Сирија: Повторуваат ли САД историска грешка? | Свет | DW | 10.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сирија: Повторуваат ли САД историска грешка?

Дали воениот напад на САД врз сирискиот режим е тактика или брзоплета реакција? И дали постојат историски паралели? ДВ праша двајца американски историчари.

ДВ: Претседателот Трамп нареди напад врз сириската воздухопловна база на 6 април, точно 100 откако САД влегоа во Првата светска војна. Дали е тоа случајност или станува збор за историска симболика?

Ендрју Бејсевич: Сигурен сум дека тоа е само случајност. Сериозно се сомневам дека претседателот Трамп знаел за оваа годишнина. Тој не е посебно „поткован“ кога станува збор за историјата. За нас набљудувачите и онака е тешко да оцениме од што зависи дејствувањето на Трамп. Ако сериозно го сфатиме тоа што го вели, тоа би значело дека тој одеднаш ја открил својата хуманитарна страна. А тоа тогаш значи дека всушност имаме работа со претседател кој најнапред поаѓаше од тоа дека САД има само минимален интерес во конфликтот во Сирија, а сега одеднаш забележува дека интересот е сепак многу голем. Толку голем за со ракети да се напаѓа Сирија. Овој напад е јасно многу повеќе од еден „убод со игла“, тоа е јасна воена порака. Сметам дека е возможно претседателот Асад правилно да ја интерпретира таа порака и сега да го промени своето однесување. Сепак поверојатно е дека ќе ја игнорира и оти ова е само почеток на развој кој ќе биде уште покомплициран и понасилен од сето она што се случуваше досега. Во моментов не може ни да се насети какви последици ќе има тоа. 

Andrew Bacevich von der Boston University

Ендрју Бејсевич

Брајан Лин: Како историчар, јас не верувам во врската меѓу овие два настана. Ни јас за нападот не знам многу повеќе од другите луѓе, но очигледно е дека Трамп има поинаков стил на раководење од Обама. Тој повеќе реагира отколку што тактички одмерува. Стилот на Обама беше методичен, тој однапред ги антиципираше последиците на своето делување. Стилот на Трамп би го нарекол „тактички“. Тој директно реагира на непредвидени случувања.

Некои набљудувачи се загрижени дека ваквиот вид на воена интервенција без јасна стратегија би можела да ги доведе САД до тоа несакано да „влезат“ комплетно во сирискиот конфликт. Дали е тоа оправдано од историски агол на гледање?

Ендрју Бејсевич: Апсолутно. Притоа помалку мислам на Првата светска војна а повеќе на други ангажмани на САД кои во регионот на Блискиот Исток требаа да придонесат кон промена на власта. Ова го споменувам затоа што министерот за надворешни работи Тилерсон јасно изјави дека целта на американската политика е отстранување на Асад. Но лекцијата која ја научивме од минатото, во Ирак и во Либија гласи: да се отстрани еден злосторник е наједоноставниот дел. Далеку потешко е да се организира она што доаѓа потоа, да се инсталира влада по диктатурата. Во двете земји тоа помина катастрофално и беше многу скапо. Значи мора да видиме што оваа американска влада планира да стори за тој процес во Сирија да помине подобро. Претседателот Трамп својата одлука ја донесе за само 48 часа. Очигледно не се консултирал премногу со луѓе надвор од неговиот најтесен круг. Дали ваквиот начин на донесување одлуки е помудар отколку што беше оној на Џорџ Буш во Ирак или на Барак Обама во Либија, тоа допрва треба да се види.

Гледај видео 00:55

САД нападнаа сириска воена база

Брајан Лин: Занимливо е дека ова прашање го поставува еден германски медиум, бидејќи и Карл фон Клаузевиц беше Германец а и тој беше уверен дека војната по својата природа е непресметлива. И во 19 век многу војни во прв ред беа реакција на нешто. Тие беа водени со краткорочни закључоци. Таа традиција трае веќе 200 години, понекогаш војската беше во казнена експедиција или едноставно се сакаше да се покаже кој е газда. Ние тоа го нарекуваме „топовска дипломатија“. Нејзина цел е застрашување. Историски погледнато и ова сега би можело да биде само една акција на казнување без долгорочни последици.

Како досега го оценувате Доналд Трамп како врховен воен командант во споредба со неговите претходници?

Ендрју Бејсевич: Она што го видовме кај Трамп во предизборната кампања и во првите недели во Белата куќа овозможува да насетиме дека тој има неврамнотежен темперамент. Тој не размислува многу за она што го кажува или прави. Импулсивен е, не размислува за последиците. Овој напад се вклопува во таа слика. Ненадејната промена на мислењето на американската влада, во случајот на сирискиот конфликт, во главните градови ширум светот сигурно ќе произведе бројни прашања. Што за тоа би требало да мислат властодржците во Пекинг, Москва, Пјонгјанг или Техеран? Тоа прашање не си го поставуваат само политичките противници, туку и сојузниците. Што ли за тоа мислат Сеул, Токио или Берлин?

Brian Linn - Geschichtsprofessor an der Texas A&M Universität

Брајан Лин

Брајан Лин: Мислам дека е тешко да се даде оценка за тоа бидејќи Трамп е само од неодамна на таа функција. Секој историчар кој сега би рекол нешто за тоа, би говорел повеќе врз основа на своите политички убедувања отколку на историска експертиза. Ние тоа го оценуваме долгорочно и не врз основа на она што го пишува „Њујорк Тајмс“. Тоа им го препуштаме на политиколозите, експертите за меѓународни односи и новинарите.

Ендрју Бејсевич е пензиониран професор по меѓународни односи и историја на универзитетот во Бостон и апсолвент на американската воена академија во Вест Поинт.

Брајан Лин е професор по историја и уметност на универзитетот А&М во Тексас и поранешен претседател на Здружението за воена историја.

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама