Синохидро - контроверзниот кинески џин | Северна Македонија | DW | 27.03.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Синохидро - контроверзниот кинески џин

Кинеската компанија Синохидро, која со одлука на Собранието на Македонија го доби проектот за изградба на двата автопати, е меѓу најголемите светски компании во областа на градежништво, а ја следат бројни контроверзи.

Синохидро или „лицето на кинеската експанзија“, како што ја опиша „Фајнаншл Тајмс“ во 2012 година, во последната деценија води особено агресивна експанзивна политика ширум светот, со поддршка на државата и на кинеската Ексим банка. Во моментов, компанијата која брои 130 илјади вработени, е активна во 55 држави во Азија, Африка, Европа и Јужна Америка.

Синохидро директно изведува или учествува во проектирање на хидроцентрали, брани, патишта, аеродроми, пристаништа, згради... Со оглед на извнредно обемната дејност на Синохидро, интернет-пребарувањето на нејзините активности дава многу резултати, но отвора и бројни дилеми околу работењето на компанијата.

Обвинувања за неоколонијализам

Најголеми контроверзи го следат работење на Синохидро во Африка и Азија. „Ви личиме ли на колонијалисти? Не сме убиле ниту еден локалец“, нервозно одговори Ванг Жипинг, еден од водечките луѓе на Синохидро, во интервју за Фајненшл Тајмс во 2013 година. Причина за ваквиот одговор беа многубројните критики за начинот на кој работи неговата, но и другите кинески компании во Африка. Тие често се обвинувани дека нивните инфраструктурни проекти ги преоптоваруваат земјите од овој континент, а не водат сметка за локалната работна сила и за еколошките стандарди. Во замена за дел од проектите, кинеските компании добиваат рудници и концесии за други природни богатства.

И покрај критиките, Синохидро добро минува во земји како Зимбабве, каде корумпираниот режим на Роберт Мугабе склучи договори вредни милијарди долари за изградба на повеќе инфраструктурни проекти.

„Има многубројни докази во Јужен Судан, Уганда, Судан и многу азиски земји. Зимбабве не е исклучок“, изјави за „Зимбабве индипендент“ во февруари годинава економскиот експерт Максвел Саунгвеме. „Кинезите се омилени инвеститори на корумпирани владини функционери затоа што нивните инвестиции доаѓаат со многу малку услови за теми како етика, еколошка заштита, корупција, владеење на правото“, вели Саунгвеме.

Но, во Боцвана, држава која највисоко котира во Африка на меѓународните листи за борба против корупцијата, Синохидро немаше таква среќа. Владата на Боцвана уште во 2012 година одлучи да им стави крај на повеќе проекти чиј изведувач беше кинескиот гигант наведувајќи како причини „надминување на роковите и лоша изведба“. Во 2013 година, Синохидро си замина од оваа земја.

Под суспензија од Светската банка

Angola Luanda Wasserversorgungsunternehmen Epal Baustelle

Градежен објект на Синохидро во Ангола

Во неколку азиски земји од 2014 година досега се водат жестоки дискусии околу договорите со тамошните влади кои ги добива Синохидро. Владата во Камбоџа го откажа проектот за изградба на брана во југозападниот дел на земјата по големите протести на локалното население. Во Пакистан и Бангладеш, Синохидро се соочува со поинаков проблем. Имено, локалните медиуми во Бангладеш реагираа откако во јули 2014 година Синохидро доби договор вреден 700 милиони долари од владата во Дака за регулирање на коритото на реката Падма. Критиките беа насочени кон податокот дека компанијата Синохидро е привремено суспендирана од страна на Светската банка поради сомнежи за корупција. Властите го отфрлаат тврдењето за суспензија на Синохидро, но подоцна и самата компанија признава не само дека се наоѓа под „привремена суспензија“ поради обвинувања за измама, како што пренесува весникот „БД рипортс“, туку и дека ја криела таа информација во тендерската документација.

Дополнително, Синохидро е на лош глас во Бангладеш и поради изградбата на автопатот Дака-Читагонг. Проширувањето на автопатот во должина од 140 километри започна во 2010 година, и до денес не е завршена.

Сличен проблем со Синохидро откриваат и медиумите во Пакистан во 2014 година, откако кинеската компанија го добива договорот за изградба на хидроцентралата „Кејал Хвар“. Според документите кои ги цитира весникот „Експрес Трибјун“, Синохидро е под суспензија од Светската банка од декември 2013 година. Тоа во пракса значи дека кинеската компанија не може да се јавува на тендери кои ги финансира или ко-финансира Светската банка. Но, властите во Пакистан кои го воделе тендерот објаснуваат дека нема ништо спорно затоа што „и покрај тоа што Синохидро е суспендирана од Светската банка“, како изведувач на проектот се јавува конзорциум на Синохидро и локална компанија, под друго име.

Активности на Балканот

Европското седиште на Синохидро е во Белград, Србија, но интересно е тоа што поголемите проекти во таа земја, како и во регионот, компанијата ги добива по склучувањето на договорот со македонската влада за изградба на автопатите во 2013 година. Оттогаш Синохидро, најпрво во 2014 година склучува договор со владата на Република Српска во БиХ, исто така без тендер, за изградба на автопатот „Гламочани-Млиништа“ во должина од 62 километри. Во март годинава српската влада најави дека Синохидро ќе се вклучи и во доизградбата на обиколницата околу Белград, откако претходно, во декември минатата година, српската и кинеската влада склучија Меморандум за соработка кој предвидува вклучување на кинески фирми во повеќе градежни проекти во земјата. Овој проект е предвиден како јавно-приватно партнерство.

Mazedonischer Oppositionsführer Zoran Zaev

Зоран Заев

Од аспект на обвинувањата кои на прес-конференцијата во четвртокот (26 март) ги искажа лидерот на СДСМ, Зоран Заев, Синохидро се соочува со досега најсериозен сомнеж во работењето токму во Македонија. Пласирајќи ги новите снимки од наводни разговори меѓу премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт Миле Јанакиески, Заев тврди дека Синохидро на македонските владини функционери им исплатила мито од 25 милиони евра за добивање на договорот за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.

Во меѓувреме, нови сомнежи се јавуваат откако дел од македонските медиуми пренесоа и информација од интернет-страницата на Синохидро, каде се наведува далеку пониска сума за изведба на проектите од вкупно договорената со македонските власти. Имено, на официјалната интернет-страница на кинескиот гигант се наведува дека автопатот Миладиновци-Штип чини близу 31 милиони американски долари, наспроти договорот со македонската влада во кој е наведена сума од 206 милиони евра. За автопатот Кичево-Охрид се цитира сума од 56 милиони американски долари, а Македонија за истиот плаќа 373 милиони евра.

Во целата постапка за избор на фирма која ќе ги гради автопатите во Македонија како своевиден куриозитет се провлекува и фактот што и втората кинеска компанија која пројавила интерес - ЦВЕ (CWE, China International Water and Electric Corporation), која ја споменува и Груевски во разговорите презентирани од Заев, исто така се наоѓа на листата на Светска банка на фирми со кои не се препорачува соработка. ЦВЕ е ставена на таа листа од 1 октомври 2014, а за период од три години. Светската банка бара од своите партнери ширум светот да не соработуваат со неа поради „проблеми со интегритетот“.

Реклама