Се шири калифорниска мутација на коронавирусот –уште поопасна? | Свет | DW | 25.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Се шири калифорниска мутација на коронавирусот –уште поопасна?

Во Калифорнија и други американски сојузни држави курсира нова корона-мутација, за која се стравува дека е позаразна и поопасна. Експертите се загрижени.

Коронавирусот постојано се менува, но при континуираните случајни грешки во копирањето на генетскиот код настануваат нови вируси кои имаат предност пред основниот тип и со тоа се потенцијално поопасни, меѓу другото и поради поголемата преносливост.

Вакви мутирања на вирусот ги загрижуваат научниците, моментно доминантни се британската мутација Б1.1.7 и варијанти кои се појавија во Јужна Африка и во Бразил.

Во Калифорнија се појави нов сој, кој веќе се има раширено низ други американски сојузни држави, но е докажан и во Австралија, Данска и Мексико. Првпат е откриен во декември, јавува стручниот часопис „Наука“. Истражувањата покажуваат дека оваа варијанта на Сарс-КоВ-2 не само што може да е позаразна, , туку и да предизвикува потежок тек на болеста, доаѓа до почести потреби од интензивно лекување и до смрт, иако сегашните податоци уште се скудни.

Гледај видео 01:53

Како да се идентификуваат мутациите на коронавирусот?

Според една студија, новата варијанта во околу 2000 проби земени на крајот на јануари веќе имала удел од 50%, додека во пробите од септември воопшто не била присутна. Земените проби потекнуваат од пациети во 44 калифорниски општини. Научниците ја означуваат новата мутација како Б.1.427 и Б.1.429.

Часописот „Наука“ цитира меѓутоа и научници кои се скептични во поглед на зголемената опасност од новата мутација на коронавирусот. Нивни аргумент се дека податоците се уште прилично „тенки“, а студијата направена од тим на медицинарот Чарлс Чиу уште нема поминато потребна независна научна проверка.

Повеќе на темата:

Вакцинација: ЕУ ја прилагодува својата стратегија кон корона-мутациите

Ковид-19: Ни требаат ли нови вакцини?

Откриени комбинирани мутации на коронавирус во Велика Британија

Низ С.Македонија „шетаат“ 20 мутации на коронавирусот

Сепак, има истражувања кои исто така упатуваат на заклучок за поголема заразност на Б.1.427 и Б.1.429: кај инфицираните во носот е присутна двојно поголема концентрација на вирусот. Во лабораториски услови, мутацијата покажала подобра способност за продор во човечките клетки и структури слични на ткивото на белите дробови од контролните вируси, стапката е дури за 40% повисока. Освен тоа, новата мутација во еден старски дом се раширила со многу поголема брзина отколку другите вирусни варијанти кои курсирале во четири слични установи.

Вознемирувачки се и сознанијата за предизвикување полош имунолошки одговор кај телото. Антителата настанати кај луѓето по прележан Ковид-19, барем во лабораториски услови, не спречуваат толку добро инфицирање со новата варијанта. Можно е постоење повисок ризик од повторно заразување и за лицата со примена вакцина од Фајзер или Модерна. Но, уште е нејасно дали вакцините имаат помала ефикасност против Б.1.427 и Б.1.429. Имунитетот според досегашните сознанија не исчезнува толку многу како кај варијантата од Јужна Африка.

Весникот „Њујорк тајмс“ пишува дека научниците случајно наишле на новата варијанта. Чиу на крајот на декември всушност имал намера да изврши проверка на интензитетот со кој британскиот сој се има проширено во Калифорнија, па за таа цел секвенцирал геном од позитивните корона-тестови. Така наишол на новата мутација. Речиси истовремено научниците од Медицинскиот центар Цедар-Синаи во Лос Анџелес направиле исто откритие.  

 

Реклама