1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Секој секого може да победи“

22 март 2010

Тренерот на ФК Металург, Жикица Тасевски, е задоволен од триумфот над лидерот на табелата во македонската фудбалска Прва лига, Ренова, со 3 спрема 1. Се надева на подобри денови за македонскиот фудбал.

https://p.dw.com/p/MYxf
Жикица ТасевскиФотографија: DW

„Задоволството од победата над Ренова за мене како тренер е големо. Им честитам на моите играчи, затоа што манифестираа огромна желба за победа. Одиграа дисциплинирано, според договорот. Манифестираа и ментална сила по водството на Ренова со 1:0. Брзо се вративме во игра, го израмнивме резултатот, а потоа со уште два гола ја обезбедивме победата.“

По резултатите во ова коло, врвот на првенствената табела опфатена е по подолго време со своевидна резултатска турбуленција. Металург им се приближува на Ренова и Работнички.

„Можеби како никогаш досега,од првиот до десеттиот тим екипите се изедначени и секој секого може да победи. Тоа ќе придонесе завршницата од првенството да биде поинтересна.“

Максимално искористена зимска пауза

Жикица Тасевски е еден од најквалитетните млади тренери во Македонија. Мал куриозитет е дека е тој третиот шеф на стручниот штаб на Металург во ова првенство, по Ѓоре Јовановски и Никола Илиевски. Вели дека зимската пауза е максимално искористена. Како го гледа Металург во моментов:

„Мислам дека направивме измени во играчкиот кадар со кои добивме на квалитет. Нормално, многуте промени на тренери и играчи оставија свои последици. Сепак, сметам дека екипата има квалитет. Моја среќа е што имав прилика во зимскиот преоден рок да бидам присутен. Зимската пауза беше подолга, такашто 40-50 дена одработевме квалитетни подготовки. Металург како клуб има долгорочни амбиции, има студиозен проект, во кој ќе успеам да се вклопам и дека ќе ги оправдаме очекувањата.“

Турбулентна фаза за македонскиот фудбал

Македонскиот фудбал минува низ големи контраверзи. Превирања, предизвикани од борбата за позиции во Фудбалската федерација. Последиците се, отстранувањето на официјалниот првак Македонија Ѓорче Петров и Слога Југомагнат од прволигашката конкуренција. Жикица Тасевски има свое гледиште за состојбите.

„Мене навистина ми е жал, двете екипи со долга традиција, како што се Македонија Ѓорче Петров и Слога Југомагнат, неколкукратен првак на Македонија да бидат исклучени! Меѓутоа, во овој момент најмногу губиме ние спортските работници, кои сме директно инволвирани во фудбалот. Искрено се надевам дека веќе следната година квалитетот на фудбалот во Македонија ќе се подобри, а ваквите немили настани не му одат никому во прилог!“

Автор: Златко Калински

Редактор: Жана Ацеска