Се’ поголем распон меѓу примањата на претприемачите и на работниците | Економија | DW | 01.02.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Се’ поголем распон меѓу примањата на претприемачите и на работниците

Платите заостанаа и зад порастот на цените, па опадна куповната моќ на работниците. Ова ќе влијае врз претстојните тарифни преговори

Се’ поголема разликата во платите

Се’ поголема разликата во платите

Во последните години добивките на претпријатијата доживеаја силен пораст. Кога се во прашање платите, за многумина, иако не и за сите работници во Германија во изминатите две години работите не одеа добро: Сојузниот завод за статистика констатира дека тие во просек заостануваа зад стапката на инфлација. Тоа значи дека работниците навистина имаа неколку евра повеќе, но севкупно нивната куповна моќ опадна. Минатата година просечните плати утврдени со тарифни договори за службениците пораснаа за 1,2, а за работниците за 1,5 насто – при истовремен пораст на цените од 1,7 проценти! Службениците вработени во органи на федерацијата, на покраините и на општините лани воопшто не добија зголемување на платите.

Сосем поинаква е сликата кај приходите од претприемничка дејност и од имот: во 2005-та пораснаа за 6,2, а лани за 6,9 насто. Тоа и можеше да се очекува по рекордните биланси на претпријатијата – парите некаде мора да останат. Уделот на работниците во националниот доход лани - седма година последовно – опадна. Тоа значи дека распонот меѓу приходите на претприемачите и заработувачките на работниците се’ повеќе се зголемува. Од 2000-та година уделот на работничките плати во националниот доход опадна од 72,2 на 66,2 процента, а соодветно се зголеми уделот на претприемачите и на сопствениците на имот.

Ова не се академски игри со бројки, туку показатели во фонот на претстојните рунди од тарифните преговори. Синдикатите имаат значителен удел во основите за сегашниот стопански подем со крајно умерената политика кај платите - кај трошоците на претпријатијата опаѓа факторот плати. Тоа, заедно со порастот на продуктивноста, придонесе за значително намалување на трошокот за плати по единица производ, што пак кај цените значително ја зголеми конкурентната способност на германските понудувачи на светскиот пазар. Како краен резултат, Германија со години освојува удели на светскиот пазар, додека Франција и Италија ги губат.

Се разбира, и натаму се бара одговорна тарифна политика. Ни работниците немаат ништо од тоа, ако ги загрозат подемот и отворањето нови работни места. Нужни и изводливи се тарифни договори поблиски до ситуацијата во самите претпријатија. Оти, во никој случај не им оди сјајно на сите, иако на речиси сите им е значително подобро отколку пред само неколку години.

На ситуацијата соодветни и натаму се умерени порасти на платите и додатоците утврдени со тарифни договори што важат за цела Германија кај фирми кои стојат натпросечно добро. Тоа најдобро може да се организира со учество на работниците во добивките на претпријатијата. Кај едно се’ поголемо малцинство од фирми тоа одамна се практикува – при што тоа не носи само предности за работниците, туку и за претпријатијата, кога имаат задоволни соработници, подготвени посебно да се ангажираат.