Се заканува ли конфликт меѓу САД и Русија? | Свет | DW | 21.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Се заканува ли конфликт меѓу САД и Русија?

Конфликтот меѓу САД и Русија во Сирија би можел да ескалира, стравуваат експерти, без оглед што ниедна страна нема интерес од тоа.

Соборувањето на сириски борбен авион над градот Рака во Сирија од страна на воен авион на САД, што се случи во неделата, Москва го нарече јасен „акт на агресија“ против сириската власт, која Русите ја поддржуваат. Од таа причина руската влада ја запре комуникацијата со САД и тоа по сите канали кои претходно беа воведени токму заради избегнување воени конфликти меѓу двете земји. Освен тоа, од Кремљ стигна најава дека руската војска ќе ги соборува сите странски авиони кои ќе влезат во воздушниот простор западно од Еуфрат. Оваа област во Сирија, Русија ја смета за своја сфера на влијание. 

Во Рака владее т.н. Исламска држава, а противрежимските Демократски сили на Сирија, СДФ, со помош од меѓународната алијанса, предводена од САД, се обидуваат да го преземат градот. Зошто тогаш воопшто сириската влада испраќала борбен авион над Рака? Тоа е клучното прашање во инцидентот, истакнува Језид Сајиг од Карнеги-центарот за Среден Исток, во разговор за Дојче веле. Режимот тоа со години го немаше  направено. „Мислам дека режимот на Асад сака да ги тестира границите до кои може да оди и црвените линии на САД, а пак САД сакаат да ги утврдат своите црвени линии.“

Syrien Aleppo Russische Soldaten (picture-alliance/AP/Russian Defense Ministry)

Руската војска го поддржува режимот на Асад

„Вознемирувачки чекор наназад“

Инцидентот повторно ја укажува сериозноста на посредната војна, која ја водат противниците на Асад, помогнати од САД, против оние кои ги поддржува Москва. Во суштина, се води борба околу иднината на Сирија, но притоа засилено се заострува и конфликтот меѓу двете светски сили.

Во изминатите недели американските трупи трипати нападнаа војници на режимот, при што американски функционери истакнуваат дека во сите случаи станува збор само за одговор на претходен напад од противничката страна. Од неодамна, САД ја зајакнаа воената поддршка на своите партнери во Сирија со цел да ја истиснат ИД од Рака. Градот се смета за последниот бастион на терористичката милиција во земјата. 

„Ризикот од конфликт меѓу САД и Русија порасна“, вели Џонатан Стивенсон, кој во времето на американскиот претседател Барак Обама беше член на Националниот совет за безбедност. „Зголемена е веројатноста од директен судир меѓу двете земји. Некои сметаат дека судирот е веќе во тек, зашто во последно време имаше повеќе инциденти.“

„Ситуацијата е многу опасна“, потенцира Ајвон Морган, професор за американски студии на Универзитетскиот колеџ во Лондон. „Можноста да дојде до конфликт е енормно нарасната.“

Актуелниот конфликт е вознемирувачки чекор наназад, смета Штефан Мајстер, стручњак за темата Русија во Германското друштво за надворешна политика. „Во изминатите недели, па и месеци, постоеше подобрување. Во Сирија се одвиваше зголемена комуникација меѓу Русија и меѓународната коалиција на чело со САД. Присутно беше чувство на одредена опуштеност. Секако, сега тоа е ставено под прашалник.“

Притоа, ниту САД, ни Русија немаат интерес од натамошно влошување на ситуацијата, што го истакнуваат и Стивенсон и Морган. Американското раководство веројатно би сакало да спречи ескалација на ситуацијата во таква мерка, при која би морало да испраќа засилени копнени трупи во Сирија.

Во целина, тешко е да се препознае точната стратегија на САД, настрана од борбата против ИД. Тоа го констатираат и двајцата експерти, Стивенсон и Морган. Сепак, Вашингтон, барем засега, веројатно не планира изнудување промена на режимот во Сирија.  

Russland Wladimir Putin und Hassan Rouhani in Moskau (Getty Images/AFP/S. Karpukhin)

Иран и Русија на иста страна во конфликтот во Сирија

Иран како провокација

И Русија би требало да избегнува заострување, истакнува безбедносниот експерт Стивенсон, во спротивно, би се дошло до ситуација во која руската војска би морала да се бори на многу фронтови и не би можела веќе да парира на силната американска армија.

Опасен би можел да стане и судирот на релација САД-Иран, стравува лондонскиот експерт Морган. Зашто, Иран, покрај Русија, е вториот важен поддржувач на сириската влада. Американскиот претседател Доналд Трамп вербално повеќепати остро го нападна Иран.

Без оглед што ниту САД, ни Русија не сакаат директна конфронтација, „многу конфликти во историјата сепак ескалирале во одреден момент“, вели Морган, стравување кое го дели и Мајстер. А Стивенсон дополнува: натамошни непријателски акти меѓу Москва и Вашингтон не би го изненадиле, првенствено ако Русија дефинитивно ги затвори комуникациските канали, а САД ја зголемат поддршката на анти-Асад трупите.

 

DW.COM

Реклама