Синдикалците меѓу фотелјите и работниците | Економија | DW | 02.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Синдикалците меѓу фотелјите и работниците

Синдикатите во Србија имаат сѐ помал углед, а нивните лидери ги бие глас дека фотелјите им се поважни од работниците.

Пораките од првомајскиот протест во Белград беа огнени и во говорите и на транспарентите, но дефетизмот одамна е устоличен. Синдикатите не успеаја од себе да ја исперат етикетата на препродавачи на свински половинки и зимница, а нивните лидери ги бие глас дека се богатат на сметка на работничката борба и дека флертуваат со државата и капиталистите. Резултатот е мрачна статистика, која вели дека членска карта некогаш имал секој втор работник, а денес секој четврти, додека доверба во работата на синдикатите имаат само 15% од граѓаните.

Проценката за бројот на синдикати се движи и до 24.000, но голем број од нив постојат само на хартија. Во сеопштиот пресврт кон неолиберална економија и растечки прекаријат, синдикатите дури и сами признаваат дека не се снајдоа. „Ова е полуперифериско општество кое плаќа цена за речиси четвртвековни промашувања и талкања. На таа спржена земја се доби ситуација во која секој капитал и вложување се дочекани како драгоцени, вклучително и оние каде што се купувани фирми не за да се направи производство, туку за да се купи градежно земјиште, да се промени карактерот на производството и за крајно да се олабават правата на работниците. Многу е тешко да се стори нешто во таков контекст“, вели за ДВ претседателот на обединетиот грански синдикат „Независност“, Зоран Стојиљковиќ.

За малиот број членови велат дека е виновна државата и малиот број вработени и сиромаштијата, како и стравот од одмазда, но и неможноста на голем број луѓе синдикално да се организираат, како оние кои работат на лизинг или вработените во новоотворените фабрики кои ги субвенционира државата. Во јужнокорејската „Јура“, која често е во центарот на приказната за непочитување на работничките права, синдикалното организирање и натаму не е можно. „Претставниците на власта ви велат: немојте со врева околу 'Јура' да ги растерате инвеститорите“, објаснува Стојиљковиќ.

Разединети и судрени

Одговорноста, меѓутоа, во голема мера паѓа и на грбот на самите синдикати. Иако речиси секој Први мај се заедно, претставниците на репрезентативните синдикати во текот на годината, како што тоа еднаш го рече еден од нивните поранешни лидери, не можат заедно „ни кафе да испијат“.

Дефицитот на дијалог е резултат на борбата за членови, позиции и привилегии, објаснува Милош Баковиќ Јаџиќ од Левиот самит на Србија. „Постои проблем на синдикален и политички клиентелизам. Кога го велам тоа, мислам на комбинации кои синдикатите ги прават со постоечките партии. На чело на најголемите синдикати имаме исти луѓе по десет години, кои водат иста политика без некакви големи резултати, а нема алтернативен политичко-синдикален предлог во рамките на самиот синдикат и вистински демократски избори. Тогаш, навистина е тешко да се очекува синдикатите во пошироката јавност да остварат влијание“, вели Баковиќ Јаџиќ.

Сепак, да ги нема, би требало да ги измислат, се согласуваат соговорниците на ДВ. „Критиката за секој синдикален лидер не би требало да се сфати црно-бело. Ниту тие се потполни негативци, ниту, дури и да се, тоа значи дека на пониските нивоа нема навистина чесни и искрени борци за работнички права“, вели Јаџиќ.

Синдикалците велат дека им е неопходен ветер в грб, прво од страна на оние кои немаат традиција на синдикално организирање, како вработените во медиумите и високото образование, но и од надворешни фактори. „Синдикатите може да бидат моќни кога се добро организирани, кога имаат политички чадор и поддршка, а ние немаме партии и коалиции кои покажале дека се доследни на поддршката за синдикалните барања и барањата кои ги наметнуваат правилата на социјална правда. Потпрени сме на самоснаоѓање и ретки актери во цивилното општество кои пружаат поддршка. Драгоцено е тоа што сега студентите, покрај политичките барања, истакнаа и социјални барања“, нагласува Стојиљковиќ.

Реклама