1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Скандал во Македонија“

A.Трајковска/ ард/ Зиддојче цајтунг/ Ханделсблат28 април 2014

Германските медиуми известија за двојните избори во Македонија и го пренесоа обвинувањето на опозицијата за изборна измама. Се пренесува и ставот на ДИК дека биле регистрирани само помали неправилности.

https://p.dw.com/p/1BpFD
Фотографија: MIA

„Опозицијата во Македонија не ги признава резултатите од претседателските и парламентарните избори“, објави првата програма на германската телевизија (АРД) вечерва на својата интернет страница. Во текстот насловен „Скандал во Македонија“ АРД пренесува:

„Социјалдемократската опозиција не го признава резултатот. Шефот на партијата Зоран Заев го обвини премиерот Никола Груевски дека во изборната кампања користел државни средства за да обезбеди реизбор за себе и за својот сојузник, претседателот Ѓорге Иванов. Исто така, биле купувани гласови“. Во текстот уште се цитира изјавата на шефот на СДСМ Заев дека „граѓаните беа измамени, немаше услови за слободни и фер избори“, и се наведува дека опозицијата бара нови избори органзирани од техничка влада.

АРД го пренесува и ставот на Државната изборна комисија дека изборите биле спроведени според прописите и дека биле регистрирани само помали неправилности. Германската телевизија ги пренесува и првичните резулатати од изборите, односно дека е во водство владејачката партија на премиерот Груевски и дека тој се надева на апсолутно мнозинство.

Весникот „Зиддојче цајтунг“ вечерва на својата интернет страница исто така објави: „Десноконзервативната влада победи на парламентарните и претседателските избори во Македонија. Опозицијата не ги признава изборите и укажува на масовна измама“. Онлајн изданието на весникот пренесува дека по пребројување на половина од избирачките места во јасно водство е владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, како и нејзиниот кандидат за претседател, актуелниот претседател Ѓорге Иванов.

Presseschau
Фотографија: Fotolia

„И покрај победата, новиот владин мандат за Груевски е под прашање. Имено опозицијата не го признава изборниот резултат поради наводни неправилности“, пишува „Зиддојче цајтунг“. Пренесена е изјавата на претседателот на СДСМ Зоран Заев, дадена по затворањето на избирачките места: „Македонските граѓани се измамени (...) изборите беа украдени“, неговото тврдење дека владата „масовно купувала гласови“ и притоа била поддржувана од полицијата, како и неговото барање за нови избори. „Зиддојче цајтунг“ понатаму пишува „Државната изборна комисија напротив потврди, дека изборите поминале во согласност со законите и дека биле регистрирани само помали неправилности.“

„Социјалдемократската опозиција во Македонија не ги признава парламентарните и претседателските избори од неделата поради наводини неправилности“, пишува вечерва „Ханделсблат“ онлајн и ги пренесува забелешките на претседателот на СДСМ Зоран Заев за текот на изборите. „Десноконзервативната влада на Никола Груевски 'не покажа подготвеност да се придржува до основните демократски принципи при избори'.

Владата ги контролира медиумите, правосудството и администрацијата, така што ѝ се предвидуваше јасна изборна победа. Опозицијата ќе бара повторување на изборите, рече Заев. Тие би требало да бидат организирани од техничка преодна влада.

Груевски, кој владее во сиромашната балканска земја осум години, како изборна цел си постави апсолутно мнозинство. Анкетите предвидуваа и јасна победа на неговиот кандидат на вториот круг од претседателските избори“, пишува онлајн изданието на „Ханделсблат“.