Сепаратистите собориле два украински борбени авиони | Европа | DW | 23.07.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Сепаратистите собориле два украински борбени авиони

Неколку дена по падот на малезискиот авион над Источна Украина, борбите меѓу војската и проруските бунтовници продолжуваат. Сепаратистите собориле два армиски авиони.

Проруските сепаратисти, според наводи од украинската армија, се во повлекување од завојуваната индустриска метропола Доњецк во Источна Украина. Сепаратистите ги напуштале забрзано позиците во предградијата и се повлекуваат во центарот на градот, соопшти армиски претставник. Жители на градот сведочат дека бунтовниците ископале ровови пред универзитетот во градот, а претходно во студентските домови беа сместени сепаратистите. За тешки борби кои се водат веќе втор ден се јавува од регионот на Луганск, втор град кој е уште под контрола на проруските сепаратисти.

Проруските бунтовници денеска (23.07.2014) собориле два украински ловци, соопшти портпаролот на украинската армија. Двата авиона се соборени во реонот на Саур Могила, во источна Украина.

Украинските власти немаат информации за судбината на пилотите.

„Министерот за одбрана“ на самопрогласената „Доњецка Народна Република“, Игор Стрелков, непосредно пред тоа информира за еден соборен ловец, чиј пилот се катапултирал, како и за можно паѓање на втор авион ловец.

Ова се случува само неколку дена откако во регионот падна малезискиот патнички авион на пат од Амстердам кон Куала Лумпур, за кој се претпоставува дека е соборен. Киев и бунтовниците меѓусебно си ја префрлуваат вината за инцидентот.

Меркел ја обвинува Русија за недоволна соработка

Германската канцеларка Ангела Меркел го обвини Кремљ и сепаратистите за натамошна недоволна соработка во разјаснувањето на околностите за падот на малезискиот авион и смирувањето на ситуацијата во Источна Украина. И натаму постојат проблеми при пронаоѓањето на жртвите од авионот, како и во непречениот пристап на меѓународните експерти на местото на несреќата. Кремљ покажува слаб интерес за целосно разјаснување, изјави заменик-владиниот портпарол Георг Штрајтер во Берлин, во име на канцеларката, која е на одмор.

Според него, Русија уште не влијае доволно смирувачки врз сепаратистите и вооружените проруски групи, кои делумно се раководени од долгогодишни соработници на руските тајни служби. Меркел ги поддржува заклучоците на ЕУ-министритеза надворешни работи за заострени и забрзани санкции против Русија. Според Штрајтер, Европскиот совет е подготвен на итен состанок, ако тоа го бараат околностите.