Сенатот на УКИМ одобрил „изградба на зграда“ уште во 2013 година | Северна Македонија | DW | 21.12.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Сенатот на УКИМ одобрил „изградба на зграда“ уште во 2013 година

Не е јасно како едната зграда се претворила во две, но записниците од седниците откриваат дека членовите на Сенатот не добивале информации од ректорот што ќе се гради во кампусот.

Преку отворено писмо упатено до ректорот на УКИМ, д-р Велимир Стојковски, Професорскиот пленум побара итна јавна седница на Сенатот, најдоцна до среда 23.12.2015, со неколку точки на дневен ред: Дали имало и кој ја издал дозволата за сечење дрвја во паркот на Универзитетот во доцните ноќни часови; Дали имало официјален повик и кој го издал повикот специјалната полиција да влезе на територијата на Универзитетот на 14.12.2015 година; и Информација за процедурата и правната основа за започнатите градежни активности во рамките на Кампусот за општествено-хуманистички науки.

„Сметаме дека Ваша должност и одговорност е да преземете активности во насока на решавање на конфликтната ситуација на Универзитетот 'Св. Кирил и Методиј'“, се вели во писмото, и се бара на јавната седница на Сенатот да присуствуваат претставници на Студентскиот пленум, Професорскиот пленум, младинската организација „Мугра“ и медиумите.

Одлуката донесена пред две години

Но, записниците од седниците на Универзитетскиот Сенат покажуваат дека не била преку ноќ донесена одлуката за изградба на згради - една за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и другата за Факултетот за физичка култура (ФФК). За првпат „изградба на зграда“ е спомната на седницата на Сенатот одржана на 29.11.2013 година. Според записникот, таа предлог-одлука била ставена на дневен ред како „дополнителна точка“.

„Потребата од донесување Одлука за изградба на универзитетска зграда во кампусот на општествените науки при Универзитетот 'Св. Кирил и Методиј' во Скопје, ја образложи проф. д-р Велимир Стојковски, ректор на Универзитетот. Во дискусијата учествуваа: проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Александар Трендафилов, проф. д-р Влатко Коробар, проф. д-р Владимир Димчев, проф. д-р Сашо Арсов. Универзитетскиот сенат со 51 глас 'за', со 3 гласа 'против' и 2 гласа 'воздржани' донесе Одлука за изградба на универзитетска зграда во кампусот на општествените науки при Универзитетот 'Св. Кирил и Методиј' во Скопје“, пишува во записникот од седницата.

Universität Cyril and Methodious in Skopje, Mazedonien

Како потоа „зградата“ се претворила во „две згради“, не е јасно. За фактот дека процесот бил нетранспарентен, сведочи записникот од 27-та седница на Сенатот, одржана на 27.2.2015 година, кога под точка „разно“ професорот Влатко Коробар побарал писмена информација околу подготовките за изградба на предвидените објекти во Кампусот. На следната седница на Сенатот одржана на 20.3.2015 година, на дневен ред била и „Информација за изградбата на двете факултетски згради“.

„Ректорот на Универзитетот проф. д-р Велимир Стојковски информираше за писмото испратено до МОН со кое бара подетални информации за текот на активностите за изградба на двете факултетски згради во Кампусот на УКИМ. Во дискусијата учествуваа: проф. д-р Влатко Коробар, проф. д-р Гино Стрезовски, проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Велимир Стојковски. Универзитетскиот сенат побара дополнителни информации за текот на постапката за изградба на зградите за двата факултета од страна на МОН“, пишува во записникот.

Кршење на автономијата

Овие записници покажуваат дека од ноември 2013 до март 2015 година, членовите на Сенатот не добиле никакви информации за планираните градежни активности во кампусот на УКИМ.

„Постапката во врска со изградбата на нови објекти во склоп на кампусот на општествени науки на УКИМ смислено ја негира автономијата на Универзитетот“, вели професорот Гордан Калајџиев, кој и пред две години барал објаснување за оваа одлука.

„Најодговорен за кршењето на автономијата е лично ректорот, кој свесно и намерно цело време ја дезинформира академската заедница и посебно Универзитетскиот Сенат, како орган што треба да одлучува. Прва информација на Сенатот даде во 2013 година, кога без пишан материјал и без каква било подготовка (немаше дури ни точка на дневен ред) буквално на сила изнуди паушална одлука на Сенатот за барање за градење универзитетска зграда и покрај опирањето на повеќе сенатори, кои разумно бараа за една сериозна инвестиција да се изготви елаборат и целата работа да се продискутира сериозно и одговорно. Тезите на ректорот беа во стилот 'тој нема поим', 'што и да ни дадат ќе бидеме ќар', 'државата (МОН) ќе одлучи, не е наша работа...' и слично. Наскоро се појави зграда на ФИНКИ, за подоцна да станат два факултата - ФИНКИ и ФФК“, објаснува Калајџиев.

Одземање корисничко право

Но, записниците откриваат и дека УКИМ имал многу друг слободен простор на кој можеле да се градат факултетски згради. Ваквиот факт го открива записникот од седницата на Сенатот одржана на 24.03. 2012, на која како точка 16 била ставена „Предлог-одлука за начинот на разрешување на состојбите поврзани со градежно земјиште чиј корисник е Универзитетот 'Св. Кирил и Методиј' во Скопје“.

„Ректорот на Универзитетот проф. д-р Велимир Стојковски ги информираше членовите на Универзитетскиот Сенат за состојбите со градежното земјиште што му е дадено на Универзитетот на користење, при што нагласи дека на поголемиот дел од земјиштето нема изградено објекти на Универзитетот и поради тоа побара да се донесе условна одлука за да може да се решава ова прашање и да може да се задоволат барањата на барателите кои полагаат законско право на ова земјиште, односно да се отстапи на Република Македонија. Во дискусијата учествуваа: проф. д-р Рубин Талески, м-р Илија Пиперкоски, проф. д-р Велимир Стојковски. проф. д-р Ирена Кикеркова, проф. д-р Елена Градишки-Лазаревска, Марија Маневска.

Mazedonien staatliche Fakultät für Informatik und technischen Maschinenbau FINKI

Студенти на факултетот ФИНКИ

По предлог на ректорот проф. д-р Велимир Стојковски, точката беше повлечена од дневниот ред“, се вели во записникот. Сепак, подоцна Сенатот неколку пати дал согласност за одземање на корисничко право на градежно земјиште. На 26.06.2013 година донел Одлука за давање согласност за одземање на корисничко право на земјиште во м.в. Расадник, КО Кисела Вода 1. Таква одлука донел и на седницата одржана на 27.2.2015 година, за потребите за изградба на објект од јавен интерес-пешачки мост натпатник преку автопатот Скопје - Петровец. На 30.10 2015 година расправал по предлозите за одземање на корисничко право на градежно земјиште за изградба (дислокација) на водовод Ф 250 мм во локалитет Маџари-Хиподром.

Еден од записниците открива и дека ректорот сакал да има менаџерски договор. За таа цел на дневен ред на седницата на Сенатот од 14 .09.2012, под точка 2 се расправало за „Склучување менаџерски договор помеѓу ректорот и Универзитетскиот сенат“.

„Ректорот на Универзитетот 'Св. Кирил и Методиј' во Скопје проф. д-р Велимир Стојковски рече дека вообичаена пракса е да се склучи договор меѓу ректорот и Универзитетскиот сенат за периодот за кој ќе ја извршува функцијата ректор на Универзитетот. Во дискусијата учествуваше проф. д-р Елена Градишки-Лазаревска која истакна дека согласно Законот за високото образование насловот на договорот треба да биде коригиран, и да гласи: Договор за уредување на правата, обврските и одговорностите на ректорот на УКИМ. Предлогот беше прифатен“, стои во записникот.

Нов Универзитет

Бранувањата на УКИМ се случуваат во време кога се зголемува конкуренцијата во академската заедница. На барање Министерството за образование и наука, Владата вчера донела одлука во Скопје да се отвори нов државен универзитет на три наставни јазици: македонски, албански и англиски. Универзитетот, според првични и неофицијални информации, ќе има 5 факултети со вкупно 14 наставни програми. Новиот државен универзитет треба да го носи името „Мајка Тереза“. Освен оваа одлука, на владината седница било одобрено и основање на два нови факултети во рамките на Државниот универзитет во Тетово - за земјоделски науки и педагогија.

Реклама