Скопје и Атина охрабрени од Берлин | Северна Македонија | DW | 22.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Скопје и Атина охрабрени од Берлин

Со големо внимание во Скопе и Атина се анализира оценката на Меркел дека „Македонија и Грција никогаш не биле поблиску до решение“. Медиумите и аналитичарите нотираат важни пораки на охрабрување за двете земји

Исклучително значајна, важна, охрабрувачка... Ова се епитетите што ги доби вчерашната средба на премиерот Зоран Заев со канцеларката Ангела Меркел во Берлин. Оценката на Меркел дека „Македонија и Грција никогаш не биле поблиску до решението“ е пренесена во сите медиуми во соседството и регионот, каде внимателно се анализира секоја порака од официјален Берлин. Oсобено, во Грција. Под наслов „Оптимизмот на Меркел за името“ весникот „Катимерини“ ја пренесува оваа главна оценка на германската канцеларка, со потсетување дека истата тема ќе биде на агендата и на утрешните разговорите Меркел-Ципрас во Брисел. Во текст под наслов „Зоран Заев: Немаме иредентистички аспирации“, се пренесени сите изјави на македонскиот премиер во Берлин, посветени на градењето на доверба меѓу Грција и Македонија, со цел да се дојде до решение што ќе обезбеди достоинство и гаранции за партнерството на двете земји во иднина.  
И домашните аналитичари со внимание ги анализираат сигналите од Берлин.

„Очигледно е дека постои оркестриран напор од побитните центри на западната моќ да го туркаат процесот кон решение за спорот за името“, оценува поранешниот министер за надворешни работи и амбасадор, Денко Малески.

Повеќе: 

-Заев за ДВ: 2018. може да биде историска година за Македонија

-Меркел: Македонија и Грција никогаш не биле поблиску до решението

„Но, очигледно е и дека во оркестарот секој ја свири својата музика. Имено, видлив е поразличен пристап меѓу политиките на Германија и САД во начинот на кој предлагаат да се дојде до решение. САД притискаат, а Германија не е приврзаник на такво нешто, и Меркел јасно го нагласи тоа.  Во Германија постои внимателност, која произлегува од ставот дека притисокот не е секогаш продуктивен и дека може да предизвика нелагодност“, вели Малески.

Според него, сега е најважно да се раздвои прашањето за името од други „јазли“ кои се надоврзуваат на него, особено по оценка дека земјите никогаш не биле поблиску до решение.    

Законите на преговарање

Поранешниот македонски амбасадор во Германија, Ѓорги Филипов, констатира дека е очигледно оти средбата на премиерот Заев со кацеларката Меркел поминала во срдечна и искрена атмосфера.

„Меркел го нагласи значењето на Берлинскиот процес за целиот регион на Западен Балкан, првенствено од економска, а потоа и од политичка гледна точка. Евроатлантските интеграции, како тема, директно го допираат и прашањето за решавање на спорот за името. Меркел ги охрабри двете земји да ги доведат преговорите до решение, кажувајќи дека разговарала со грчкиот премиер Ципрас. И тој, и Заев, и рекле дека е можно наоѓање на решение. Таа строго, но многу јасно потенцира дека разговорите се водат премногу јавно, со што се ремети преговарачкиот процес. Законите на преговарање мора да се почитуваат ако се сака да се изнајде решение за одредено прашање со преговори. Критиката, која беше изразена повеќе како општа констатација, отколку како директна 'критика' кон шефовите на двете влади, треба да вроди со плод и да даде резултати до мај годинава, за да можат оперативно да се спроведат некои чекори за евроатланското приближување на Македонија“, вели Филипов. 

Според него, значајна е пораката на Меркел дека „компромисот што ќе се постигне ќе биде подеднакво болен за двете страни“, но дека би било добро некои прашања да се разрешат пред состанокот на земјите на ЕУ во Бугарија, и дека некои реформи во РМ треба да се одвиваат побрзо. 

„Иако и досега Меркел го употребувала името Македонија и придавката македонски, овој пат, барем на прес-конференцијата, тоа го повтори невообичаено голем број пати, па некои од присутните се рашуваа дали тоа евентуално нешто значи“, забележува Филипов. 

Повеќе: 

-Меркел за спорот за името: Компромисите се болни, но неопходни

-Заев: идентитетот не е тема во ниту една точка од преговорите

Гледај видео 01:18

Меркел: Германија ќе помогне онаму каде може во спорот за името

Притоа потенцира дека Германија е најважен економски партнер на РМ со размена од 3.155 милијарди евра, а речиси 60% од вкупниот извоз на РМ во ЕУ е извоз во Германија.

„Секако дека улогата на Германија во Европската централна банка, во Светската банка и во ММФ е голема, оттаму и надворешната финансиска кредитна поддршка на змјата зависи многу и од оваа земја. Самите случувања со најновите позајмувања на РМ од надворешни извори говорат дека Македонија повторно добива поткрепа на овој план“, оценува амбасадорот.

Плодно партнерство -25 години

Плодната соработка со Сојузна Република Германија ја потврдуваат и преку 200 компании што имаат воспоставено бизнис релации со македонските компании, а компаниите што основаа свои фабрики во Република Македонија отворија речиси 20 илјади работни места. А, во годината во која се одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, длабокото партнерство било потврдено и на вчерашната средбата на премиерот Заев со германскиот претседател Франк-Волтер Штајнмаер.

Како што соопшти владината прес-служба тие го оцениле како исклучително позитивен и динамичен досегашниот развој на односите меѓу  Македонија и Германија, и заеднички се согласиле и понатаму да продолжат тие релации, кои се од особено значење за претстојниот, клучен период за Република Македонија.

Гледај видео 06:24

Заев за ДВ: Спорот за името може да се реши и пред самитот на НАТО

Заев, и неговиот домаќин размениле мислења за активната соработка во сферата на безбедноста и одбранбените политики, и членството на Македонија во НАТО. Претставници на Армијата на Република Македонија се дел од редовните обуки во армиските институции на Германија, како и во заедничките мировни мисии. Особено бил истакнат ангажманот на македонските војници кои рамноправно и професионално ги извршуваат мировните задачи во рамки на мисијата во Авганистан, во рамките на германскиот контингент.

Претседателот Штајнмаер оценил дека се направени видливи и значајни промени во придвижувањето на земјата напред и спроведување на реформите и дека решение на спорот со Грција ќе даде позитивен импулс за целиот регион и значително ќе влијае на стабилноста.

„Фокусот е да се гради нов дух во нашите односи, да се отвори дијалог за решавање на нерешените прашања, да се изградат мостови за соработка базирани на взаемна доверба и почит“, истакнал на средбата премиерот Заев.

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама