Сите не сакаат „две во едно“: лидерот да не биде и мандатар! | Северна Македонија | DW | 26.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Сите не сакаат „две во едно“: лидерот да не биде и мандатар!

Во СДСМ сите не се согласуваат дека идниот партиски лидер треба да биде и мандатар - сметаат дека Владата треба да ја води друга личност.

Партиското седиште на СДСМ во Скопје

Партиското седиште на СДСМ во Скопје

По 17 дена од едногласната одлука на Централниот одбор на СДСМ – „премиерот да ја одложи оставката на неодредено време сѐ до нормализирање на процесите", вечерва ќе има ново скенирање на состојбите. Повторно ќе заседаваат Извршниот и Централниот одбор на партијата, кои овие седници требаше да ги одржат во вторникот, но ги одложија поради тридневната жалост по автобуската несреќа во Бугарија.

Уште на 31-ви октомври кога Заев најави двојна оставка, тој навести и еден преоден период во кој ќе помогне за претстојните процеси. 

„Ќе останам периодов додека треба, за да помогнам да се реорганизира нова Влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено“, изјави Заев по вториот круг од локалните избори.  

Дали тој период завршува вечерва и со какви резултати? На вечерашните седници треба се анализира дали во изминатиот период е создадено стабилно мнозинство кое ќе го продолжи курсот на државата, по што премиерот и лидер на СДСМ би ги официјализирал најавените оставки на премиерската и на лидерската позиција. Доколку се случи тоа, ќе почне да тече рок од 15 дена, во кој, според партискиот статут, треба да бидат распишани внатрепартиски избори за нов претседател и да се одреди датумот за нивно одржување. Според партиски извори, можно е и да се скрати тој рок, со цел партискиот претседател да биде избран до средината на декември, заради најавите дека новиот лидер треба да биде и мандатар на новата влада.

„Ако се успее во целиот овој период, а верувам дека може, СДСМ да има избрано претседател, тој би требало да биде идниот мандатар односно да предложи нова Влада. Кога имате нов мандатар, треба да имате и нова Влада, а не реконструкција на Влада“, изјави Заев пред една недела.

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на 31 октомври најави двојна оставка

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на 31 октомври најави двојна оставка

Лидер, но не и мандатар

Но, со овој став не се согласуваат сите во СДСМ. Соговорници на ДВ велат дека во овој момент најпродуктивно е идниот лидер на партијата да не биде и мандатар.

„Лидерот ќе треба да се посвети на партијата и да ја подготвува за следните парламентарни избори, кога и да бидат тие. Тоа е огромна обврска. Не е добро истата личност да биде и мандатар, и тој ‘дa се тестира’ во време кога земјата е пред енергетски, пандемиски, интеграциски и ред други предизвици. За тоа има доволно компетентни и искусни луѓе во Владата“, вели долгогодишен член на партијата.

Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, во понеделникот изјави дека тие како партија очекуваат токмупремиерот Заев да продолжи да ја води Владата.

„Ние имаме договор со Заев дека одреден период, премиер ќе биде Заев. Ние тоа го знаеме. Што ќе прави Заев во партијата и кој таму ќе биде лидер, тоа не знаеме. Тој може да ги почне процесите во партија, но во Владата ние имаме заеднички договор и заеднички одговорности. Очекуваме и наредниот период Заев да ја води Владата. Тоа впрочем го кажа и претседателот Ахмети во ова исто студио. Ние имаме договор со Заев и не сме известени дека ќе има друг мандатар. Се што знаеме, сме слушнале од медиумите“, изјави Османи на ТВ „21".

Партиското седиште на ДУИ во Мала Речица

Партиското седиште на ДУИ во Мала Речица

Против октроиран лидер

Вториот аспект кој не наидува на одобрување кај дел од членството на СДСМ, се (ин)директните пораки по прашањето кој би можел да биде иден лидер на партијата. Станува збор за сѐ погласните шпекулации дека фаворит за оваа функција е Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии, претседател на партиската Комисија за финансирање и буџет и член на ИО на СДСМ. Тие шпекулации дополнително добија гласност откако Ковачевски го придружуваше Заев на минатонеделната средба со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

„Легитимно е Заев да биде придружуван на средбата од член на Извршниот одбор. Но ако во ИО има 18 члена, луѓето секогаш ќе се прашуваат - зошто го избрал токму овој член. Ако со тоа се сакало да се испрати евентуална порака за преференциите на лидерот, тоа е погрешен потег. Не е заложбата да добиеме октроиран кандидат и октроиран лидер. Мора да се разговара каков лидер му е потребен на СДСМ, и врз основа на тоа да се избере кој ќе биде тој. А не обратно“, вели извор од партијата.

Тој е сигурен дека има доволно луѓе кои се мотивирани да се кандидираат за лидерската функција.

Лидерите на Алтернатива, Африм Гаши и на СДСМ, Зоран Заев на минатонеделната средба

Лидерите на Алтернатива, Африм Гаши и на СДСМ, Зоран Заев на минатонеделната средба

Алтернатива пред одлука

На натамошните процеси секако ќе влијае и одлуката што вечерва треба да ја донесе Централното претседателство на опозициската Алтернатива, која исто така беше одложена поради тридневната жалост. Највисокиот орган на Алтернатива треба да реши дали партијата ќе остане во опозиција или ќе стане дел од Владата и парламентарното мнозинство. Според партиски извори, до пред една недела расположението таму било „пола-пола“. По длабока анализа и соочување на сите аргументи „за" и „против“, вечерва ќе донесат соодветна одлука и не сакаат да прејудицираат каква би била таа.

Алтернатива има четири пратеници, кои мнозинството би го направиле постабилно. Во изминатите денови од владејачките кругови стигнуваа изјави дека власта и сега има мнозинство, но заради претстојните важни процеси добро е тоа да биде постабилно.