Симболична пресуда | Свет | DW | 16.07.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Симболична пресуда

„Книговодителот од Аушвиц“ Оскар Гренинг е осуден на четири години затвор. Неважно е дали старецот ќе оди зад решетки, пресудна е пораката од пресудата, смета Феликс Штајнер

Ретко се случува во германските судови пресудата да биде потешка од онаа што ја побарало обвинителството. Но во случајот на Оскар Гренинг тоа е всушност неважно. Бидејќи во однос на фактот дека тој бил соучесник во убиство во 300 илјади случаи, казната е секако занемарувачки мала, без оглед дали се работи за три ипол или четири години затвор.

Повеќегодишната казна затвор за еден 94-годишник делува апсурдно како и казна на повеќе од 100 години затвор, вообичеана во многу земји за сериски престапници. А бидејќи современа Германија има многу хуман казнен систем, повеќе е од веројатно дека Гренинг со оглед на слабото здравје никогаш и нема да мора да оди во затвор.

Спасување на честа на правосудството

Steiner Felix Kommentarbild App

Феликс Штајнер

Оваа пресуда е всушност чисто симболична. Taa пред сѐ му ја спасува честа на германското правосудство кое не успеа пред суд да изведе ни 100 од дури 7.000 припадници на СС во Аушвиц. Правосудство кое во 1977 година против Гренинг покрена истрага, но во 1985 година ја запре- поради недостаток на докази. Притоа уште во 60-те години многу злосторници од Аушвиц беа познати со име и презиме. Тогаш беа млади и можеа да бидат казнети, да одат во затвор. Многу од нив не се ни криеја, туку како и Оскар Гренинг живееја нормално и отворено раскажуваа за она што го правеле и виделе. Но, никој не сакаше да ги тужи ниту да им суди. Зошто беше тоа така? Тоа е за првпат опишано во 1987 година во надалеку познатата книга на Инго Милер „Страшните правници- нерешеното минато на нашето правосудство“. Во неа детално се анализирани злосторствата на правниците во националсоцијализмот и наведено е колку од нив едноставно продолжиле да работат во државната служба на повоена Германија. Книгата и денес вреди да се прочита.

Преживеаните како сведоци

Германија сега има нова генерација обвинители и судии. Тоа е една од причините што воопшто и дојде до процес против Гренинг. Но за судењето се во прв ред заслужни една група, делумно одамна пензионирани правници кои не сакаа да се откажат од потрагата по нацистичките злосторници. Тие се погрижија во процесот да бидат сослушани далеку повеќе сведоци одошто беше обврзувачки за да се утврди вината на Оскар Гренинг. Процесот својата најголема симболика ја имаше токму во тие моменти: преживеаните од Аушвиц имаа веројатно за последен пат шанса јавно да говорат за своите страдања и тоа да влезе во судскиот записник. Тоа за многу луѓе беше далеку поважно од изречената пресуда.

И Оскар Гренинг исто така даде значителен придонес кон симболиката на овој процес. За разлика од многу обвинети за злосторства од времето на нацизмот, тој ништо не демантираше ниту негираше, туку јасно ја призна својата вина. „Аушвиц беше место во кое не смееше да се соучествува“, оваа реченица во завршниот збор на Гренинг, треба да одѕвонува во ушите на сите неонацисти и негаторите на Холокаустот.
На крајот, одлучувачката порака од оваа пресуда останува дека геноцидот и злосторствата против човештвото не застаруваат! Секој кој учествува во тоа- дури и индиректно- никогаш не би требало да се чувствува заборавен од правдата.

DW.COM

Реклама