Синоличка Трпкова: Филмски мангупи жонглираат со државни пари! | Македонија | DW | 17.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Синоличка Трпкова: Филмски мангупи жонглираат со државни пари!

Како да не помисли човек дека - или државата пере пари преку филмови, или дека филмската мафија е толку длабоко влезена под нокти на државата, што само корнење спасува, вели актерката и професорка на ФДУ.

По добиениот извештај од Агенцијата за филм, Владата овој месец реши да го раскине договорот со „Јадран филм“, со образложение дека до 4-ти септември годинава не е снимена првата сезона од играната серија „Македонија“, иако од македонската Агенција за филм добиле еден милион и сто илјади евра - прва рата од вкупно договорните 4,6 милиони евра за 4 сезони. Од „Јадран Филм“ ги отфрлаат обвинувањата и повикуваат „да се провери автентичноста на приложените документи од страна на в.д. директор на Агенција за филм, Горјан Тозија и од членовите на Управниот одбор“ ... Случајот е под истрага од Финансиската полиција и Основното јавно обвинителство, а јавните полемики меѓу „двете страни“ оставаат сомнеж дека можеби никој не е „без путер врз главата“.

Синоличка Трпкова, актерка и професорка на Факултетот за драмски уметности, уште летото, во пресрет на кадровските промени во врвот на Агенцијата за филм, ја повика владата да покаже храброст за коренити реформи, „особено во делот на мафијата“ во филмската дејност. Настаните околу серијата „Македонија“ потврдија дека нештата тешко се менуваат. Особено во разбирањето - како се прави еден филм.

Синоличка Трпкова:

-Малкумина од нас, освен ние што сме од фелата, знаат што се подразбира под правење филм. Луѓето гледаат готов производ направен од нивни пари - плаќајќи повторно билет за да го гледаат во кино, ако го гледаат, и ако воопшто игра - без да мислат колку ги чинело сето тоа. Верувам дека мал процент од нив, да не речам - никој, знае дека филмот е луксузна и сериозна работа. И со него не може секој да се бави. Всушност може, но од свој буџет, а не од државен. И тука почнува проблемот. Филмот е сѐ уште скапа уметност, особено за земји како нашата, што бара одлично познавање на занаетот, визионерство, талент, страст, и способност да се соберат луѓе што ќе му веруваат на еден човек - режисерот! Режисерот е тој што го води тимот (сниматели, актери, асистенти, организатари, костимографи, сценографи, шминкери, светло-мајстори, тон-мајстори, реквизитери, а да не зборувам воопшто за техничката опрема којашто е и специфична и скапа) којшто ги исполнува неговите 'наредби'. Продуцентот (оној што е одговорен за целиот процес на создавањето филм, од сценарио до монатажа го продуцира филмот) прави проценка на чинењето, наоѓа пари и се грижи за нивната распределба. Се’ во тимот има цена: и луѓето и техниката.  И сѐ е тоа в ред, доколку сме во некоја поразвиена земја каде постојат разни фондови и многу начини да се дојде до пари. Но главниот проблем е што кај нас и во социјализмот и во транзицијата до денес, имаме државни пари на располагање за оваа намена.

ДВ: Во што е грешката: во висината на средства кои сиромашната држава ги издвојува за филмската дејност, во тоа што мижи кога „продуценти“ си играат со државни пари за цели кои помалку се филмски а повеќе лукративни, во комбинација на двете или нешто друго?

За да се просветлиме, продуховиме, образуваме, државата треба да поттикнува и тука не е ништо спорно. Тоа се пари oдвоени од данок, од наш џеб. Во Македонија за осум години биле потрошени 15 милиони евра за 145 филма, што не е во ред, за земја како нашата каде сме притиснати со корупција, каде сѐ уште се умира од стомачни вируси, се гладува, се мизерува, се лекува и живее од донации. Ако државата дава пари тогаш треба и да е продуцент, по таа логика. А тој што ги дели парите и прави пресметки на чинење на производот - филмски 'касиер'. Но ако продуцентот макотрпно собирал пари (фестивали, донации, аплицирање по фондови, давање од свој џеб, кредити) тогаш тој е и вистински продуцент на филмот, којшто верува во него и вложува сѐ од себе тој да се создаде, по секоја цена. Некогаш тој процес е исцрпувачки и трае со години. И никогаш никој не знае каков филм ќе добие. Може многу да се вложи и да не испадне ништо, но и обратно. И тоа е тој продуцентски ризик.

ДВ: Зошто е изгубено чувството на одговорност кога станува збор за државни пари? Дали најмногу поради досегашната неказнивност за бројни финансиски манипулации кои завршуваа во медиумите, но никогаш не поминаа низ обвинителските коридори?

Ако тоа се државни пари, а често пати се, филмот станува луксуз. Тогаш никој не настрадал, напротив, сите си добиле надоместок со кој може удобно да се живее цела година, да се купи нов автомобил, а и стан. Но, ако средствата се макотрпно обезбедувани од фестивали, кредити и задолжувања, продуцентот ќе остане оштетен. Зошто во првиот случај не би било страшно, а во вториот е? Зашто 'логиката' на човекот на овие простори е дека државните пари не вредат колку оние извадени од твој џеб и крваво обезбедени.  И тоа е нашиот генерален искривен однос кон државните пари.  Ако во социјализмот имаше критериуми и здрава конкуренција, и не можеше некој ни да помисли да се бави со оваа работа без дебело познавање на професијата, во 'слободното' пазарно општество одеднаш излегоа мангупи коишто до ден денес совршено жонглираат со државни пари и одлично се ухлебени во мрежата за добивање средства. Изверзирани, поднаучени ваму-таму филмски 'локејшн' менаџери, коишто лесно се инфилтрираа како експерти во транзицијата, не само во филмските води, туку секаде, за да ни продаваат пуфки за филм и гламур нам овде, на непросветлените, простите, наивните, и магионичарски да ги празнат државните каси. Банкротира 'Врадар филм', а сега во Агенција за филм има дупка од неколку милиони евра, и едвај неколку филма вредни за споменување, за 25 години!!!

ДВ: Тие неколку филмови вредни за спомнување, одамна се во сенка на бројни мангуплаци со филмски проекти, а ние и натаму залажувани колку многу се сработило во филмската дејност, колку сме креативно просветлени...

Не само што не сме продуховени и просветлени, туку сме дебело изиграни како 'млади мајмуни' и со испразнети џебови. И сите што седеле во фотелји, 'продуцирале', се шетале, спиеле во екстремно скапи хотели и задоволувале лични 'холивудски' хирови од државна каса, се невини. Не им фали влакно од главатa. И со секоја нова власт се реинкарнираат повторно и се' пошармантни и посигурни во себе, застапувајќи ги и 'грижливо' чувајќи ги државните милиони од секоја нова влада. Па, како да не помисли човек дека - или државата пере пари преку филмови, или дека филмската мафија е толку длабоко влезена под нокти на државата што само корнење спасува?

Па дали некој од овие т.н. филмски експерти и чувари на каса е во тек со филмските светски трендови и револуционерни технолошки промени? Дали тие маалски шминкери и самонаречена филмска елита знае дека филмот не е мода и мангуплак и дека тие не би поминале со нивните познавања од уметност ни до Врање, настрана што се сликаат во монденски места од парите заштедени од актерските хонорари и лажираните фактури за изнајмени техники од соседните земји и други разноразни услуги.

ДВ: Дали случајот со серијалот „Македонија“ е точката од која „враќањето назад“ во некаква нормала, би значаело само едно нешто: темелна ревизија и промена во критериумите за финансирање филмски проекти?  

Ова ни е последен момент за комплетно ресетирање и коренити промени во пристапот - и на финансирање на филмовите и на критериумите за добивање пари. И најважно од се', засекогаш треба да исчезне чекањето во ред за 'молзење' на фондот (сега Агенцијата) како единствена режисерско-продукциска опција. Доаѓаат нови генерации филмаџии, отворени кон светот и кон промените во филмот коишто наоѓаат нови начини за реализација на своите идеи. А за сето тоа да се забрза треба сите државни 'холивудски' крлежи да отпаднат. А ќе отпаднат кога ќе нема со што повеќе да се хранат. Знаење, талент, ефикасност, иновативност, неопходност, практичност, едноставност е новиот филмски јазик на којшто се разбира светот. Верувам дека и ние наскоро ќе го проговориме и ќе се збогуваме засекогаш со транзициските државни 'продуценти и 'верни до гроб' секретарки. Тоа што ќе остане исклучително тешко, ќе биде докажувањето на криминалот во безброј лажни и фингирани фактури. И најверојатно за тоа ќе ни треба едно ново СЈО.

 

DW.COM

Реклама