Скопје во исчекување, Атина во трка по две мнозинства | Северна Македонија | DW | 14.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Скопје во исчекување, Атина во трка по две мнозинства

Во деновите кога е соочен со гласање доверба на Владата, Ципрас ја повтори посветеноста на Договорот од Преспа, и му честиташе на премиерот Заев за храброста што ја покажал од почетокот до крајот на процесот.

Властите во Атина се во трка по две мнозинства - едното за доверба во Владата на Алексис Ципрас која остана без коалицискиот партнер Независни Грци (АНЕЛ), и второ - за поддршка на Договорот од Преспа. Според грчките медиуми, и двете гласања се сметаат како проверка на Договорот од Преспа, бидејќи тој е повод и за турбуленциите во Владата, но се потпираат и на исти гласови надвор од оние кои ги има Сириза во парламентот (145). Според грчките медиуми, иако се можни „одредени неизвесности“, сепак се очекува двете гласања да поминат успешно - со неопходното мнозинство од 151 глас, па до можни 153.

Во Македонија владее уверност дека македонско-грчкиот договор нема да биде доведен во прашање. По заминувањето на Панос Каменос од грчката влада, македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров вчера разговарал со својот грчки колега Јоргос Катругалос.

Westbalkan Gipfel in London Nikola Dimitrov (Imago/A. Parsons)

Македонскиот министер за надворешни работи Димитров разговарал со грчкиот колега Катругалос

„Добив уверување дека грчката Влада останува силно посветена согласно со националните интереси на Грција да ја заврши работата со Преспанскиот договор“, изјави вчера Димитров.

Оптимизам околу извесната поддршка на „Преспа“ Владее и во Грција. Но, заради политичките потреси во Владата, прво таа ќе мора да го помине тестот на доверба. Претседателот на грчкиот парламент, Никос Вуцис, денеска треба да се сретне со потпретседателите на парламентот, за да расправаат за барањето на премиерот Ципрас за гласање доверба на владата, откако АНЕЛ се повлече од владината коалиција. Според грчката агенција АНА-МПА, врз основа на законските рокови, Вуцис планира седницата за довербата на владата да ја закаже во вторник напладне. Расправата не треба да трае повеќе од три дена, а неофицијално, се очекува гласањето да заврши многу порано - во среда навечер. Иако не се исклучуваат и „можни неизвесности“, генерално, медиумите прогнозираат опстанок на владата на Ципрас. Но, заради планирани економски реформи кои не би било добро да ги спроведува малцинска влада, како и со цел да не се изгуби цела 2019 година со оглед дека парламентарните избори се закажани за октомври, дел од грчките аналитичари сметаат дека е можно таквата ситуација природно да наложи притисок за поместување на изборите напролет.

Повеќе: 

Губитници и добитници, и еден победник - Македонија!

До последниот здив

Ципрас: Му честитам на Заев за храброста

По „разводот“ со националистичката АНЕЛ на Панос Каменос, и грчки и странски медиуми деновиве коментираат дека Ципрас на домашен терен плаќа висока цена за храбрста да стави крај на спорот за името, и дека заслужува да добие европска поддршка за тој чин, бидејќи пропаѓањето на Договорот би било огромна грешка.

За придобивките од Договорот вчера на голема тематска дебата за „Преспа“ во Атина говореше и лично Ципрас. Тој му честиташе, како што рече, „на својот пријател Зоран Заев, за храброста и смелоста што ја покажал од почетокот до крајот на овој процес“. 

Griechenland, Athen: Alexis Tsiprasspricht vor der Presse (Reuters/A. Konstantinidis)

Ципрас: Вистински патриотизам не е да ги мразите другите народи

„По 23 години, нашата соседна земја го остави зад себе своето преодно име, името што беше решено во привремената спогодба од 1995 година. Го остави зад себе името Поранешна Југословенска Република Македонија. Но, најважното нешто што таа го остава зад себе, е нејзиното уставно име, кое го признаа повеќе од 130 земји во светот, вклучувајќи ги и најважните како САД, Русија, Кина и други. Од вчера нејзиното официјално и уставно име е Република Северна Македонија, што е она што Грците го бараа толку многу години. Композитно име, со географска идентификација, кое ќе се користи во сите прилики, внатре во соседната земја и во странство“, рече Ципрас.

Тој упати критика до грчките опоненти на Договорот, прашувајќи ги што точно наоѓаат како изговор за критика.

„Оние кои денес велат дека тие не се согласуваат со линијата на сложено име со терминот Македонија, со географска одредница и за севкупна употреба, со години ја имаа оваа позиција и ја бранеа од страна на нивните влади“, потсети Ципрас.

Нагласи дека пораката на Договорот за Преспа станува уште поважна ако се имаат предвид примери на шовинизам, расизам и нетолеранција во Европа.

„Вистински патриотизам не е да ги мразите другите народи или вашите соседи. Вистински партиотизам е да се борите и да ја покажете вашата татковина како протагонист на мирот, на разбирање меѓу народите и на економски и социјален напредок, во регион и во свет кој постојано се дестабилизира“, порача синоќа Ципрас.

Заев: Создаваме траен мир и пријателство

Вакви пораки, беа испратени и од Скопје, веднаш по изгласувањето на уставните измени во македонското Собрание. На прашање на новинар од Солун - каква е личната порака на премиерот Заевза граѓаните од тој град, со оглед дека дел го прифаќаат Договорот, а дел - не, македонскиот премиер испрати повеќе пораки за пријателство.

„Ситуацијата во Солун и во Грција, е иста како и во нашата Македонија. Зборувам и за горчината од оваа одлука, но и за придобивките, за големината и за гордоста од самата одлука. Сакам да испратам сериозна порака до пријателите во Грција. Нашиот парламент смогна сили. Не беше лесно, но донесовме одлука со огромна надеж за иднината. Верувам дека и грчкиот парламент ќе смогне сили и ќе донесе одлука“, рече Заев.

Mazedonien Skopje - Pressekonferenz: Premierminister Zoran Zaev (Mazedonien Regierung)

Заев: Не беше лесно, но донесовме одлука со огромна надеж за иднината

Притоа, потенцираше дека најважната алка во целиот процес се граѓаните на двете земји.

„Но, многу поважни се граѓаните. Прво, добиваме еден нов пријател, а и Грција добива пријател, Северна Македонија. Тоа отвора огромни преспективи за сите. Имаме договор за пријателство и за стратегиска соработка. Грција повторно станува највлијателната земја во регионот. Овој договор придонесува за траен мир, стабилност и економски просперитет во целиот регион, а и за самата Грција. Само во 2018 година трговијата меѓу нашата земја и Грција е зголемена за 18,7 %. По гласањето во грчкиот парламент овие проценти ќе пораснат. Економијата ќе расте, ќе имаме соработки, нови пријателства меѓу граѓаните на двете земји. Од Грција ќе доаѓаат во Гевгелија, Скопје, Кавадарци, Прилеп, Битола... Ние ќе одиме таму. Сето тоа носи предност, подобар живот, перспектива. Затоа да се радуваме на овој договор затоа што тоа е договор за пријателство, и модел за изнаоѓање решенија за вака чувствителни прашања“, порача Заев.

DW.COM

Реклама