Скандал во Грција: левичарската совест против левичарскиот акционизам | Свет | DW | 14.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Скандал во Грција: левичарската совест против левичарскиот акционизам

На манифестација во знак на сеќавање на грчките жртви на нацизмот, левичарската политичарка Константопулу предизвика скандал. Легендарниот борец на отпорот Глезос ѝ ги покажа границите.

Во протоколот тоа не беше предвидено: кога германскиот амбасадор Петер Шоф, во текот на една манифестација, сакаше да положи венец во знак на сеќавање на жртвите од масакрот, кој единиците на нацистите го извеле врз грчки цивили во селото Дистомо, патот му го препречи во црнина облечена жена. „Немате никакво право на тоа. Платете ги германските репарации на жртвите,“ побара левичарската политичарка Зое Константополу, која во 2015 година како член на левичарската владејачка партија Сириза кратко време беше претседател на парламентот. 

На амбасадорот во помош му прискокна 94-годишниот борец на отпорот, Манолис Глезос: тој се подигна од своето место во првиот ред и го поведе Шоф за рака нанапред, за да може да го положи венецот. Гестот од публиката беше проследен со повиците „Браво“. „Детето на некој злосторник, па какво и да било неделото на неговиот татко или мајка, не е одговорно за него“, изјави познатиот грчки херој на отпорот од времето на нацистичката окупација. 

Борец на Левицата

Зое Константополу отсекогаш беше впечатлива појава: крупна телесна конституција, исклучителна конфронтирачка култура, длабоки познавања на правото. Со својот борбен дух и речитоста, реномираната адвокатка знае да ги одушеви младите гласачи и активисти. Откако политичка Атина сврте во лево во јануари 2015. година, тогашната политичарка на Сириза беше избрана за претседателка на парламентот, и пред целата јавност, уште на првата седница, го предупреди премиерот Алексис Ципрас дека детално ќе внимава на придржувањето кон Деловникот. Навидум како да се забавува, левичарскиот премиер реагираше со широка насмевка на лицето. Но, она што следеше, на сите вклучени не им беше воопшто забавно: Ципрас направи салто во насока на реализам, ставаше на гласање мерки за штедење во неделен такт. Спикерката на парламентот, употребувајќи ги сите финеси на Деловникот, можеше да ги забави, но веќе не и да го спречи донесувањето на законите. 

Кавгаџиски настроената правничка не ги одмолча ни спорните персонални одлуки. Незаборавна останува нејзината интервенција при назначувањето на нов директор на грчкиот јавен радио-телевизиски сервис, ЕРТ во 2015. година. Константинополу јасно го покажа своето несогласување околу предложениот кандидат и замоли за негово испрашување, што траеше цели десет часа. Посебно деликатно стана кога медиумскиот менаџер ја стави под прашалник (до денес сѐуште важечката) забрана за хонорарна работа во јавниот сервис. „Потребен ни е некој кој ќе го штимува клавирот за ЕРТ-оркестарот, но за жал, не можеме никого да најдеме, зашто не се дозволени хонорарни соработници. Тоа значи, мораме да вработиме некого на најмалку една година, за нашиот клавир да биде наштимуван“, се пожали кандидатот. „Кога веќе имате постојан оркестар во ЕРТ, тогаш Ви е потребен и еден постојано вработен клавир-штимер“, студено одврати Константинополу. 

SS-Massaker im griechischen Distomo 1944 (picture-alliance/dpa)

Нацистите извршија масакр во Дистомо во 1944. година, убивајќи 218 грчки цивили

Анкетна комисија како тајно оружје

Како претседателка на парламентот, адвокатката специјализирана за кривични процеси, посебно радо се впушташе во напади. Нејзино омилено оружје беа парламентарните анкетни комисии. Веднаш по стапувањето на функцијата, Константинополу иницираше комисија која требаше да разграничи кој дел од грчкиот државен долг е „легитимен“, а кој „противзаконски“ и како таков не мора да се враќа. Освен тоа, друга анкетна комисија требаше да ги пронајде „одговорните“ за стегањето на ременот од претходните години и да ги казни. Беше формирана посебна комисија за утврдување на „отворените воени побарувања“ против Германија од Втората светска војна. По ова прашање, Константополу доби поддршка, меѓу другите и од илегендарниот борец на отпорот во Грција, Манолис Глезос.

Во 1941. година човекот од зелениот остров Наксос си создаде име кога заедно со својот политички соборник, Апостолос Сиантис го сима омразеното знаме со кукаст крст од Акропол. По војната, Глезос се ангажираше прво во редовите на комунистите, но подоцна кај другите левичарски партии и групи, за во 2012. година да најде политичка татковина кај Сириза под водството на Ципрас. Оттогаш тој ја отелотворува совеста на Левицата во Грција.

Тој ги разбранува духовите во Европскиот парламент кога пред две години, со 92 години, постојано јавувајќи се за збор, потсетуваше на „воените долгови“ на Германија и денешната економска мизерија во Грција, иако темата на пленумот во Стразбур беше сосем друга. Но, неговото сојузништво со ратоборната парламентарна спикерка не издржа долго, бидејќи Константополу во летото 2015. година ја напушти владејачката партија Сириза, во знак на протест поради континуираната политика на штедење. Малку подоцна таа формираше свое политичко движење, кое се бори за „повторно воспоставување на демократијата“ во земјата и за исплаќање на воени репарации од страна на Германија. Според некои анкети, новата партија е нешто под цензусот од три проценти за влез во парламентот.

Griechenland Gedenken in Distomo (picture alliance/AP Photo/Y. Karahalis)

Спомен-плоча за жртвите од Дистомо

Пофалби за Глезос од највисока инстанца

Глезос и Константополу се сретнаа повторно и тоа токму на 73-годишнината од масакрот на СС-единиците на нацистичка Германија во грчкото село Дистомо. Нивните реакции не можеше да бидат подијаметрални. За извлекувањето на германскиот амбасадор од непријатната ситуација, во која го стави Константополу, Глезос доби пофалби од највисоко ниво: „Манолис, ти на сите ни даде пример како треба да се однесува еден претставник на отпорот“, изјави грчкиот претседател Прокопис Павлопулос. 

Константополу пак отпосле го бранеше својот акционизам и жолчно го нападна својот некогашен политички истомисленик: „Манолис Глезос со свои сопствени раце го положи знамето на окупаторите врз споменикот на жртвите“. А ова веројатно нема да биде нејзина последна протестна акција. 

 

Реклама