Сите советници на премиерот | Економија | DW | 26.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Сите советници на премиерот

Заев сега има двојно помалку советници споредено со претходниот кабинет. На листата којашто ја објави Владата се наоѓаат имињата на 23 лични советници на премиерот. Најплатен е поранешниот разузнувач Зоран Верушевски.

Премиерот Зоран Заев во моментов има двојно помалку советници споредено со претходниот премиерски кабинет. На листата на негови најблиски советници се најдоа 23 имиња, меѓу кои најплатен е поранешниот разузнувач Зоран Верушевски. Љубе Бошкоски останува во премиерскиот кабинет како советник за странски инвестиции, а Заев ќе го советува и ќерката на професорот и академик Таки Фити, Нина Фити-Неделковска која се најде на листата меѓу најплатените надворешни соработници и месечно ќе добива по 50.000 денари. Она што може да се забележи е дека на новата листа на советници повеќе не се имињата на српските државјани Зоран Башановиќ и Александар Обрадовиќ, а го нема и Џезаир Шаќири.

Владата поради поголема транспрентност на интернет ја објави листата. Вкупно 54 лица се вработени во канцеларијата на премиерот. Меѓу нив се и 23 советници на Заев, за кои се објавени и нето-платите.

Листа на најплатени

Според листата, поранешниот разузнавач Зоран Верушевски има највисока плата, а тој во владата има функција на советник за национална безбедност и заработува 74.618 денари. Во просек, платите на другите советници изнесуваат 55.000 денари. Двајца советници, Виктор Андонов за енергетика и Милан Живковиќ за труд и социјална политика, земаат по 60.546 денари. 

Меѓу личните советници на листата остануваат Дане Талески во секторот за меѓународни односи, Тања Чачарова Илиевска за правда, Љубе Бошкоски за странски инвестиции, Љупка Цветковска за администрација, Фидан Колев за транспорт и врски, Зоран Бојаровски за медиуми, Ѓорги Тасев за млади и спорт, Иванна Хаџиевска Кошевалиски за меѓународни односи, Леон Бакрачевски за промоција на евроатлантските интеграции. Нивните плати се околу 55 илјади денари.

Меѓу другите советници се и Љупка Цветкова за администрација, Сандра Поповска за општествени дејности и јавни политики, Илија Жупаноски за дигитални комуникации, Весна Коваческа- Трпчевска за информативни активности, Христијан Ѓоргиевски за односи со Собранието и законодавство, Светлана Сиљаноска за организација на настани, Теодор Богоевски за лица со попреченост, Вјоса Исмаили за организација на прес-активности, Марија Мустрик за комуникација на економски политики, Марија Теговска за комуникација на реформските процеси, Елвис Мемети за инклузија на Роми, Сања Божовиќ Стојкоска за истражување, анализи, транспарентност и отчетност.

Надворешни соработници

Меѓу надворешните соработници најплатена со 50.000 денари е Нина Фити-Неделковска, ќерка на професорот и академик Таки Фити, а тука се и Раде Јанковски за спречување на корупција во граничното работење (35.000 денари месечно), Магбуле Амети за здравство (40.000) и Татјана Стојаноска- Иванова за образование и наука (45.000 месечно).

Договорите им истекуваат заклучно со 31 декември годинава, но можно е тие да им бидат продолжени.

Професорката Мирјана Најческа по објавувањето на списокот на Фејсбук коментираше: „Дури и најмалку платениот советник на Заев има поголема плата од мене, професор со стаж од 38 години“.

Битиќи ја брани одлуката

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека бројот на советници на премиерот Зоран Заев и нивните плати се неопходни за премиерската канцеларија да може да функционира.

„Сметам дека висината на плати и бројот на советници во овој момент е нужен за функционирање на канцеларијата на премиерот, како и функционирањето на канцелариите на сите други министри, вклучително и мојот кабинет. Тоа би требало да го гледаме од аспект на тоа дали е рационално или ирационално направено. Бројот поистоветува на функциите кои сите до еден ги извршуваат и секако претседателот на Владата би требало да биде адекватно информиран во кој било момент. Ние покажавме дека грижата за граѓаните е на прво место и дека и во овој тежок период ние обезбедуваме средства преку рационализација на други непродуктивни места, а секако местата на советниците не можам да кажам дека се непродуктивни и непотребни во овој момент“, изјави Битиќи.

Вицепремиерот, кој беше и доскорешен советник на Заев, вели дека за платите на неговите советници одлучувал премиерот.

Кабинетот, во однос на советниците и соработниците, е видно изменет од оној во 2018 година кога на листата имаше 56 лица. Тогаш најбројни беа надворешните соработници - кои ги имаше 33, а меѓу нив беа и Силвио Аврамовски кој требаше да ја развива соработката за државите во регионот на Кавказ и Филип Андов чија специјалност беа посебните политики за Град Скопје. 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама