Се бара Никола Груевски  | Северна Македонија | DW | 12.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Се бара Никола Груевски 

Полицијата во Скопје попладнево почна потрага по експремиерот Никола Груевски откако тој не се јави на издржување на двегодишната затворска казна. Полиција пред домот на Груевски, но и пред ВМРО-ДПМНЕ

МВР започна масовна потрага низ објекти и улици низ Скопје по поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Откако три дена се чекаше експремиерот да се јави на издржување на двегодишната затворска казна, полицијата денеска објави потерница за негово апсење. Потоа, придружувани од бројни новинарски екипи и камери, полицајците најпрво го посетија домот на Груевски, а вечерва се упатија и кон седиштето на ВМРО-ДПМНЕ чиј долгогодишен претседател беше Груевски. 
Пред домот на Груевски, под будното око на новинарите, полицајците чукаа на вратата, но никој не отвараше. Целата претстава траеше околу еден час, по што полицајците си заминаа, а новинарите останаа пред зградата. Груевски го немаше. 
Драмата потоа се префрли пред партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Таму полицијата ги прегледуваше сите возила кои излегуваа од гаражата, се отвораа и багажници на автомобилите, но Груевски повторно не беше најден. 
Нејасно е дали полицијата врши претрес и внатре во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, или само пред партиската зграда и во подземната гаража? 
Премиерот Зоран Заев вечерва во дебата на МТВ изјави дека „не верува оти Груевски би си дозволил да избега“. 
„Не верувам дека господинот Груевски би си го дозволил тоа, барем според она што тој до сега го кажал“, рече Заев. 

Никој не знае каде е Груевски
Ни адвокатот на Груевски, Димитар Дангов не знае каде е неговиот клиент. Дангов во изјава за домашните медиуми вели дека нема информации каде се наоѓа Груевски. 
Инаку експремиерот досега постојано имаше придружба и обезбедување од МВР, но според информации на порталите во Македонија, тој не контактирал со своето обезбедување од четвртокот минатата недела. 
Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавката на луксузен мерцедес вреден 570 илјади евра. Против него се водат уште четири кривични постапки пред судовите за различни дела. 
Потрагата по Груевски вечерва предизвика голем интерес во македонската јавност. Во живо преку социјалните мрежи се следат акциите на полицијата, додека на Твитер преовладуваат коментари за целата состојба: 

 


 


 
 

DW.COM

Реклама