граѓани од внатрешноста на големиот натпартиски антивладин протест во 14 часот. Но, сите без исклучок потврдуваат дека полициски контроли на патиштата ги застануваат автобусите и комбињата

Едни со автобус, други со воз, трети со свој превоз - кој како се снашол, луѓето доаѓаат во Скопје. Но, сите без исклучок потврдуваат дека полициски контроли на патиштата ги застануваат автобусите и комбињата, а во некои случаи и патничките возила, заради наводна „рутинска сообраќајна контрола“. Граѓани претходно објавија на социјалните мрежи и фотографија дека кај Градско има застој на патот поради камион со приколка кој, случајно или не, е испречен токму на патот и го блокира сообраќајот. Граѓани кои тргнале од Делчево и Македонска Каменица велат дека полицијата прави проверки на неколку пунктови.

„Два пати не‘ запиреа откако тргнавме од Делчево. Мислам дека сакаат да не‘ спречат навреме да стигнеме во Скопје“, се сомневаат граѓаните. Над 2.000 битолчани кои тргнале во колона од Битола со 19 автобуси, 14 минибуси и дестици автомобили се очекува наскоро да стигнат во Скопје. Ниту еден од битолските превозници не се нафатил да го превезува денеска за Скопје, па битолчани успеале да закупат автобуси од Тетово, Кичево и Неготино.

Граѓани од Тетово, град кој е на најкратка дистанца до Скопје, и најмногу од нив доаѓаат со сопствен превоз, се жалат дека полициски сниматели се движат на пунктовите од каде било закажано тргнувањето кон Скопје и ги снимале сите што заминуваат на протестот.

Зградата на Владата од сите страни е оградена и заштитена со големо полициско обезбедување, а граѓани на социјалните мрежи објавија фотографии на кои се гледа колона полициски возила како се движи од Влае кон центарот на Скопје. И додека од сите влезови на Скопје постепено доаѓаат граѓани, во центарот на градот се‘ е подготвено за почеток на големиот протест. Во близина на Владата, на крстосницатата на булеварите „Илинден“ и „Климент Охридски“ е поставена бина, од каде денеска и во наредните денови ќе се обратат многу јавни личности од земјава и странство, интелектуалци и политичари. Како што најавуваат од СДСМ, пред граѓаните во име на здружената опозиција и граѓанска коалиција денеска ќе се обрати лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, а свое обраќање ќе имаат и поранешниот бугарски премиер Сергеј Станишев и Кнут Флекенштајн, потпретседател на групата социјалисти во Европскиот парламент. Како говорници се најавени и голем број интелектуалци, претставници на пленуми и невладини организации. Помеѓу нивните обраќања, музички настап ќе имаат новинарскиот бенд „Рипортерс“ и други домашни групи.

DW.COM