Сирија: примирјето не е гаранција за мир | Свет | DW | 30.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сирија: примирјето не е гаранција за мир

Во Сирија е прогласено примирје. Но, прашање е дали прекинот на огнот ќе води кон долготрајно смирување на конфликтот.

Преговорите зад кулисите долго се водеа додека не беше официјално објавено - од полноќ (30.12) во цела Сирија во сила е примирје. Од него е изземена само борбата против Исламска држава и други џихадистички групи. Русија и Турција се декларираа за гаранти на договорениот молк на оружјето.

Примирјето, доколку биде запазено, на сирискиот народ ќе му го обезбеди итно потребното здивнување. Освен тоа, примирјето ја покажува и успешноста на Русија и нејзините сојузници на чело на оние кои сега одлучуваат за политичките прилики во завојуваната земја.

Претходно Русија и нејзините два најважни сојузници имаа средба во Москва кратко пред Божик. Таму се сретнаа министрите за надворешни работи на Русија, Иран и Турција за усогласување на натамошните чекори. Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери не беше присутен, не беше поканет ниту тој, ниту било кој од другите западни политичари.

Владите на трите држави се чини не сметаа за нужно да ги поканат ни ОН или барем да се координираат со нив. Тие претпочитаа да преговараат за иднината на Сирија во својот тесен круг. На овој начин, веројатно била намерата, никој не може да се вмеша во нивните интерси во земјата зафатена од војна, како и во целиот регион.

Syrien syrische Soldaten nach der Zurückeroberung von Aleppo (Getty Images/AFP/G. Ourfalian)

Сирискиот град Алепо

Триумф за Русија, Иран и Турција

Средбата обелодени кои се страните кои успеаја да се пробијат во големата битка во Сирија: не САД, туку Русија, нејзиниот сојузник Иран, како и Турција, која во последен момент го фати победничкиот воз. Со потпишувањето на т.н. Московска декларација пред неколку дена, Турција паралелно се откажа од едно од своите централни барања: имено, претседателот Башар ал-Асад да замине од челната владина функција.

Сега веќе не може да стане збор за тоа. „Откако сојузничките сили на сириската влада извојуваа огромни територијални победи, новиот сојуз, како и отсуството на западните сили, се речиси гаранција дека претседателот Асад и натаму ќе владее со Сирија, без оглед каква било влада да биде избрана,“ пишува „Њујорк тајмс“. „И тоа без оглед на ставот на американскиот претседател Барак Обама, уште од пред пет години, дека Асад ја загуби својата легитимност и мора да биде отстранет од власта.“

Зборовите на Обама останаа без последици. Многу нешта зборуваат дека влијанието на САД во Сирија и во иднина ќе остане ограничено. „Русија сфати дека никој ништо не дава никому, дека секој мора сам да си земе“, објаснува политикологот Ендрју Џ. Тејблер од Вашингтонскиот институт за блискоисточна политика во интервју за печатот. Бидејќи САД се повлекоа од Блискиот Исток, сега ништо не стои на патот: „Бидејќи Турција, Иран и Русија постигнаа договор без САД, тоа веќе е проблем за нас.“

Нема крај на конфесионализмот

Овој проблем, од аспект на Москва, би можел да се реши со доаѓањето на функија на новиот американски претседател во средината на јануари. Контурите на позициите на администрацијата на Трамп кон Сирија се веќе препознатливи. Според сегашната ситуација, се чини за нејзе е приоритет борбата против Исламска држава и слични групи. Оваа борба, барем засега, Русија и Иран во Сирија веќе ја завршија, така што од гледиште на Трамп, веројатно не постои потреба од итно ангажирање.  Освен тоа, добрите односи меѓу двете држави можат да водат кон тоа Иран и Турција да ги подобрат односите и кон САД.

Но, прашањето во колкава мерка рускиот ангажман вистински ќе продонесе кон среднорочен мир во регионот, е отворено, без оглед на примирјето. Путин сега на своја страна со Турција и Египет има и двајца сунитски партнери. Тоа, барем теоретски, би можело да му обезбеди поголем легитимитет кај сунитите, неспоредливо најголемата верска група во регионот. Но, тоа не е многу веројатно. Напротив: со Иран Москва добива сојузник кој со своите елитна единица, Револуционерната гарда, со години е активен во борбите во Сирија. Освен тоа, Иран посега и по услугите на хезболах од Либан, група која целосно или делумно во САД и во Европа е на листата на терористички организации.  

Syrien al-Bab Angriff auf IS-Stellung (Getty Images/AFP/S. Ghaloun)

Ќе има ли траен молк на оружјето?

Неизвесни мировни шанси

Ако примирјето се одржи и се постигне и натамиошен договор во врска со Сирија, Иран ќе може да бара политички хонорар за својот ангажман, првенствено преку поголемо влијание во регионот. Со тоа гласот на Техеран не само во Сирија, туку и во Ирак, ќе добие на тежина.

Таквата ситуација нема да ги реши, туку ќе ги зголеми проблемите во регионот. Зашто, уште сега е видливо, на пример во поглед на битката за ирачкиот град Мосул, какви задршки имаат сунитите кон шиитите. Шиитите се присутни таму со свои милиции и се обвинувани за делумно тешки прекршувања на човековите права против цивилното население, кое малку е склоно да биде подложено на шиитска власт. Но, доколку тоа се случи, регионот уште повеќе ќе се најде под диктат на конфесионална логика отколку досега.

Руско-иранскиот триумф покрај тоа може да предизвика конфронтација на Израел и хезболах не само во Либан, како досега, туку и во Сирија. Еврејската држава тешко ќе прифати таква констелација. Според непотврдени извештаи, израелската авијација на крајот на ноември нападнала позиции на Хезболах во блисина на Дамаск. Ако Нехзболах го зацврсти своето присуство во Сирија, овој напад нема да остане осамен. Сегашното примирје од многу причини не мора да значи и трае мир во регионот.

 

DW.COM

Реклама