Скопје без одговор на пораките од Атина и Софија | Македонија | DW | 05.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Скопје без одговор на пораките од Атина и Софија

Без македонски одговор остана соседскиот повик за изградба на демократски вредности. Домашните политичари деновиве беа зафатени со празнични говори, а по празникот заминаа на одмор

Изостана одговор од македонските власти на пораката од првите соседи - Грција и Бугарија, со која тие ги повикаа земјите од Балканот да покажат демократски вредности и да го напуштат стариот националистички менталитет. Пораката беше испратена преку заедничката декларација на грчката и на бугарската влада, потпишана во Софија по третата заедничка седница на владите на двете земји.

Стигна на Илинден, кога овдешните власти беа зафатени со празнични говори, а дел од нив веднаш по празникот заминаа на одмор.

Грција и Бугарија во заедничката декларација посочија дека балканските држави и понатаму се од стратегиска важност за ЕУ и за НАТО и ќе бидат поддржувани во нивните обиди за приклучување на овие меѓународни институции, под услов да продолжат да се придржуваат до критериумите и на условите за членство во овие организации.

„Брзината на пристапниот процес зависи од принципот на 'сопствени заслуги' и од потребните реформи кои треба да продолжат да се спроведуваат преку зрел и сеопфатен демократски дијалог на целото општество, за да се осигура и стабилност и демократско владеење, наместо да мора да се избира една од овие работи“, се вели во декларацијата.

Во потрага по избалансирани формулации

На внатрешен план Македонија веќе подолг период е соочена со длабока политичка криза, која кулминира по растечката правна, институционална и морална криза, токму поради нарушеното владеење на правото, отуството на дијалог и културата на длабока поделеност. На надворешен - и со двете земји има нерешени проблеми. Како што во една прилика изјави министерот за надворешни работи, Никола Попоски, „има планини меѓу ставовите на Македонија и на Грција околу позициите за името“. Поради актуелната криза во Македонија, решавањето на овој спор е одложено за „подобри времиња“.

Со Бугарија, пак, со години се усогласува Договорот за доброседство, иако во повеќе наврати беше најавувано дека има волја и подготвеност од двете страни да се постигне финално решение. И сега надежта не е исклучена. Од македонското Министерство за надворешни работи се надеваат дека на следната средба ќе биде постигнат напредок.

„Продолжуваме да се залагаме за балансиран и искрен пристап во преговорите за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Изразуваме задоволство што на последната средба двете работни групи во конструктивна атмосфера разменија мислења и ставови за текстот на идниот договор. Посакуваме конструктивост и отворен пристап во изнаоѓањето на избалансирани формулации кои би ги помириле преостанатите разлики во видувањата на двете страни, со цел нивно одржливо надминување. Очекуваме на следната средба на работните групи да биде постигнат напредок во доусогласувањето на предлог текстот на договорот“, велат од МНР.

Спорен превод

Но, на тој пат постојано се исправаат нови пречки. Бугарските медиуми изминативе месеци големо внимание му посветија на „фалсификуваниот превод на делата на бугарскиот писател Димитар Талев“ („Железниот светилник“ и други) објавени од приватна издавачка куќа во Македонија, но со финансиска поддршка од македонското Министерство за култура. Притоа потенцираа дека тоа било сторено без да бидат платени авторските права кои се важечки 70 години по смртта на авторот, а нивни носители се и неговите наследници. Но, за најголем проблем го истакнуваат тоа што „книгите не биле преведени, туку прераскажани, на јазикот кој Талев не го признава“.

„Најфрапантен е фалсификатот на оригиналниот литературен текст, во кој зборовите 'Бугари и 'бугарски' биле заменети со 'Македонци' и 'македонски', а цели делови во кои литературните херои го искажуваат бугарското национално самосознание, едноставно се исечени“, објави „Труд“ во текст под наслов „Македонци го крадат 'Железниот светилник'“. „Истата тема беше третирана и во други медиуми, кои пренесоа дека бугарското Министерство за култура побарало одговор од македонското околу почитувањето на авторските права според членот 12 од Програмата за соработка во областа на културата, што двете министерства ја потпишале за периодот од 2015 до 2017 година. Како што објавија, со проблемот биле запознати и бугарските европратеници, кои подготвиле специјална декларација до Европарламент и до ЕК, која го следи напредокот на Македонија на патот кон членство во ЕУ. Од македонското Министерство за култура не беа достапни за објаснување дали и како се решил овој случај во изминатите месеци.

Но, според ставовите искажани во грчко-бугарската декларација, впечатокот е дека процесите за надминување на проблемите на Балканот бавно се одвиваат. Тие изразија загриженост од случувањата во регионот и испратија порака дека ги поттикнуваат политичките лидери да покажат во практика дека се посветени на демократските вредности, владеењето на правото, човековите права и на почитувањето на интересот на сите граѓани.

„Ги осудуваме националистичката реторика и недемократските дела и потсетуваме дека сите држави од Југоисточна Европа се обврзани да го следат патот на европската интеграција со почит кон вредностите и кон принципите на ЕУ, напуштајќи ги негативните однесувања и ставови од минатото“, истакнаа бугарскиот и грчкиот премиер во декларацијата.

Меѓу домашните аналитичари нема оптимизам дека Македонија во блиска иднина ќе направи каков било исчекор во однос на нерешените проблеми со соседите, со оглед дека се уште е заглавена со внатрешните, притоа без искрена волја да се соочи со решавање на клучните системски дефекти и да ги спроведе очекуваните реформи.

Поврзана содржина

Реклама