Се` поизвесна коалицијата Алијанса-Алтернатива | Северна Македонија | DW | 16.01.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Се` поизвесна коалицијата Алијанса-Алтернатива

Процесот на меѓупартиски разговори за финализирање на коалицијата се` уште не е завршен, но според партиски извори, најверојатно Беса ќе остане надвор од тој фронт

Се` поизвесно е дека нема да се создаде тројна  коалиција која на  изборите ќе се обиде да ја прекине дводецениската доминација на ДУИ во власта. Иако продолжуваат разговорите на Алијанса за Албанците со Беса и Алтернатива, разликите меѓу последниве две партии навестуваат дека тројната коалиција ќе заврши како двојна. Процесот на меѓупартиски разговори за финализирање на коалицијата се` уште не е завршен целосно, но според партиски извори, најверојатно Беса ќе остане надвор од тој фронт.

Од ДУИ ги следат јавните пораки од типот „сите против еден“, особено обвинувањата за тоа кој бил, или кој е дел од ДУИ. По една таква епизода, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, неодамна од собир во Сарај порача дека сите биле дел од ДУИ и ги повика да и` се приклучат на неговата партија, која ја нарече „големата мајка“.

 Mazedonien Parlamentswahlen- DUI- Anführer Ali Ahmeti (picture-alliance/dpa/V. Xhemaj)

Али Ахмети : ДУИ е „големата мајка“

Изјавата наиде на реакции, и се чини уште повеќе ги мобилизираше во антагонизирање со ДУИ. Алијанса за Албанците во едно од партиските соопштенија, нагласи дека „никој не е против нив (ДУИ) како индивидуи, туку против нивната штетна политика“ и порача дека „е време ДУИ да биде опозиција".

Алтернатива против неетична коалиција

Од Алијанса за Албанците засега се воздржани по прашањето колку партиски субјекти ќе има во коалицијата. Но, извори од Алтернатива зборуваат за две партии.

„Во нашите изјави преку медиумите често сме спомнувале дека Алтернатива сака да направи победничка коалиција во албанскиот камп, затоа сме убедени дека коалицијата Алијанса-Алтернатива е победничка опција. Додавање на други партии, иако на прв поглед изгледа аритметички поубедливо за победа, ние сме убедени дека не може да доведе до тоа. Голем број на гласачи не би гласале за коалиција која е неприродна и неетична", објаснуваат од оваа партија.

Причините ги лоцираат во опасност од заткулисни сплетки „во режија“ на партијата на Ахмети, која во Беса би имала партнер за тоа.

„ДУИ, ако ништо друго не знае, многу е вешта во растурање на партии и коалиции. Затоа, секое проширување на коалицијата може да доведе до распад на истата и пред избори, а најверојатно и најболно би било кога по избори нивни пратеници би седнале во скутот на Ахмети и би правеле ново мнозинство во Собранието“, објаснуваат извори од Алтернатива.

За да не звучи тоа ни претенциозно, ни параноично, потсетуваат на неколку такви случаи, предупредувајќи дека е голема веројатноста тие да се повторат.

„Прв случај, по локалните изборите во Чаир: ДУИ немаше мнозинство во Советот, така што двата советника на Беса без срам и перде си седнаа во скутот на  ДУИ.  Ист таков случај имаше и во Советот на Општина Тетово, каде исто така советниците на Беса му направија мнозинство на ДУИ. Трето и најболно, е што по локалните избори, сегашните челници на Беса го направија расколот во таа партија под диктат на ДУИ. Во судскиот процес ДУИ со своите судии се погрижи да им ги додели печатите, односно правната сопственост на тие што ја украдоа интелектуалната сопственост на Беса која им припаѓа на вистинските основачи, а кои беа принудени да формираат нов бренд и ново име на партијата - Алтернатива“, објаснуваат од партијата.

Велат дека гласачите на Алтернатива пристапиле и ја поддржуваат оваа партија поради моралните вредности кои таа ги промовира. Доколку Алтернатива направи неетична коалиција со оние од кои била предадена, може да доведе до тоа партијата да ја изгуби поддршката од нејзините гласачи.

„За нас најбитно е да останеме достојни и верни на нашите поддржувачи и гласачи и на вредностите кои ги промовираме, без разлика на цената што треба да ја платиме“, децидни се од Алтернатива.

И посредници во игра 

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, во однос на идентификацијата на ДУИ со „големата мајка“, изјави лидерите на Алијанса, Беса и Алтернатива се „деца“ на ДУИ, затоа што тие го спасиле Ахмети во 2016 година кога му ги дале гласовите да формира влада. Во тв-настап тој обелодени дека Христијан Мицкоски му испратил посредник од странска држава за да го убеди да соработува со  ВМРО-ДПМНЕ.  Притоа потсети дека стратегиски партнер на ДПА од 1999 година била  ВМРО-ДПМНЕ,  која била западно ориентирана и насочена кон ЕУ, но дека денеска не ја познава таа партија како таква. Во однос на ДУИ нагласи дека таа партија не е негов противник.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Menduh Thaci Politiker Statement (picture-alliance/abaca/Anadolu Agency)

Тачи како услов за соработка со ДУИ бара вицепремиерско место

„Подготвен сум да преговарам со нив и да соработувам, ако прифатат да бидам вицепремиер“, рече Тачи.

Од ДУИ, пак, тврдат дека сите анкети покажувале оти нивната партија ќе биде победник во албанскиот блок и на овие избори. Вицепремиерот Бујар Османи изјави дека националните теми ги оставиле зад себе.

„Главни предизборни теми ќе ни бидат правна држава и ветингот, но и принципот на консензуално одлучување кое се покажа многу позитивно во изборот на претседател на државата. Ќе се обидеме да го промовираме како начин на функционирање во државата. На овие избори ќе се залагаме и за повисок животен стандард. но и за враќање на луѓето во државата. Изборната програма на ДУИ ќе се потпира на четири столба. Во претходниот мандат ги затворивме националните теми. Ние отвораме едно ново поглавје на ДУИ, тоа е поминување од квантитет во квалитет“, изјави Османи.

 

Реклама