Секс-скандалот со Оксфам не е единствен случај | Свет | DW | 19.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Секс-скандалот со Оксфам не е единствен случај

Хуманитарци кои ја злоупотребуваат својата моќ - по секс-скандалот за својата веродостојност се борат не само Оксфам и Лекари без граници. Такви скандали се познати уште од работата во поранешна Југославија.

Соработник на некоја хуманитарна организација би требало да работи во полза на оние кои зависат од неговата помош. Но сликата за несебични помагачи на подрачјата зафатени со војна делумно е само мит. Оној кој помага, има моќ. Некои ја злоупотребуваат таквата моќ.

Неодамна на површина излезе дека вработените во британската невладина организација Оксфам по тешкиот земјотрес на Хаити во 2010 година славеле во службената вила на организацијата, каде се организирале оргии со проститутки. И во хуманитарните акции во Чад во 2006 година имало такви забави. На југот на Судан соработници на Оксфам дури и силувале жени.

Тоа не е прв секс-скандал кој го потресува светот на организации за хуманитарна помош. „Соработниците и партнерите на хуманитарните организации во кризните подрачја често биле соучесници во сексуално искористување на локалното население“, вели за ДВ Буркард Вилке од Германскиот институт за социјални прашања. Тоа што сега излегува на светлината на денот не е единствен случај, вели Вилке.

Други актуелни примери: хуманитарната организација „Лекари без граници“ неодамна пријави 24 случаи на злоупотреба и сексуално вознемирување во текот на минатата година. Хуманитарната организација „Меѓународен комитет за спасување“ (ИРЦ) призна дека во Конго се забележани три случаи на сексуално злоставување.

Infografik Die fünf größten Hilfsorganisationen in GB und Deutschland DEU

Петте најголеми хуманитарни организации во Велика Британија и Германија

Бордел на Балканот

Застранувања имаше и за време на југословенските војни во текот на деведесеттите години на минатиот век. Во воениот виор на Балканот е забележано сексуално искористување на девојки и жени од страна на меѓународни помагачи. Сини шлемови и хуманитарци наводно редовно посетувале проститутки.

За да помогне на лице место, германската организација за помош на жени „Медика Мондиале“ уште во текот на конфликтот се залагаше за трауматизираните жени во Босна и Херцеговина. И денес оваа невладина организација им помага на жените во кризни подрачја.

Ара Стиелау, задолжена за меѓународните програми на оваа организација, за ДВ вели дека на одењето кај проститутки во милјето на меѓународните помагачи и хуманитарци долго се гледало како на „приватно задоволство“. Стиелау добро се сеќава на зборовите на еден раководител на хуманитарна организација. Соочен со сексуалните застранувања на одделни колеги, тој рекол: „Јас не можам да гледам што прават моите соработници под ќебето.“

Сѐ помало стеснување

Жените се одлучуваат на проституција од нужда. Тешката ситуација во која се наоѓаат ги доведува жените до тоа да даваат сексуални услуги во замена за храна и пари, вели Вилке. Мнозинството хуманитарни организации се свесни за таа опасност. Кодексите на однесување би требало да ги потсетуваат на тоа сите соработници на хуманитарни организации. „Случајот Оскфам покажува дека не секогаш се извлекуваат поуки“, вели Вилке.

Дури и кога проституцијата не претставува кршење на закон - а во мнозинството земји тоа е - организациите како Оксфам ризикуваат да го загубат добриот имиџ на којшто работеле долго. Во светот на хуманитарните организации веродостојноста е важна валута, затоа што невладините организации се упатени на донации. А, донаторите сакаат да знаат кој и како ги употребува нивните пари.

„Затоа јавноста мора да биде информирана за застранувањето и тоа без какви било задршки“, препорачува Вилке. Институтот за којшто работи во Германија им издава посебен печат на организациите кои се однесуваат фер и транспарентно. Доколку застранат, го губат тој печат.

Afrika Nigeria Prostitution Flash-Galerie (picture-alliance / Ton Koene)

На одењето кај проститутки во милјето на меѓународните помагачи и хуманитарци долго се гледало како на „приватно задоволство“

Сѐ помалку донации

Колку чувствително реагираат донаторите најдобро на своја кожа почувствува УНИЦЕФ. По финансиската афера во 2007 година тогашниот шеф на германскиот контингент на организацијата, Дитрих Гарлихс, мораше да поднесе оставка и беше загубен споменатиот печат. Последица од тоа беше падот на годишните донации од 81 на 55 милиони евра.

Во Велика Британија не постои таков вид печат. Во Оксфам досега не сакаа да ја изведат работата на чистина. Организацијата уште во 2011 година во едно соопштение наведе дека е отпуштен тимот кој управувал со оваа организација на Хаити. Како причини се наведени злоупотреба и кршење на правилата, но со ниту еден збор не се спомнати проституција или оргии.

Реклама