Сигнал до Ердоган - европратениците бараат замрзнување на преговорите со Турција | Свет | DW | 23.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сигнал до Ердоган - европратениците бараат замрзнување на преговорите со Турција

Замрзнување или целосен прекин на пристапните преговори - Европарламентот е поделен околу мерките кои треба да се преземат против сѐ посилните антидемократски тенденции во Турција. Но конечната одлука ја имаат владите.

Европскиот парламент сака да се замрзнат „неискрените“ преговори за членство на Турција во ЕУ. „ Ние сакавме да ги посетиме во затворот замениците претседатели на прокурдската партија ХДП“ , известуваше социјалдемократскиот пратеник Арне Лиц за неговата последна посета на Турција во текот на дебатата во Стразбур. Затворот се наоѓа северно од Истанбул, на патот кон границата кон Бугарија. Но неколку стотини метри пред него, тој и неговиот придружник биле запрени на патот од полициски возила. „Полицајците со автоматско оружје, јасно ни ставија до знаење, дека не можеме да го продолжиме патот“.

Замрзнување на пристапните преговори

„Новите масовни апсења, затворањето на новински агенцији, забраната на 475 невладини организации-  сите критичари на владата во меѓувреме се под закана да бидат уапсени“ , изјави европарламентарецот. Балансот на моќта во Турција е уништен. Според Лиц, Турција веќе сега е диктатура.

Кати Пири во минатата недела сакаше да оствари средби со претставници на владата во Анкара. Но известувачката за Турција на Европарламентот мораше да го откаже своето патување, зашто турската страна не сакаше да зборува со неа. Таа се залага за замрзнување на пристапните преговори со Турција.

Верува ли дека на тој начин може да се остави впечаток кај претседателот Ердоган? Социјалдемократката од Холандија негира: „Не негувам таква илузија“. Но со оглед на апсењето на десетината турски пратеници, 155-те новинари во затвор и десетиците илјади жртви на чистките, Европа, според Пири, мора да заземе став. Можноста за разговори со Турција треба да остане отворена, но „продолжување на пристапните преговори не е веродостојно, ако гледаме тотално застрането сфаќање на правната држава и на демократијата“.

Целосно прекинување на пристапните преговори?

Во Европарламентот постои широка согласност за замрзнување на преговорите со Турција: конзервативците, социјалдемократите и зелените пледираат за суспензија. Ребека Хамс, шефица на пратеничката група на Зелените вели дека развојот во Турција веќе нема ништо заедничко со правната држава. Сепак, таа страствено се залага за натамошно инсистирање на дијалог: „Не смееме да ги загубиме сите мостови кон Турција“.

За други европратеници тоа е премногу благо. Тие го повторуваат ужасниот каталог на повреди на правната држава и политички прогон во Турција и бараат целосен прекин на разговорите. „Преговорите веќе со години се најдлабоко неискрени“, вели европратеникот од редовите на либералите, Александер фон Ламбсдорф. Шефот на неговата фракција Ги Веорхофстат предупредува од губење на веродостојноста на Европа ако се продолжи со илузијата за пристапни преговори со еден сѐ поистакнат авторитарен режим.

Владите на земјите од ЕУ најверојатно се против

Без оглед колкава е решителноста на Европскиот парламент, во најмалка рака  да ги замрзне пристапните преговори со Турција, за тоа одлучуваат владите на земјите членки на ЕУ на самитот во декември. Првичен впечаток за нивното расположение секако дава изјавата на ополномоштеничката за надворешни работи Федерика Могерини. Таа предупреди дека со прекинот на пристапниот процес, Европа ризикува да ги загуби можностите да влијае врз Турција.

Слично се изјасни и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан: „Турција со години се оддалечува од ЕУ“.  Но тој, како шти истакна, во моментов не гледа волја кај земјите членки на ЕУ да преземат драстични чекори. Зад тоа се кријат геополитички размислувања, за кои секогаш одново се зборуваше и на дебатата на Европарламентот во Стразбур: Турција како НАТО-партнер е важна за стабилноста на Блискиот Исток и на Европа ѝ е од интерес да го одржува во живот договорот за бегалците.

Многу европратеници побараа укинување на тој договор со Турција. На прво место мора да стојат европските вредности, демократијата и правната држава, порачаа тие. Владите меѓутоа за ова прашање одлучуваат во прв ред прагматично - ним им е потребен Реџеп Таип Ердоган, без оглед колку диктаторски се однесува. Меѓутоа црвената линија тука е јасно дефинирана: доколку Турција повторно воведе смртна казна, тогаш прекинува постапката за пристапување. Во меѓувреме на владите на земјите од ЕУ им останува само надежта.

 

DW.COM

Реклама