„Систематски преглед“: здравјето и градот | Северна Македонија | DW | 13.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Систематски преглед“: здравјето и градот

За да се креира здрава општина за живеење не е потребна само една интервенција, туку мултисекторска акција, објаснуваат кандидати за советници од листата на „Шанса за Центар“.

Скопје: сѐ помалку зеленило, сѐ повеќе асфалт и брзо растечка бетонска џунгла

Скопје: сѐ помалку зеленило, сѐ повеќе асфалт и брзо растечка бетонска џунгла

Нови зелени површини, нови дрвореди, зелени покриви, блоковско зеленило, вертикално зеленило, зелена агенда, еколошки автобуси, употреба на обновливи извори на енергија... Ова се дел од ветувањата на многу учесници во кампањата за локалните избори. Нема кандидат во изборната трка кој не ветил жестока битка против загадувањето и за заштита на животната средина. Но, дали предложеното е доволно?

„Потребен е мултисекторски пристап и акција, велат од Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ која на претстојните локални избори учествува со листа на кандидати за советници за Општина Центар. За разлика од многуте паролашки и фразеолошки зазеленувања на градот, кандидатите за советници од оваа листа студиозно му пристапуваат на ова прашање, објаснувајќи ги причинско-последничните врски меѓу здравјето на градот/општините и на граѓаните. Божидар Кочовски, доктор од Клиниката за хематологија и кандидат за советник од листата на „Шанса за Центар“, објаснува зошто е нужен од мултисекторски пристап во решавањето на проблемите.

„Здравствениот сектор лекува болни, рехабилитира ковалесценти и превенира болести со препораки до населението да прифати здрави навики и животен стил. Но, научниците постигнаа интернационален договор во кој превенцијата и ублажувањето на хроничните болести мора да биде резултат на сеопфатна, мултисекторска акција која ја надминува работата на здравствениот систем. Нездравствените сектори како урбанистичкото планирање, транспортот, производството на храна и технологиите, креираат услови за добро или лошо здравје. Решенијата на овие сектори може да ја олеснат и поддржат одлуката на човекот за здрави навики“, објаснува Кочовски.

Тој посочува на проценки на ОН, според кои, растот на нови градби во урбаното јадро за 10% го зголемува загадувањето на воздухот за 9,6% а емисиите на јаглерод диоксид за 5,7 % по жител. Медицинската наука докажала дека ризикот за дебелина на еден човек е поголем за 6% на секој час поминат во автомобил, а помал за 4,8% за секој километар поминат со пешачење, додека СЗО укажува на “токсичната комбинација“ од лоши социјални политики и планови кои го спречуваат населението да живее во здравје и благосостојба.

Метеж, загадување, бучава

Граѓаните на Центар (но и на други општини) се изложени на загаден воздух кој неколку пати ги надминува максимално дозволените граници, со огромни импликации за развој на респираторни и кардиваскуларни болести, и со зголемен ризик од развој на деменција.

„Истражувачите детектирале три типови на ризик со кој лошите урбанистички планови им штетат на здравјето на граѓаните: сообраќајниот метеж, загадувањето на воздухот, бучавата. Што ни треба? Локалната самоуправа мора да да обезбеди осум урбани системи за да имаме поздрави сограѓани: транспорт, социјални и здравствени услуги, едукација, вработување и економски развој, употреба на земјиштето и урбаниот дизајн, домувањето, јавните простори за рекреација и јавниот ред и мир“ посочува Кочовски.

Повеќе на темата: Убиство со визија: Скопје меѓу елаборати и дислексија

Тие системи имаат интеракција со локални фактори (густина на население, дистанца што треба да се помине, потреби на локалните жители) и регионални фактори (пристапност на општината, дистрибуција на работните места и потреба од нови работници, побарувачка за живеалиште).

„Со помош на ГИС софтверите може да се мапира градот и директно да ги поврземе ризиците и околината која го нарушува квалитетот на живот на граѓаните, да ги мериме ефектите на нашите политики и така да ги подобруваме. За да се креира здрава општина за живеење не е потребна само една интервенција. Иако урбаното планирање е основата на поздравото живеење, потребни се интегрирани системи кои ќе доведат до работни места поблиску до местата на живење или на дистанца за пешачење или со пристап до јавен транспорт и велосипед, намалена потреба за возење но зголемена можноста за паркирање“, вели Кочовски.

Гледај видео 03:52

Уште едно скопско изгор лето

Низ окото на психијатар

Како функционираат општините денес и како тоа се одразува на нивните жители?

„Низ окото на психијатар, градот се доживува како еден организам кој причинско последично го живее својот живот“, вели Светлана Карбевска, психотерапевт и кандидатката за советник.

„Состојбата на еден град неминовно влијае на жителите во него, а и жителите се тие кои во голема мера влијаат врз градот. Тоа е нераскинлива врска. За да видиме во каква здравствена состојба ни е градот Скопје мора да знаеме што претставува здравјето. Според СЗО, здравјето не е само отсуство на болест и телесни недостатоци туку и физичка, психичка и социјална благосостојба. Колку вистински ја имаме таа физичка, психичка и социјална благосостојба на нашиот град? И покрај вербалното декларирање дека градот и општините се грижат за здравјето на своите жители, праксата покажува нешто сосема друго", укажува Карбевска.

Како директна опасност за здравјето на граѓаните го посочува секојдневниот метеж во сообраќајот, честите сообраќајни несреќи, небезбедноста на пешаците и велосипедистите, бучавата од фреквентниот сообраќај, гласната музика од угостителските објекти, топлотните острови во лето, необезбедените градилишта, недостигот на светлина поради соседните згради, загадениот воздух, исчезнувањето на јавниот простор и негово бетонизирање.

„Ова се реални причинители на стрес, а имајќи предвид дека се дел од долгогодишни проблеми, тоа значи дека граѓаните се изложени на хроничен стрес долг временски период. Намалувањето и недостигот на мирни и безбедни места во градот ја зголемува присутноста на стресот и резултира со растење и кумулирање на незадоволството, стравот, вознемиреноста, избувливоста, несреќите, отуѓеноста, апатијата, психосоматските заболувања. Сѐ поприсутна е глетката на забрзани нервозни или исклучени луѓе, се почести изливи на агресија, се помалку маалски средби, се поретки меѓукомшиски контакти. Секако ова не е одраз на психичка благосостојба", оценува Карбевска.

Смета дека многу нешта треба да се менуваат и во однос на физичката, но и на социјалната благосостојба, која значи сите луѓе да имаат еднаков пристап и третман од градот и општините.

„За жал не го сведочиме тоа. И во центарот на градот има делови каде луѓето ги немаат основните услови за пристоен живот како вода, канализација, струја, инфраструктура, отстранување на смет. Општините, за жал, овозможуваат нееднаков развој на делови од својата територија фаворизирајќи едни за сметка на помалку атрактивни делови па луѓето остануваат во нерамноправно лоша состојба, и материјална и социјална и статусна", укажува таа.

Како исчезнуваше зеленилото во Скопје: Кејот на Вардар кај денешната зграда на МНР во 2009 година. На наредната фотографија погледнете ја состојбата во 2017 година.

Како исчезнуваше зеленилото во Скопје: Кејот на Вардар кај денешната зграда на МНР во 2009 година. На наредната фотографија погледнете ја состојбата во 2017 година.

Повеќе на темата: Во Расадник наместо да се сади, ќе се гради

За да се врати здравјето, благосостојбата и радоста на живеење, Карбеска нема дилема што е најважно.

„Да се стави здравјето на жителите во приоритетите за работа на општините и градот пред профитот на малкумина. Потоа детекција и отстранување на стресорите на терен. Информирање и мотивирање на граѓаните директно да се вклучат во пријавување и давање на предлози за решавање на проблемите. Компетентни луѓе во општината кои ќе ги запазат стандардите за здрави услови на живот преку урбанистичките планови, обезбедување на паркови и зелени површини како места за спорт, рекреација и релаксација. Подигањето на свеста кај жителите за се она што им го зачувува здравјето и безбедноста: чистиот воздух, соодветно отстранување на отпад, ограничување на бучавата, пристап на светлина, зеленило, зачувување, враќање и осмислување на јавниот простор, активности, одржливост, еколошки стандарди“, потенцира Карбевска.

Емоционално поврзани со природата

Во град/општини каде нема свест за овие стандарди, секогаш има дискусии од типот „е големо чудо, исекле едно дрво“, или „ако сакаш да гледаш зеленило, живеј во село, а не во град“. Живеењето во урбани средини воопшто не мора да значи збогување со зеленилото, а важноста на поглед кон зелен пејсаж ја објаснува и концептот биофилија“ (од 1984 г.), според кој луѓето имаат внатрешна наклонетост кон растенијата и се емоционално поврзани со природата. Д-р Кирил Сотировски, декан на Шумарскиот факултет на УКИМ и кандидат за советник од листата на „Шанса за Центар", вели дека со таа хипотеза може да се објасни зошто нешто и само толку едноставно како гледање природа, односно визуелниот контакт со зеленило во урбан контекст, може да има толку длабоки влијанија врз човековите емоции, врз менталната и генералната благосостојба.

„Оваа хипотеза веројатно го објаснува она за кое толку долго се дебатира - зошто урбаните средини, особено оние во кои недостасуваат елементи и аспекти на природа, имаат негативни влијанија врз човековата психа и благосостојба. На друга страна на спектарот, со терминот ‘недостаток на природа’, барем делумно се објаснува светската епидемија на дебелина, проблеми со вниманието, и депресија како директен резултат на намалена изложеност на децата кон природа. Ова е во согласност со уште една теорија, наречена ‘теорија на закрепнување од стрес’ според која сцените од природа го намалуваат стресот, додека сцени во кои доминира средина со згради имаат негативен ефект при закрепнување од стрес“, објаснува Сотировски.

Како исчезнуваше зеленилото во Скопје:  Кејот на Вардар кај МНР во 2017 година.

Како исчезнуваше зеленилото во Скопје:  Кејот на Вардар кај МНР во 2017 година.

Многубројни истражувања презентирале податоци кои се во согласност со тие хипотези. Луѓе кои набљудувале природни средини имале подобар напредок во расположението споредено со луѓе кои набљудувале средини со згради. Значењето на погледот на природа за луѓето било докажано и преку истражување на постоперативно закрепнување на пациенти, во болничка средина. Сличен ефект бил постигнат дури и со „лажен“ поглед на природа. Имено, луѓе кои биле изложени на фотографии на природа, имале подобри когнитивни способности и емоционална состојба отколку кога биле изложени на фотографии од урбани средини без зеленило. Дури и перцепцијата за непријатноста предизвикана од уличната бука, дома во голема мера се намалила само после гледање на природа низ прозорец.

„Луѓето доживуваат позитивни влијанија од природата, не само кога се во природна средина или пак кога се активни во природа, туку и кога имаат поглед врз природа, ја набљудуваат или само ја забележуваат, дури и кога е низ прозорец додека се во затворен простор. Визуелните стимулации предизвикани од урбаното зеленило и од дрвјата предизвикуваат мноштво позитивни ментални, психолошки и физиолошки реакции кај луѓето, и на крајот на краиштата го подобруваат квалитетот на животот и на здравјето на луѓето во урбаните средини“, вели Сотировски.

За жал, во Скопје постојат многу места каде што е отстранета вегетацијата на сметка на градбите и тие во лето стануваат т.н. „урбани топлотни острови“. Според експертите, во дел од нив може да се инсталира урбано зеленило, но има и површини каде поради лошо проектирани и нехумани архитектурни и урбанистички решенија, тоа е невозможно.

Како исчезнуваше зеленилото во Скопје:  Кејот на Вардар кај денешната зграда на МНР во 2009 година. На наредната фотографија погледнете ја состојбата во 2017 година.