Се тргаат сите пречки за „Преспа“ | Северна Македонија | DW | 28.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Се тргаат сите пречки за „Преспа“

Од 29 барања, амнестија вчера добија 12 лица на предлог на Обвинителството за гонење организиран криминал. Денеска до Судот треба да стигнат предлози и од Основното јавно обвинителство, каде амнестија побарале 37 лица.

Staatsanwaltschaft in Skopje (DW/Katerina Blazevska)

Во Основното јавно обвинителство - Скопје пристигнале 37 барања за амнестија

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски, како и Љупчо Димов од Социјалистичката партија, вчера се амнестирани од страна на Кривичeн совет на Основниот суд Скопје 1. Покрај петте пратеници кои беа обвинети за настаните од 27-ми април 2017 година, амнестирани се и двајца вработени во кабинетот на поренешниот претседател на Собранието,Трајко Вељаноски - обвинетите Елена Доцевска-Божиновска и Иван Цветановски. Амнестија добија и обвинетите Захарије Симовски, браќата Стефан и Михаил Младеновски, Митре Питроповски  и Илија Славевски  Имињата на првата група 12 амнестирани ги обелодени претседателот на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев, во гостување на ТВ „24“.

Повеќе: Дедо Мраз со полна торба помирувања

Денеска - нова тура предлози

Ваквата одлука на Судот уследи откако претходно, позитивно мислење за 12-те лица дало Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое имаше покренато обвиненија за вкупно 33 лица. Од нив, барање за амнестија не поднесоа само петмина - Митко Чавков, Душко Лазаров, Игор Дурловски, Јане Ченто и Игор Југ. Во меѓувреме Обвинителството започна предистражна постапка и за лица кои при одбраната на дел од обвинетите (браќата Младеновски и Александар Василевски -Нинџа) беа посочени како налогодавачи или организатори на дел од дејствата.

Во законски предвидениот рок, вкупно биле поднесени 66 барања за амнестија. Од нив, до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција пристигнале 29 барања, а Обвинителството вчера даде позитивно мислење само за 12. Во Основното јавно обвинителство - Скопје  (ОЈО) пристигнале 37 барања за амнестија и денеска се очекува оттаму до Кривичниот суд да бидат доставени нови предлози за амнестија за лицата кои беа обвинети непосредно по „крвавиот четврток“. Извесно е дека филтерот на амнестијата ќе го поминат обвинети, осудени или оние кои се во жалбена постапка за неправосилни пресуди за „учество во толпа“. Предлозите на Обвинителствата не се обврзувачки за Судот.

Ублажени мерки

Во ист ден со првата тура амнестии, стигна и одлуката на Апелацискиот суд во Скопје, со која мерката притвор на бизнисмените Јордан Камчев и Цветан Панделески им се заменува со домашен притвор. СЈО вчера дало позитивно мислење за барањето на дел од осомничените во „Империја“ да им бидат определени поблаги мерки. До вчера немаше одлука по жалбата за мерката притвор на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, бидејќи се чекаше мислење од СЈО, но одбраната на Мијалков верува дека тоа ќе биде позитивно. СЈО побарало мерката затворски притвор да се замени со домашен и за обвинетите Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Токму притворите за Мијалков, Јанакиески и Божиновски се поврзуваа со незадоволство во независната пратеничка група на опозициската „осумка“, и колебање кај некои од нив за гласање за уставните измени во последната фаза. Очекуваното ублажување на мерките за претпазливост изречени за нив, се толкува како обид за отстранување на последната пречка за обезбедување двотретинско мнозинство за обврските што произлегуваат од Договорот од Преспа. 

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje (DW/P. Stojanovski
DW/P. Stojanovski)

СЈО дало позитивно мислење за барањето на дел од осомничените во „Империја“ да им бидат определени поблаги мерки

Повеќе: 

Заев за ДВ: Ниеден процес не смее да ја урне правната држава!

Не заборавајте дека се мразиме

Загубена невиност

Во јавноста нема дилеми дека амнестиите и укинувањето на затворските притвори се дел од тој пакет, ниту пак политичарите од власта го демантираат тоа. Тие говорат за „помирување“, неопходно за пат кон повисоката, стратегиска цел на Македонија - членство во НАТО, и почеток на преговори со ЕУ. На  социјалните мрежи врие од критики што патот кон нив се трасира преку „трговија со правото“, со „свиткан р'бет на СЈО“, со „политичка правда“, со „предавство на правната држава“... Реакциите во јавноста илустративно ги пренесува и новинарот Сашо Ордановски во денешната колумна под наслов „Загубена невиност“.  

„За нас, вљубени во балансот помеѓу правдата и мирот, после овој секс, никогаш ништо повеќе нема да биде исто (...) Еден пријател, кој се занимава со истражување на јавното мислење, вели дека во текот на вчерашниот ден направил брза телефонска анкета за да ги сондира ставовите на граѓаните по повод најновите случувања врзани за 'националното помирување' помеѓу елитите на власта и опозицијата... Резултатите што ги добил ги потурил со бензин и ги запалил, заедно со хард-дисковите од компјутерите со податоците од анкетата“, пишува Орданоски.

DW.COM

Реклама