1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синдикална битка на македонски начин

Костадин Делимитов1 мај 2014

Синдикатите во Македонија годинава нема да го преспијат 1 Мај. Протест ќе има, но повторно без репрезентативниот ССМ. Експертите предупредуваат дека поделеноста ја убива моќта на синдикалното делување.

https://p.dw.com/p/1Brru
Фотографија: DW

Најголемата синдикална организација во Македонија веќе шеста година својата обврска ја покрива со разни манифестации и кампањи. Овој пат, со повик за масовен собир за промовирање на иницијатива за измени на законот за здравје при работа. На денот на трудот на терен најконкретни повторно ќе бидат невладините организации на кои годинава им се приклучија и неколку независни синдикални организации. Со протестен марш пред Парламентот и пред Владата ќе ги изразат своето незадоволство и ќе испорачаат неколку барања до Владата:

„Мотивот е да се изрази незадоволство од намалувањето и кршењето на работничките права и растечката сиромаштија и класните разлики во Македонија. Во ваква една ситуација која секој работник ја чувствува, сметаме дека е деградирачки да се обележи празникот со скара во ливада и дека единствен начин е учество на протестот за поголеми права “, изјави за Дојче веле Здравко Савески од движењето “Солидарност“.

Еднакви плати

Конфедерацијата на Синдикални организации, Сидникатот на новинарите и медиумските работници, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Македонија, како и Синдикатот на македонската дипломатска служба и движеањата Солидарност и Ленка бараат изедначување на минималната плата во сите сектори, ослободување на правото на штрајк од законските стеги и гарантирано право на синдикално организирање:

Gewerkschaftsdemonstration gegen Rente mit 67
Протести на германските синдикатиФотографија: picture-alliance/dpa

„Работниците на своите работни места се соочуваат со тешки услови за работа, со неисплатени плати. Во иднина ова движење ќе покаже како се бранат работничките права. Сакам да испратам апел до новата влада, овој пат да не сфатат најсериозно, ние само бараме фер услови да не вклучат во социјалниот дијалог“, реагира престедателот на Конфедерација на синдикални организации Марјан Ристевски.

Дефиле наместо протест

Раководство на ССМ, како замена на протестите, веќе неколку години практикува предлагање измени на закони и спроведува разни кампањи и иницијативи. И годинава наместо протест ќе има синдикално дефиле на плоштадот Македонија со иницијатива за измените и дополнувањата на Законот за безбедност и здравје при работа. Ваквата повеќегодишна практика со конкретни иницијативи според првиот синдикалец Живко Митревски давала резултати:

„Ако ги анализирате состојбите од постигнатото, појавувањето на самиот празник преку една вербална демагогија и со еден присутен фолклор од порано кој за жал често пати беше присутен и во ССМ пред измените во 2010, каде што со музика и дури со пајтони се прославуваше 1 Мај, а немаше никакви резултати ние покажавме и докажавме со конкретни кампањи и конкретни чекори. И она што е најважно со испорачувани конкретни резултати. Никој не може да каже дека немаме конкретни резултати и благодарение на кампањите од изминативе години дојдовме до историскиот закон за минимална плата, европските работнички совети, дополнување на членството, незголемување на старосната граница за пензија. Ние не сме оптеретени со тоа да се појавиме само еден ден на улиците да прошетаме со очила за сонце и со тоа сме ја завршиле работата. Напротив, нашата определба се конкретните резултати, конкретното дејствување. А во делот на она што го правата некои организации и независни синдикати, ним им е лесно. Тие немаат одговорност кон никого, не се симнале во претпријатијата не преговарале не потпишувале колективни договори и од таа позиција е многу лесно да се појавите само еден ден во годината и да кажете дека исполнивме некоја обврска. Но која обврска ако немате резултати. За нас се важни резултатите, макотрпната работа и испорачаните законски измени“, изјави за Дојче веле претседателот на ССМ Митревски.

Zivko Mitrevski
Живко МитревскиФотографија: Petr Stojanovski

Ваквото “оправдување“ на стратегијата на Сојузот на синдикатите на Македонија според организациите за заштита на правата на работникот не е одраз на вистинската слика:

„Живко Митревски кажува кои ситни права се извојувани, но не ги спомнува намалувањето на правата од последните години, ниту контекстот на намалувањето на работничките права во претходните не само години туку четвртина век. Во тој контекст на доста спуштени работнички стандарди, ако има мало подобрување на законската регулатива во мал сегмент тоа воопшто не е никаква причина да се тврди дека е постигнат којзнае каков исчекор кој ќе го легитимира неизлегувањето на протест за повеќе работнички права“, коментира Савески.

Синдикатите под влијание на политиката

Проблемите со синдикалното организирање и активност во Македонија според познавачите на состојбите во голем дел се резултат и на политиката. Синдикатите се окупирани од бирократските елити, а нивните челници се позаинтересирани како да ја зачуваат својата фотелја, коментира за Дојче веле, Драги Јовановски, еден од активистите кои повеќе години се занимава со правата на работниците:

Mazedonien Gewerkschaften Proteste
Протести на македонскиот Синдикат (архива)Фотографија: Petr Stojanovski

„Очигледно е дека Сојузот е под влијание на власта и тоа се тие разлики со останатиот дел на светот каде се одржуваат протести дури и во држави каде има поголеми работнички права. Влијанијата на власта се очигледни и мислам дека поради тие причини најверојатно не се излегува на протести туку се организираат некакви споредни методи. Она што работниците го бараат не се спроведува. Влијанието доминира, а и самиот закон е така скроен да биде уништено синдикалното движење во Македонија. Секој кој што ќе се побуни и казни добива отказ. Заштитата е речиси никаква“, коментира Јовановски.

Колкави се проблемите и потребата од промени на свеста околу синдикалното организирање, покажува податокот дека само околу илјада од вкупно 70 илјади фирми во Македонија имаат регистрирано синдикални организации. Дополнителен проблем е и поделеноста во синдикалното организирање, кое наместо да се обединува се повеќе се раслојува со што реално губи на моќта.