Сирија: Зошто Курдите не смеат да ја освојат Рака | Свет | DW | 10.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сирија: Зошто Курдите не смеат да ја освојат Рака

Ако Курдите го предводат јуришот врз Рака, ќе се создадат проблеми,смета експертот за Блиски Исток, Гидо Штајнберг

Дојче веле: Рака во Сирија е де факто главен град на „Исламска држава“, какво е нејзиното значење за терористичките единици?

Гидо Штајнберг: Рака е втор според важност град на подрачјето под контрола на Исламска држава. Многу поважен е Мосул во Ирак. Таму беше прогласен калифат и таму ИД минатите години преживеа тешки времиња. Но, Рака е многу значајна поради тоа што е главен град за ИД во Сирија и некој вид подрачје за повлекување. За ИД би било поедноставно оперирањето во Сирија отколку во Ирак, зашто противниците во Ирак се посилни.

ДВ: Но Рака важи за финансиска и раководна централа на ИД и за екстерна база за операции за планирање напади во Западот, на пример оние во Париз.

Во Сирија постои голема застапеност на странци во ИД. Одделението за операции во странство, кое донеодамна го водеше Абу Мохамед ал Аднани, имаше седиште во Рака (Ал Аднани беше убиен во август годинава). Во Рака се наоѓа и мнозинството странски борци и нивните водачи. Затоа Рака е многу поважна за напади кон Европа и Турција отколку Мосул. Рака може да се смета за некој вид истурена база.

09.01.2014 DW QUADRIGA Guido Steinberg (DW)

Гидо Штајнберг

ДВ: Демократските сили на Сирија (СДФ) водат офанзива со поддршка од САД. Во тие единици се обединети 30.000 луѓе, претежно со курдско потекло, но има и арапски борци. Какви проблеми ги очекуваат овие борци во операцијата во тек, под името „Гневот на Еуфрат“?

Сириските демократски сили се само еуфемизам, станува збор речиси исклучиво за курдски борци и тоа единиците на Партијата на демократската унија (ПУД), сириски огранок на ПКК. Ваквата ситуација е многу тешка, од надворешнополитички причини, поради Турција, но уште повеќе поради специфичностите околу Рака: во прашање е арапски град и неговите сунитско-арапски жители владеењето на Курдите или фактот Курдите да го освојат градот, би го сметале за окупација. Постои стравување жителите на Рака, ако Курдите би ја повеле битката, можеби да ја поддржат ИД или преостанатите терористички келии.

За волја на вистината, тука има и неколку илјади Арапи, а САД во последните две години наголемо се трудеа во борбите да вовлечат што поголем број арапски борци. Но, во тие единици доминираат ПКК и ПУД. Дури и кога не би било така, најважно е гледиштето на населението. А тоа на овие сили гледа како на чисто курдски единици. 

ДВ: Ако борците на СДФ вистински ја ослободат Рака, кој ќе го има главниот збор во градот? Курдите кои сакаат свое проширување во Сирија?

Ако СДФ ја освои Рака, би било неопходно контролата на градот да се препушти на арапските групи. Но, мојот впечаток е дека се тие сѐуште преслаби за да преземат контрола над толку голем град. Тој проблем треба да биде решен. Мислам дека сега се брза да се ослободи Рака, зашто САД имаат индиции дека таму во моментов се планираат конкретни напади врз Западот.

ДВ: Што би значело ослободувањето на Рака за динамиката на војната во Сирија? Или Алепо е поважен град?

Во Сирија постојат два различни нивоа на судирот. Постои борба против ИД, речиси целосно одвоена од граѓанската војна меѓу бунтовниците и сириската влада. Ослободувањето на Рака прво би го ублажило непосредниот проблем со ИД. Тоа не би значело дека таа организација е поразена , но би ја попречило во непреченото планирање и организирање напади. Тоа речиси воопшто не би се одразило на воените дејства во западниот дел од државата. Таму гледаме дека Русите, Иранците и сирискиот режим се борат заеднички, но не против ИД, туку против остатокот од бунтовниците. Тој судир би продолжил.

Syrien IS Parade in Rakka (Reuters)

ИД ја освои Рака во јануари 2014 година

ДВ: Дали Турција би можела да го ослаби нападот врз Рака? Претставниците на СДФ предупредуваат на можноста од прекин на напредувањето, ако Турција со своите сојузници удри на курдските подрачја во северна Сирија.

Турција најави учество во нападите врз Рака. Се стравува од турски обид за спречување на Курдите да ја преземат контролата врз градот. САД веројатно очајнички се обидуваат да ја одвратат Турција од интервенција во Сирија, зашто ситуацијата би станала покомплексна и помалку предвидлива.

ДВ: Колку меѓусебно се дополнуваат нападите врз Мосул и ослободувањето на Рака?

Гледано чисто воено, обидот за паралелно завземање на двата града е исправен, зашто така се спречува пребег на единици на ИД од Мосул во Рака. Проблемот е што САД во Ирак имаат прилично силен сојузник, тоа е ирачката војска, додека на курдската регионална влада во Сирија тоа ѝ недостига. Има многу актери во чиј интерес е САД успешно да ја завршат оваа операција. Во нив спаѓа и Турција, но и сириската влада, такашто се сомневам нападот врз Рака да се одвива без проблеми. 

ДВ: Каква е улогата на сирискиот режим во акцијата против ИД?

Сириската влада во изминатите години водеше многу јасна политика: се обидуваше првенствено да се бори против помалку милитантни, помалку исламистички ориентирани бунтовници, па Европејците и САД сега можат да бираат само меѓу сирискиот режим и ИД, знаејќи дека светот во тој случај ќе се определи за - режимот. Затоа на сирискиот режим нема да му одговара онеспособувањето на ИД во Рака. Очекувам сириската војска да преземе неочекувани потези во оваа операција.

 

 

DW.COM

Реклама