Сирија, Ирак и иднината на џихадизмот | Свет | DW | 11.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сирија, Ирак и иднината на џихадизмот

Терористичката милиција Исламска држава претрпе загуби во Сирија, а уште повеќе во Ирак. Таа не може да се потпре на поддршка од цивилното население. Но, сепак има уште асови в рака.

Терористичката организација Исламска држава речиси две години владееше во градот Фалуџа, западно од Багдад. На крајот на јуни, ирачката армија, стегајќи го чекор по чекор обрачот, успеа да ја поврати контролата врз ирачкиот град. Во моментов таа го опколува Мосул, град чие освојување во јуни 2014 година се сметаше за најголемиот воен и воедно симболичен успех на Исламска држава.

За време на походот кон Мосул, ирачката армија веќе стави под своја власт цела редица помали населби. Но, за повторно освојување на милионската метропола Мосул се очекуваат жестоки борби. Специјалниот пратеник на германската влада за Блиски Исток Јоахим Рикер, на средината на јули предвиде дека борбите може да принудат на бегство до еден милион луѓе.

И во Сирија џихадистите се постојано потиснувани. Од почетокот на јуни, сириската армија непрекинато ги напаѓа квартовите на Алепо кои се во рацете на ИД, без никаков обѕир кон цивилите. Војската не се воздржува од бомбардирање дури и на станбените населби и болници. Само во јули сириската армија атакуваше 15 медицински згрижувачки центри.

Irak Armee Operation in der Nähe von Mossul

Ирачки војници кај Мосул

Бруталноста како стратегија

Набљудувачите сметаат дека токму сириската армија е одговорна за претежен дел од воените жртви. Но, ИД ја инсценира смртта на своите жртви на исклучително свиреп начин и поставува соодветни видеа на интернет. Оваа бруталност има повратно дејство врз ИД. Распространувањето на џихадистите низ Сирија беше проследено со исклучителна бруталност кон цивилното население. Луѓето исчезнуваа преку ноќ, а неколку дена подоцна беа наоѓани мртви, делумно со траги од нечовечки мачења.

На ваков начин ИД ширеше страв и трепет во областите под нејзина контрола, но истовремено кај луѓето спречуваше развој на лојалност кон новите властодршци. Првичното очекување на сунитските Ирачани, дека борците на ИД ќе бидат некој вид заштитник во однос на шиитската доминација во владата, одамна се изјаловија.

Flüchtlinge flüchten vor dem IS im Irak

Илјадници цивили во бегство пред ИД

Речиси без поддршка од цивилното население

Последица на тоа е што власта на Исламска држава брзо колабира секаде каде ќе биде нападната. Меѓутоа, тоа не значи дека на нејзино место веднаш доаѓаат секуларни сили. Во Сирија голем дел од народот претпочита секуларност, истакнува Бенте Шелер, раководителка на бејрутската филијала на фондацијата Хајнрих Бел: „Но, колку посилно се конфесионализира конфликтот, колку побрутално се води, толку помалку се видливи секуларните сили.“

Од иста причина не може да се смета на пробив на секуларните сунити во Ирак во догледно време. Јазовите меѓу религиозните групи се предлабоки, често насилно водената конкуренција меѓу сунитиите и шиитите премногу е врежана во потсвеста. Секуларизмот не би можел лесно да издејствува заборавање на ваквите искуства.

Организациите за човекови права постојано ги критикуваа шиитските милиции, како во Ирак, така и во Сирија, за бруталното постапување кон сунитските цивили. Токму тоа, пишува магазинот „Шпигел“ во најновото издание, може на ИД да и‘ обезбеди извесна натамошна легитимација. „Се‘ додека сириската и руската авијација продолжуваат со бомбардирање, се‘ додека сунитите живеат во смртен страв од шиитите, ИД и покрај тотални загуби, ќе може да го поврати својот ’калифат’“, пишува „Шпигел“.

Во Сирија, според Бенте Шелер, режимот на Асад и така е далеку од повторно освојување на контролата на целата територија на државата. Бунтовниците се‘уште контролираат дури и одделни предградија на Дамаск. „На Асад не му успеа повторно освојување на престолнината, без оглед на масивната поддршка- од Иран, од Хезболах, од Русија. Како тогаш би ја контролирал целата земја?“

Syrien Aleppo Kämpfer auf Seiten der Rebellen

Бунтовнички борец во Сирија

Простување од конфесионализмот

Долгорочно, ова првенствено претставува политички предизвик. Ни во Ирак ни во Сирија не е можно трајно решение без разградување на верскиот ривалитет на одделни групи од населението. Тоа е можно само постепено, во процес со повеќегодишно траење. Процесот мора да го исклучи од погон политичко-религискиот механизам, злоупотребуван за сопствени цели како од режимот на таткото и синот Асад, исто така и од ирачкиот диктатор Садам Хусеин и делумно од премиерот Нури ал-Малики.

За Сирија важи и дополнувањето - земјата има долгорочна перспектива само без Башар ал -Асад. По долгите години брутален однос кон цивилното население, тоа е речиси неспособно Асад натамошно да го акцептира на власт. Додека не биде исполнет овој услов, двете земји ќе бидат подложни на политичко и верско насилство.

Реклама