Се бара заеднички јазик за законот за јазиците | Северна Македонија | DW | 20.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Се бара заеднички јазик за законот за јазиците

Доколку не помине групирање на амандманите доставени на Законот за употреба на јазиците, или не биде намален нивниот број од страна на опозицијата, решението ќе мора да се бара преку разговори меѓу партиските лидери

Опозицискиот бојкот, но и службени патувања на пратениците во изминатиот период, го доведоа македонскиот парламент во блага хибернација. Освен комисиски седници на кои не присуствуваат пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, поради недостиг на кворум во изминатите две недели немаше пленарни активности. За денеска се закажани седници на неколку комисии, како и две пленарни седници, на чиј дневен ред се предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, како и избор на потпретседатели на Собранието. За оваа функција се предложени Фросина Ременски, Горан Мисовски и Весел Мемеди. Претходниот обид за нивен избор пропадна, поради реакција на опозицијата дека точката е ставена на дневен ред во последен момент без тие да бидат информирани. Од ВМРО-ДПМНЕ исто така се противеа на зголемувањето на бројот на потпретседатели, со став дека тоа не е реална потреба, туку задоволување на потребите на владејачките партнери.

Лидерите ќе се договараат?

Но, прашањето што лебди над парламентот е  како ќе се постапува по рекордните 35.569 амандмани поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на Законот за употреба на јазиците , а тоа да не ја блокира работата на парламентот, која според пресметките, во такви околности би траела најмалку шест месеци. Само за преведување на амандманите, на Собранието му беа потребни повеќе од две недели. Парламентарните групи очекуваат „формулата“ за излез од оваа ситуација да ја најде претседателот Талат Џафери, врз основа на Деловникот. Засега се во игра две варијанти. Првата е да се примени моделот за спојување на амандманите според членовите од законот на коишто тие се однесуваат, односно да има заедничка дискусија за сличните амандмани. Втората е амандманите да се разгледуваат поединечно, но доколку опозицијата ги сведе на разумна бројка. Од парламентот како илустрација го посочуваат податокот дека при првата постапка за донесување на овој закон, ВМРО-ДПМНЕ предложила „само“ 80-тина амандмани. Законот за јазиците беше усвоен на 11-ти јануари со 69 гласови „за“, ниту еден „против“ и еден „воздржан“. Но, повторно беше вратен во собраниска процедура откако претседателот Ѓорге Иванов на 17-ти јануари одби да го потише указот за негово стапување на сила, со оценка дека е противуставен.

Повеќе на темата: 

Јазикот на глувите

Законот за јазици репресивен или инспиративен за протести?

Доколку не помине групирањето на амандманите или не биде намален нивниот број од страна на опозицијата, тогаш решението ќе мора да се бара преку разговори меѓу партиските лидери. Опозицијата не дава сигнали дека ќе се повлече од сегашните позиции. Во обидот на власта да се искористат деловнички можности за групирање на амандманите, ВМРО-ДПМНЕ гледа паушално толкување и кршење на собранискиот Деловник.

Извори и од власта, и од опозицијата, потврдуваат дека во парламентот има разговори на оваа тема, но засега без разултат. Се најавува дека деновиве е можна средба меѓу претседателите на ДУИ и на ВМРО ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски. Иако контакти меѓу власта и опозицијата се одвиваат и преку работните групи кои работат на усогласување на ставовите за реформските закони, опозицијата го бојкотира парламентот и само селективно учествува во неговата работа.

Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi (picture-alliance/AA/B. Ademi)

Од собранискиот претседател Талат Џафери се очекува наоѓање решение, врз основа на Деловникот

Курсисти за ефикасен парламент

Дали таа состојба ќе се смени? Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред неколку дена изјави дека неговата партија не го спречува функционирањето на Собранието.

„ВМРО-ДПМНЕ не е политичка партија која што го спречува функционирањето на Собранието. Напротив, ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која што води сметка за државните и националните интереси. Исто така ВМРО-ДПМНЕ води сметка да не биде прекршен Уставот и законите“, изјави Мицкоски, додавајќи дека „голем дел од пратениците се надвор од државата и токму тоа е причината зошто Собранието во овој момент не функционира“.

Одржувањето на пленарните седници зависи од кворумот, а тој подолг период е (не)предвидлив. Пред неколку дена претседателот на Собранието, пратеници од сите партии и претставници на собраниските служби се вратија од Лондон, каде учествувааа  на конференција во организација на Институтот „Вилтон парк“, посветена на тема „градење на ефикасен и независен парламент“. Деновиве пак, неколку пратеници се на службено патување  во Виена, една пратеничка е повредена, а друга на породилно отсуство, што повторно го отвора прашањето дали ќе има услови за работа на параламентот, и покрај научените лекции за ефикасен парламент. Импулс во оваа насока се очекува да дадат и европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едвард Кукан, кои според одредени најави идната недела треба да дојдат во посета на парламентот.

 

DW.COM

Реклама