Сета моќ во рацете на Ердоган? | Свет | DW | 09.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сета моќ во рацете на Ердоган?

Ако сѐ оди според претставите на Ердоган, тогаш тој во иднина не би бил само претседател, туку и премиер на земјата. Тоа е предвидено со новиот Устав, за кој парламентот почнува да дебатира од денеска.

Парламентот во Анкара денеска почнува со расправа околу планираната реформа на Уставот која треба да доведе до претседателски систем во земјата. Според турската државна агенција Анадолу, дебатата околу новиот Устав ќе трае отприлика две недели.

За да биде донесен реформираниот Устав се неопходни 330 од вкупно 550 гласови на пратениците. АКП, која располага со 316 пратенички мандати, го нема неопходното двотретинско мнозинство во парламентот и упатена е на гласовите на ултранационалистичката партија МХП. Шефот на МХП, Девлет Бахџели, ѝ дава поддршка на бараната реформа, но во партијата има и оптор. Останатите две опозициски партии - централно-левичарската ЦХП и прокурдската ХДП - се категорично против воведување претседателски систем, со што значително би се зајакнала позицијата на претседателот, кој тогаш не би бил само претседател, туку и премиер, а парламентот би имал ослабната позиција. Тие стравуваат од „диктатура“ во Турција. Ердоган, на пример, со реформата би имал право да владее и со декрети. 

Türkei Nationalversammlung in Ankara (picture-alliance/dpa/M. Gambarini)

Зградата на парламентот во Анкара

По донесување на уставната реформа, за текстот во рок од 60 дена треба да се изјаснат и граѓаните. Според истражувањата на јавното мислење направени по налог на АКП, околу 45 проценти од избирачите се „за“ реформа на Уставот. За да се промени Уставот се неопходни 50 проценти плус еден глас. 

DW.COM

Реклама