Се стеснува пазарот на стриминг услуги | Економија | DW | 26.03.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Се стеснува пазарот на стриминг услуги

Американските компании како Нетфликс и Амазон Прајм доминираат на пазарот за стриминг на филмови и серии. Сега и Епл влегува во овој бизнис. Традиционалните ТВ канали мора да се менуваат и адаптираат.

Влезот на Епл на пазарот на неограничен видео-стриминг со претплата е нов предизвик за Нетфликс и Амазон. Со 140 милииони претплатници во светот, Нетфликс царува во оваа бранша. За Прајм сервисот на сајтот за онлајн трговија Амазон, кој нуди и видео-стриминг плаќаат над 100 милиони луѓе. Според медиумските извештаи и Епл сака во следните пет години да освои исто толкав број претплатници за својата стриминг услуга. Преку нејзината Ај-тјунс – платформа оваа компанија уште од 2005та година (во Германија од 2008) нуди стриминг на филмови и серии – но плаќањето е поединечно, по парче, а не како паушална претплата.

Доминација на американските фирми

Американските концерни за продукција на забавна програма, Дизни и Ворнер за годинава исто така најавија стриминг услуги – со голема веројатност дека со тоа нивните производи нема да може да бидат пренесувани од други платформи. Во царството на Дизни не спаѓаат само цртани филмови, туку и целото Холивудстудио, супер хероите на Марвел и "Војна на ѕвездите" (Star Wars) во сите нивни облици. Во семејството на Ворнер пак покрај познатото филмско студио припаѓа и ТВ каналот Ејџбио (HBO) кој меѓу другото ја продуцира најуспешната серија "Игра на тронови" (Game of Thrones).

Се уште многу работи се отворени, но нешто уште од сега се смета за сигурно. Прво ексклузивни содржини, популарни филмови, серии или спортски настани ќе бидат пренесувани преку различни платформи. Второ, во бизнисот со видео-стриминг и во Европа доминираат американски фирми кои го работат тоа глобално.

Понуда за сите вкусови и потреби

„Најголемите платформи при тоа играат со ефект на скалирање", вели Флоријан Керкау, раководител на Голдмедиа во Берлин, една од консултантските куќи специјализирани за медиуми. Оној којшто има многу корисници, може да си дозволи да издвои големи суми за ексклузивни содржини. А оној којшто има ексклузива, привлекува нови претплатници. Ова е во суштина стратегијата на Нетфликс. Минатата година оваа компанија плати 12 милијарди долари за нови филмови и серии, а годинава таа сума ќе порасне на 15 милијарди долари. „Нетфликс во моментов има таков фонд на пари којшто никој друг не го нуди", вели Керкау за ДВ.

Човек може исто така да каже и дека никој друг не мора да плати. За разлика од неговите конкуренти, Нетфликс е целосно зависен од стриминг - тоа му е единствена дејност. Измината година компанијата има остварено 1,2 милијарди долари добивка – но не им останува доволно пари за да ги исплатат огромните долгови.

"Многу Нетфликс – серии по една година се откажуваа бидејќи не се доволно успешни", вели Ден Рејбурн, аналитичар во консултантската фирма Фрост и Суливан од Њујорк. „За да се открие што сака публиката и колку пари мора да се одвојат за продукција е навистина многу ризичен бизнис."

Стриминг како споредна работа

За Амазон и за новиот играч Епл, видео –стримингот е еден од многуте бизнис дејности, и не им е најважниот. „Епл е сосем различна фирма од Нетфликс", вели Рејбурн за ДВ. „Тие имаат цел еко-систем – телфонски уреди, продавници, услуга на плаќање. Така тие можат видео содржините да ги користат сосем поинаку од Нетфликс, на пример како дополнителна понуда во рамккте на другите услуги и пакети."

Нетфликс изминатата година има направено обрт од 16 милијарди долари. Епл 266 милијарди. Дури и за Амазон (со обрт од 232 милијарди долари) видео-стримингот е само една ставка од многуте со кои ги привлекуваат корисниците да станат прајм-претплатници.

За Нетфликс е од витално значење да си ја одржува предноста со понуда на екслузивна содржина. Се чини во моментов тоа го прават успешно: според истражувањето на Голдмедиа, од десетте најпопуларни стриминг – серии во Германија во последниов месец девет се гледале на Нетфликс.

Златни времиња за продуцентите

Поради ваквиот тренд под притисок се најголемите комерцијални ТВ ланци во Германија како РТЛ и ПрозибенСат1. „Младите луѓе повеќе не гледаат традиционални ТВ канали како порано", вели Флориан Керкау. И двете компании работат на тоа да ги подобрат сопствените стриминг услуги, делумно со пододбра понуда за која корисниците мора да платат. „Но нивниот проблем е дека на меѓународен план не можат толку добро да се справат со моќните американски компании."

За продуцентите на германски филмови и серии ваквиот развој е сепак позитивен, вели Керкау. Тие имаа тешки години зад себе во кои германските приватни радиодифузери речиси и да немаа побарувачка на нивните производи бидејќи потребите ги задоволуваа со американската продукција. Од појавата на Нетфликс и сличните компании на пазарот, телевизиските канали продуцираат се повеќе сопствена содржина за да останат атрактивни. „Одамна немало ваква голема продукција како денес", вели Керкау и додава: „Ова е златно време за продуцентите".

Сепак подготвеноста да се плати за видео содржина во Германија е далеку помала во однос на САД. Едно истражување на Дилојт покажува дека повеќе од половина од американските домаќинства (55%) во 2017 година се претплатиле најмалку на една стриминг платформа. Во Германија според Голдмедиа во истата година тој процент е 18. Во ова не се брои месечната сума за претплата за ТВ, Радио и стриминг на државната радиодифузија,која е задолжителна за сите домаќинства во Германија.

 

Реклама