1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Седум години од Рамковниот договор

Свето Тоевски13 август 2008

Денеска се навршуваат седум години од потпишувањето на Охридскиот договор. Владиниот сектор за спроведување на договорот по повод годишнината организира свеченост во Скопје. Како експертите го оценуваат договорот?

https://p.dw.com/p/Ew4E
Британски НАТО војник во Македонија. Со Охридскиот договор се стави крај на конфликтот во МакедонијаФотографија: AP

„Рамковниот договор донесува долгорочни позитивни ефекти за Република Македонија, и покрај сите контроверзи што го следат по неговото потпишување со завршувањето на оружениот конфликт во 2001 година, и покрај сите трауми што ги чувствуваат Македонците, доживувајќи го тој акт како свој национален пораз“ – ова е сублимирана оценка на експертите, кои ги консултираше Дојче Веле по повод седумгодишнината од договорот.

Ило Трајковски, прфесор по политичка социологија на Социолошкиот факултет на државниот универзитет во Скопје, смета „Конфликтите што постоеја на таа релација се институционализирани. Тој влијае позитивно на долги рокови врз меѓуетничките односи и конкретно врз стабилизацијата на Република Македонија како држава“.

Илбер Села, предавач на факултетот за јавна администрација и политички науки на Штуловиот универзитет во Тетово посочува дека „многу закони не се реализирани, или не се имплементираат“ и додава: - „Ако не се реализираат тие закони, тогаш Албанците ќе излезат со други тези, било за автономија, за унии, или со други порадикални тези.“

Рамковниот договор - надминат во некои област

Алберт Муслиу, политички аналитичар од невладиниот сектор од Гостивар, има своја оценка за седумте години на Охридскиот договор „Напредок сигурно има. Не може да се каже дека нема напредок. Особено во сферата на адекватната застапеност, значи, во последниве седум години ние имаме засилено вработување на Албанците и на другите заедници во јавната администрација. Но, тоа е само една компонента.“

Билјана Ванковска, професор на катедрата за одбанбени и мировни студии на Филозофскиот факултет на Државниот универзитет во Скопје, нагласува „Рамковниот договор е веќе надминат во многу елементи. Тука мислам и на тетовскиот универзитет, значи, тоа е одредба која воопшто не постоеше во Рамковниот договор, потоа, на начинот како беше спроведена територијалната организација, како и на јазичните права, значи, законот што беше донесен неодамна“.

Мерсел Биљали, професор по меѓународно право на приватниот ФОН универзитет во Скопје, дополнува „Некои елементи што се тешко менливи бараат средства и промена на свеста, како што е прашањето на имплементацијата на јазикот и праведното застапување. Мислам дека е тоа еден подолг процес. За одделни области ќе биде потребно многу повеќе време. За други области мислам дека е постигнато многу нешто.“

Консензуалното одлучување ќе ги уназади интересите на државата

Константин Миновски, професор по социологија на етничките групи на социолошкиот факултет на Државниот универзитет во Скопје, критички оценува една од суштествените компоненти на Рамковниот договор „Оној консензуален начин на одлучување, што се наметна со него, ги засили позициите да се настапува од аспект на етничка група, кои во него не се ни дефинирани така, туку таму се заедници. Ќе имаме, значи, постојано бранење, застанување на интересите на групата, наспроти интересите на државата.“

Миневски додава „Светот нема да не чека додека ние 15-20 години ќе расправаме кој закон треба да се донесува со бадинтерово мнозинство. Грабаат напред сите, и околу нас, затоа полека -полека дојдовме на дното.“

Експертите го коментираат за Дојче Веле и реалниот одраз на Охридскиот договор врз меѓуетничките односи во Македонија. Професор Ванковска вели дека „сега има многу повеќе тензии внатре во етничките заедници, а помалку меѓу нив“ и подвлекува: - „Сето тоа иницира, создава интраетнички конфликт, така што не можеме да бидеме среќни ако имаме сега малку помалку конфронтација Македонци наспроти Албанци и обратно, туку имаме Албанци против Албанци, или Македонци против Македонци.“

Меѓуетничката доверба е во висок пораст

Професор Биљали посочува: - „Сите анализи што сме ги направиле последниве години, и тоа релевантни анализи, покажуваат висок коефициент на кохерентност и на кохезија на овие две поголеми етнички заедници, така што довербата меѓу нив е во голем пораст, според секој показател.“

Професорот Миновски, сепак, изнесува диференцирано мислење „Тие истражувања што сме ги правеле во одредени периоди во 2002 година и сега не покажуваат некое суштинско подобрување, значи, на тие меѓуетнички односи. Тие граници постојат, некаде се продлабочуваат, некаде стојат латентно, меѓутоа, може многу лесно да избувнат повторно.“

По повод седумте години од Рамковниот договор експертите ќе го кажат своето мислење денеска и во рамки на една расправа, која ќе се организира во Скопје на тркалезна маса.