Сертификати за имунитет во борбата против Ковид-19 | Свет | DW | 16.04.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Сертификати за имунитет во борбата против Ковид-19

Во некои делови на светот сертификатите за имунитет се користат како средство за постепено враќање на општеството во нормала. Стручњаците предупредуваат дека е можеби прерано за вакви мерки.

Земјите ширум светот пронаоѓаат начин како да ги подготват и вратат во нормала своите општества. Некаде полека се ублажуваат мерките против ширењето на коронавирусот. Дури и тешко погодени земји, како Италија и Шпанија, размислуваат за што побрзо враќање во нормално секојдневие. Пред се’ враќање кон работното секојдневие. Зашто, веќе сега е јасно дека пандемијата ќе остави далекусежни последици за стопанството, а колку рестриктивните мерки траат подолго, толку последиците ќе бидат поголеми.

Еден од механизмите со кои владите се обидуваат да вратат што повеќе граѓани во економските текови е издавањето на т.н. сертификати за имунитет за лица кои го преболеле коронавирусот и кои имаат создадено доволно антитела. Сертификатот би им овозможил на лицата кои оздравеле враќање на работа. Овој метод е особено популарен во Италија и тоа во кризните жаришта на северот на земјата, како и на другата страна на Атлантикот, во средиштето на заразата Њујорк.

Italien Bergamo Messe-Zone provisorisches Krankenhaus für Corona-Patienten (picture-alliance/abaca/Fotogramma/S. Agazzi)

Давање сертификати на оздравените пациенти, може да го подели општеството на два дела, предупредуваат експертите

 „Знак за несигурно општество“

Но, овие планови се спорни како од медицински, така и од етички аспект. Експертите предупредуваат дека сертификатите за имунитет им се само алиби на политичарите кои сакаат враќање на состојбата во нормала што е можно побргу.

Мартин Шнел, професор по социјална филозофија и етика на здравствениот систем од Универзитетот Витен/Хердеке, вели дека преуранети повици за укинување на мерките се знак за „несигурни општества“. Според него, импулсот кој стои зад таквата идеја е разбирлив:

„Замислете дека сте во сообраќајна колона. Се чувствувате многу поинаку ако знаете дека застојот ќе заврши за 20 минути, отколку кога не знаете ништо. Ние сакаме да знаеме дека правиме нешто и сакаме да знаеме кога се’ ќе заврши. А, сега не го знаеме ниту едното ниту другото. “

Тој е скептичен околу изводливоста на користењето на сертифкати за имунитет во помалите места, каде сите се знаат едни со други. Ризикот на тој начин да се поттикнат чувства со тоа што општеството ќе се подели на две групи, од кои едната смее да води нормален живот, а другата не, би бил исклучително „штетен за солидарноста на заедницата“, која во моментов го држи општеството заедно.

Гледај видео 01:28

Што научивме во корона-кризата?

„Од друга страна, не можете да ги направите нееднаквите работи еднакви“, и сертификатите за имунитет би можеле да бидат „само“ начин за да оди напред, вели Шнел. Но, тој потенцира едно големо ограничување. Планот „може да се смета за етички само ако се задржат сите останати мерки на дистанцирање, како на пример оддалеченост од 1,5 метар или носење маски, за да се заштитат како здравите, така и ранливите“. Тоа во одредени ситуации може да биде исклучително тешко, на пример во јавниот сообраќај, со кој многу луѓе одат на работа.

Повеќе:

Експерти од Харвард: Летото нема да не спаси од коронавирусот

Дали оздравените корона-пациенти се имуни?

Студија: Коронавирусот го погодува и невролошкиот систем

Карантин: Седењето дома му штети на имунолошкиот систем

Пребрзо отворање?

Шнел смета дека не се многу мудри плановите за враќање кон нормала пребрзо. Според него, разбирливо е што се сака да се знае кога ќе заврши застојот, но би било многу поодговорно да се направи нормативен план врз основа на определени столбови. Еден пример за тоа е да се чека додека R0 стапката на инфекција падне под 1, односно кога едно лице инфицира помалку од едно лице. Ваков план е во контраст со повиците за определување датум за олабавување на мерките, засновани врз пребрзата желба за рестартирање на паднатите економии.

Доколку владите укинуваат рестрикции, за потоа за неколку недели да мора повторно да ги воведуваат поради втор бран зараза, тоа би можело да предизвика „криза на демократијата“, вели Шнел.

„Политичките лидери би морале да понудат разбирливо сценарио за олабавување на рестрикциите, а не временско сценарио, или во спротивно „ризикуваат да ја загубат својата веродостојност“, оценува Шнел.

Навистина, Кина сега забележа најголемо зголемување на бројот на новоинфицирани во последните шест недели. Ико првиот голем бран на пандемијата беше запрен, граѓаните кои се враќаа од странство донесоа со себе и нови инфекции. Тоа укажува на потенцијално преуранетиот карактер на многу предлози за повторно отворање на општествата, вклучително тестови за антитела и сертификати за имунитет.

Deutschland Coronavirus - Life-Science-Unternehmen Yumab (picture-alliance/dpa/P. Spata)

Различни пациенти имаат различно количество антитела за борба против вирусот

Несигурни податоци

Иако во Италија, Германија и Кина се развиени успешни тестови за антитела, меѓу научниците владее консензус дека се’ уште има многу непознати работи околу тоа како телото се опоравува од Ковид-19. Во Кина, Јапонија и Италија има извештаи за пациенти кои го прележале вирусот, а потоа повторно се инфицирале.

Освен тоа, студии во Кина и Италија покажаа дека различни пациенти имаат различно количество антитела за борба против вирусот, дека има пациенти кои воопшто немаат антитела и дека на многу луѓе им е потребно повеќе време за опоравување од вообичаените две недели.

Проблем е и количеството научни трудови кои пристигнуваат во релевантни медицински списанија, зашто едноставно нема доволно виролози кои би ги верифицирале заклучоците од овие студии. Меѓу многуте работи за кои научниците се’ уште не се сигурни е и прашањето - колку долго едно оздравено лице останува имуно на болеста и дали оздравените пациенти имаат доволно антитела за да можат да се борат против вирусот уште еднаш, а тоа пак ги прави тестовите за антитела и сертификатите за имунитет како стратегии за враќање кон нормала - неуверливи.

Реклама