Сирија ги достави првите информации за своето хемиско оружје
21 септември 2013Сирија до Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОПЦВ) ја доставила првата листа од својот арсенал хемиско оружје, додека истовремено траат интензивните дипломатски преговори со цел да биде усвоена резолуција на Обединетите нации за хемиското разоружување на Сирија. Според договореното, Дамаск треба да го предаде листи за целокупниот арсенал хемиско оружје и местата за негово производство.
Предавањето на споменатиот список е прв чекор од спроведувањето на руско-американскиот договор за отстранување на сирискиот хемиски потенцијал, потпишан на 14-ти септември во Женева, по руската иницијатива сирискиот хемиски арсенал да биде ставен под меѓународна контрола и да биде уништен до половината од 2014 година. Со тоа беше одвратена американската воена операција против Сирија како договор на хемискиот напад од 21-ви август во предградијата на сириската престолнина Дамаск, за што Вашингтон ја обвинува владата на претседателот Башар ал-Асад.
Сепак, меѓу дипломатите и натаму има несогласувања за предлог-резолуцијата којашто треба да се поднесе пред Советот за безбедност при ОН, односно за вклучувањето во неа на Поглавјето 7 од Повелбата на ОН, со кое се предвидува употреба на санкции и сила.
Состанокот на Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОПЦВ), на кој треба да биде договорен почетокот на програмата за уништување на сириското хемиско оружје, требаше да се одржи утре (22.09), меѓутоа е одложен на неодредено време поради барањето на Сирија да се придружи на Конвенцијата за забрана за употреба на хемиското оружје од 1993 година. Сирија, имено, е една од седумте земји кои не пристапија кон конвенцијата од 1997 година, која ги обврзува потписниците да ги уништат резервите од своето хемиско оружје.