Серија самоубиства во Турција | Свет | DW | 19.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Серија самоубиства во Турција

Серија самоубиства во Турција - три семејства си го одзедоа животот со отров. Причината во сите случаи се финансиски проблеми. Економската криза во земјата ги турка луѓето во смрт, тврди опозицијата.

Полициска интервенција во истанбулскиот кварт Бакиркеј во раните утрински часови - минатиот петок полицијата отвори врата на еден стан. Соседите претходно се пожалиле на мирис на хемиска супстанција кој доаѓал од станот и барале да се провери за што се работи. Полицијата во станот пронајде три безживотни тела. 38-годишен јувелир, сопругата и нивниот 6-годишен син се отруле со цијановодородна киселина, која инаку често се употребува во рударството. Човекот, кој во смрт го однесол и семејството, пред самоубиството имал финансиски проблеми.

„Не можам да сторам веќе ништо“

Случајот ја шокираше турската јавност затоа што постојат паралели со два други случаи во кои семејствата исто така имаат извршено самоубиство со цијановодородна киселина. Во населбата Фатих, во Истанбул, пред една недела станарите во зградата виделе табла на влезна врата на еден од становите, на која пишувало: „Внимание! Станот е затруен со цијанид. Повикајте полиција! Не влегувајте!“ Полицијата го отвори станот и пронајде четири мртви тела на лица на возраст од 48 до 60 години - двајца мажи и две жени, браќа и сестри.

Неколку дена потоа во стан во градот Анталија полицијата пронајде тела на четиричлено семејство, меѓу кои и деветгодишно девојче и петгодишно момче - сите отруени со цијановодородна киселина. Турските медиуми јавија дека таткото, кој пред смртта останал без работа, оставил проштално писмо. „Молам за прошка, но не можам да сторам веќе ништо.“

Трите случаи се поврзани не само со фактот дека во сите нив се работи за смрт со труење. Пред самоубиствата во сите случаи имало проблеми како сиромаштија, задолженост или невработеност.

Опозицијата тврди: Самоубиствата се должат на економската криза

Во турските медиуми и на социјалните мрежи наголемо се дискутира за серијата самоубиства. Кружат и теории на заговор. Спорно е колку самоубиствата се поврзани со економската криза во Турција.

Türkei | Angriff auf Oppositionspolitiker Kemal Kilicdaroglu in Ankara (picture-alliance/dpa/AA/A. Ozcan)

Киличдароглу: Потребна ни е социјална држава

Опозицијата обвинува дека невработеноста и падот на турската лира произвеле клима на очај во земјата. Првиот човек на најголемата опозициска партија ЦХП, Кемал Киличдароглу, самоубиствата ги спомна во еден свој говор: „Зошто се случува тоа? Покрај контејнерите за отпад има жени кои пребаруваат по ѓубрето во потрага по храна. Потребна ни е социјална држава. Потребна ни е поголема одржливост“, бара тој.

Дел од турските експерти истакнуваат дека во случајот на серијата самоубиства не се работи за изолирани случаи. „Погрешно е едно самоубиство да се третира како индивидуална, чисто психолошка работа“, вели Хачер Фого од здружението Чимен Ев. Фого, која ја истражува сиромаштијата, потенцира дека едно самоубиство во поголемиот број случаи оди заедно со општествени причини. „Овие луѓе се чувствуваат осамени и беспомошни. Кога згора на тоа ќе дојдат и економски грижи и не може да се покријат основните потреби како храна, вода и струја, проблемите се влошуваат.“

Цијановодородната киселина се купува слободно

Турската влада отфрла поврзаност помеѓу економската криза и самоубиствата. За неа самоубиствата се индиција дека во Турција има премалку пречки за купување отровен цијанид, па мора да се воведе забрана и регулација на продажбата. Уште во јуни ултранационалната МХП, која е дел од владата, се заложи за забрана на цијановодородна киселина, но досега не се случи ништо. Сега турското Министерство за семејство формираше комисија која треба да ги истражи случаите и да поднесе извештај кој ќе ѝ биде презентиран на јавноста.

Türkei vermutlicher Selbstmord einer Familie in Antalya (DHA/T. Yildirim)

Бројот на самоубиства во Турција е константно висок особено во последните седум години

Невработеноста во Турција изнесува 14%, а невработеноста на младите дури 27%. Инфлацијата доведе до скок на цените на важни производи, како основните прехранбени намирници, лековите или бензинот.

Статистика: Бројот на самоубиства од 2002 година значително зголемен

Од статистичките податоци не може да произлезе заклучок дека самоубиствата од Анталија, Фатих и Бакиркеј се резултат на новата економска криза. Според турскиот Институт за статистика (ТУИК), бројот на самоубиства во 2018 година изнесувал 3161. Пораст на бројот од економската криза во летото 2018 година не може да се забележи. Но, забележлив е значителен пораст на самоубиствата од 27% од првата година на владеењето на исламско-конзервативната АКП во 2002 година до денес. Бројот на самоубиства е константно висок особено во последните седум години.

Дојче веле информира со воздржаност за темата самоубиство, поради тоа што има знаци кои упатуваат на тоа дека некои форми на известување може да наведат на имитирање. Доколку Ве мачат размислувања за самоубиство или се наоѓате во емоционално лоша состојба, побарајте помош.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама