1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирија - најопасното место за деца

Бетина Штекемпер / Е.М.Фиданоска14 март 2016

Пет години по почетокот на сириската војна УНИЦЕФ регистрира речиси 1500 случаи на тешки напади врз малолетници. Децата се убиваат целно и принудно се регрутираат.

https://p.dw.com/p/1ICeR
Фотографија: Getty Images/AFP/Y. Akgul

Најновиот извештај на УНИЦЕФ е тешко „сварлив“. По пет години војна во Сирија, УНИЦЕФ опишува како децата влегуваат во фокусот на завојуваните страни. Меѓу нив има над 1500 случаи на деца кои се убиени или повредени додека биле во училиште или на пат дотаму.

Кристијан Шнајдер, раководител на УНИЦЕФ во Германија, за ДВ објаснува: „Има случаи на целно убиени деца од страна на снајперисти. Има бомбашки напади врз училишта. Има и секојдневно насилство, како на пример регрутација на сѐ помали и помали деца од страна на вооружени групи за да се борат во оваа војна - војна која децата не ја сакаа.“

Терористичките милиции и бунтовнички групи наводно принудуваат дури и седумгодишни деца да се борат. Само во 2015 година, според УНИЦЕФ, најмалку 100 малолетници биле убиени или повредени во воени дејства.

Christian Schneider Unicef Deutschland
Кристијан Шнајдер, УНИЦЕФ ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa/S.Pilick

Загубена генерација?

Пет години во животот на едно дете се долг период, вели Шнајдер: „Пет години сириска војна, тоа значи: досега во војната се родени вкупно 3,7 милиони деца. Деца кои не знаат за ништо друго освен за бегство, страв и протерување. Тие живеат живот проследен со насилството на бомбите и пукотниците.“

Координаторката на УНИЦЕФ за помош за Сирија Женевјев Бутан, сепак не сака да загуби надеж. Таа во интервју за ДВ раскажува за своите разговори со избеганите деца. Сите сонуваат да се вратат во својата татковина, да одат на училиште и да живеат со својата фамилија. Задача на УНИЦЕФ е да ги заштити овие деца во границите на Сирија и во соседните земји и да им обезбеди пристап до образование.

На донаторската конференција за Сирија во Лондон беше ветено дека ќе бидат донесени програми за сите деца да може да посетуваат настава и да добијат медицинска и психолошка помош. Многу од децата се силно трауматизирани, нагласува Женевјев Бутан. Затоа, вели дека била трогната кога во Лондон само на УНИЦЕФ му биле ветени над една милијарда евра помош за овие програми во 2016 година.

Многу донатори не плаќаат

Но, ветувањата треба да бидат проследени со исплати. А, тука има проблеми - на сметката на УНИЦЕФ се пристигнати само 74 милиони евра. „Во моментов имаме само шест проценти од парите кои ни се неопходни за Сирија и за соседните земји, а кои ни беа ветени“, се жали координаторката на УНИЦЕФ. „Се надеваме дека ветувањата на донаторите итно ќе се претворат во реални пари.“

Германија, Шведска и Австралија досега се единствени земји кои се држат до своите ветувања околу парите. Владата во Берлин вети 265 милиони евра. Првите 70 милиони се веќе испратени, а наредната рата е подготвена.

Министерот за развој Герд Милер нема разбирање за празните ветувања. „Една работа е што ако не помагаме, таму се умира. Во последните две години во шаторите се родени над 100.000 бебиња. А друга работа е што луѓето отворено велат: 'Ако не ни помогнете да ја стабилизираме ситуацијата на лице место, тогаш мораме да дојдеме во Германија и Европа и да најдеме сместување кај вас'“, нагласува Милер во разговор за ДВ.

Syrien Waffenruhe Kinder in Homs
Досега во војната се родени вкупно 3,7 милиони деца кои не знаат за ништо друго освен за бегство, страв и протерувањеФотографија: picture-alliance/dpa/H. Ammar

Чекајќи катастрофа

Повеќето Сиријци се многу сиромашни, тие не можат и не сакаат да бегаат во Европа. Околу 86 проценти од сириските бегалци живеат во најсиромашните квартови на Либан. Германскиот министер за развј Милер предупредува дека доколку не им се помогне на соседните земји како Либан, тоа ќе се одмазди. „Претставете си оваа земја, која прифати 1,5 милини бегалци, да падне на колена и да се распадне. Тогаш не само што ќе имаме стотици илјади бегалци плус, туку и голем политички пожар во регионот. Не смееме да чекаме да се случи катастрофа, па потоа да реагираме“, вели Милер.

Сличен е ставот и на раководителот на УНИЦЕФ Германија. Ако не се влеат многу пари за снабдување и изградба на уништената инфраструктура, луѓето ќе бегаат, вели Шнајдер. „Ако луѓето немаат перспектива за иднина, тие ќе дојдат овде и никој не може да ги запре.“

„No place for children“, се вели во извештајот на УНИЦЕФ. Ако се остварат стравувањата, тогаш тоа ќе мора да се преформулира во : „No place for anyone“.