1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сириската армија прогласи офанзива за Алепо

СН/ртр/афп/дпа23 септември 2016

Алепо во северна Сирија е поделен град. На исток бунтовниците, на запад армијата. Сега владата во Дамаск сака да ја стави под своја контрола целата метропола и објави офанзива. Најголеми страдалници притоа се цивилите

https://p.dw.com/p/1K6zD
Фотографија: Reuters/A. Ismail

Операцијата, за повторно освојување на источниот дел на Алепо, веќе започна се вели во соопштението на сириската влада кое го пренесе државната новинска агенција Сана. Цивилите во источниот дел на градот, треба да ги избегнуваат местата на кои се засолнети „терористите“, известија државните медиуми повикувајќи се на армијата. Сириската влада и бунтовниците ги означува како терористи. Армијата порача дека отворени ќе бидат оставени коридори за бегство, кои истотака можат да ги користат и бунтовниците. Дали прогласената офанзива вклучува напад и на копнените трупи, досега не е јасно.

Делови од Алепо во пламен

Уште во текот на ноќта кон четвртокот источните делови на градот беа цел на тешки бомбардирања. Репортерот на новинската агенција Франс прес јави за повеќе пожари по ноќните воздушни напади. Во населбата Бустан-ал-Каср цела улица била во пламен. Помагачите- доброволци, се обидуваа да ги изгаснат пожарите, кои според наводи на локални активисти биле предизвикани од фосфорни бомби.

Алепо во пламен

Лекар на теренот пак пренесе дека во најновите напади загинале најмалку 45 лица. Бунтовниците говорат за најтешко бомбардирање врз деловите од градот под нивна контрола во последниве месеци. Толку интензивен напад, немало од април годинава, „Нема оружје, кое не е употребено“, изјави лидерот на политичкото крило на бунтовничката група Фастаким, кој се наоѓа во Турција. Претставник на друга бунтовничка група говореше за дури 15 напади врз две области во градот. Бунтовниците од своја страна со минофрлачки гранати ги нападнале населбите под контрола на трупите на сирискиот претседател Башар ал-Асад и нивните сојузници.

Портпарол на бунтовничката група Нур ел-Дин ел-Зинки пак изјави дека владините сили не успеале да напредуваат на теренот во последните 24 часа.

Во меѓувреме кај западните земји се зголемуваат барањата за воведување зона на забранети летови во Сирија. Американскиот министер за одбрана Џон Кери истакна дека операциите на борбените авиони на Русија и на сириските владини сили мора веднаш да бидат запрени. Само така може да биде спасен прекинот на огнот и да бидат запрени крвопролевањата, смета Кери.