Скопски бизнисмен ја открива шемата како се купувале плацовите на Водно | Северна Македонија | DW | 28.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Скопски бизнисмен ја открива шемата како се купувале плацовите на Водно

Груевски од Унгарија се јавувал и барал стан во Центар за сопругата и децата, сведочеше денеска бизнисменот Александар Ивановски, познат како Алек Теранова.

Поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија, од унгарски број му се јавил на бизнисменот Александар Ивановски, познат како Алек Теранова, и барал стан во Центар за својата сопруга и децата.

„Во 2018 година, по неговото  бегство, добив порака од унгарски телефонски број и Груевски ме прашуваше дали имам станови во Центар во Скопје за неговата сопруга. Му кажав дека немам, дека имам станови само во Аеродром во градба, коишто ќе бидат готови во 2020 година“, сведечеше Ивановски на денешното судско рочиште за „Плацовите на Водно“. Тој, како посредник, ја откри шемата како се купувале имотите и кој стои зад купопродажбата. 

Сведочење

Груевски, според сведочењето на Ивановски, го барал и во октомври-ноември 2020 година, односно по отворањето на истрагата за „Плацеви на Водно“, по неговото сведочење во Обвинителство. Инаку, Ивановски е потписник на полномошното за отворање на фирма на „Сирах инженеринг“, фирма ќерка на офшор компанијата од Кипар којашто ги купи спорните плацови. Фирмата е купувач на две парцели од 11.000 квадратни метри на Водно, кои, според обвинението, екс премиерот Никола Груевски ги купил за себе со партиски пари. 

Nord-Mazedonien Saso Mijalkov

Обвинетиот Сашо Мијалков во вкрстено испрашување бараше одговор од Ивановски дали има некаков материјален доказ за неговите тврдења

Плацот имал повеќе сопственици, а ги застапувал Горан од Будва. Имотот бил стекнат со денационализација и се наоѓал во близина на шестата управа на МВР. Ивановски рече дека на група луѓе, меѓу кои бил и Мијалков, им спомнал дека земјиштето се продава. Мијалков, според тврдењата на сведокот, никогаш не му кажал кој е тајниот пријател за кој бара услуги, но тој сам сфатил од бомбите дека становите што ги купиле се за Никола Груевски.

Посредникот сведочеше и за купувањето на уште еден плац на Водно преку фирмата „ИКТ инженеринг“, која била формирана за таа намена, а како основач била неговата секретарка Татјана Стојановска. Таа ги купила и двата стана околу домот на Груевски за да не бидат на негово име, туку на име на неговата секретарка.

„Требаше да гласи на друго име, а 40-те илјади евра за тој помал стан ги обезбеди Никола Груевски. На секретарката Татјана Стојановска ѝ кажав за кого е станот. Во 2018 година бев викнат од возач на Груевски. Ми даде документи за договор за закуп на становите што таа ги потпиша. Документите ги вративме потпишани од секретарката“, рече Ивановски.

Вкрстено испрашување

Обвинетиот Сашо Мијалков во вкрстено испрашување бараше одговор од Ивановски дали има некаков материјален доказ за неговите тврдења, на што тој му рече: „Требало да сум ги снимал сите наши разговори за да имам докази, нели?“

Nord-Mazedonien | Orce Kamcev, mazedonischer Unternehmer

Претставник на амбасадата на Бугарија доби дозвола од судот да го посети Орце Камчев кој веќе седум месеци е во притвор

Во случајот „Плацеви на Водно“, поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет дека купувал имоти за 1,2 милиони евра, средства кои ги зел од членарините на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ. Покрај него, обвинети се и Ристо Новачевски, екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев, мајка му Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.

Советник од бугарската амбасада ќе го посети Камчев

На денешното судење беше обелоденето и дека амбасадата на Бугарија испратила барање до Министерството за правда и министерот Бојан Маричиќ да се дозволи на советник во амбасадата да го посети бизнисменот Јордан Камчев, кој од март годинава се наоѓа во притвор во затворот во Шуто Оризари како обвинет во предметот „Плацеви на Водно“.

-повеќе на темата: Невработениот Груевски со партиски пари купувал приватни имоти, тврди обвинителството

Судијата Илија Трпков даде согласност за посетата. „Има вербална нота доставена од амбасадата на Бугарија со барање до Министерството за правда да дозволи советникот Герман Ванчев да го посети државјанинот на Република Бугарија, Јордан Камчев. Од моја страна е дадена дозвола да се изврши таа посета исто како што беше и за Јан Фигел, иако во документите тогаш имаше само фотокопија од негов дипломатски пасош”, рече судијата Трпков. Посетата ќе се реализира на 5 ноември.