Сега Мугабе навистина е минато | Свет | DW | 22.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сега Мугабе навистина е минато

По 37 години на власт, Мугабе конечно се повлече. Една цела ера заминува во минатото. Неговиот наследник мора да го премости политичкиот јаз, во противно нема да остане долго на функцијата, смета Клаус Штрекер.

Понекогаш на пролетта и треба малку подолго. Два дена, 93-годишниот Мугабе слепо и неразумно се беше прилепил на својата фотелја, во бизарен телевизиски настап дрдореше за следната партиска конференција под негово водство, вознемирувајќи ги, на тој начин, не само неговите послушни генерали, туку и половина свет. На народот кој веќе славеше му застана здивот од ужаснатост. Сенката на диктаторот е долга. Но, само што тој се повлече и парламентот контролиран од неговата партија ЗАНУ-ПФ конечно ја прифати оставката, пролетната забава продолжи на улиците. Овој пат тоа е раскошна радосно славење, кое повеќе не може да се сопре.

Критичарот на Мугабе, публицист и медиумски претприемач Тревор Нцубе, реагираше емоционално. Никогаш не верував дека ќе го доживеам овој ден, објави тој на Твитер. „Мугабе се повлекува за време на мојот животен век. Тоа е пресвртен момент на патот кон Зимбабве, какво што сакаме ние. Но нема да биде едноставно“, дополни тој.

Отрезнувачки мамурлук

По вторпат за 48 часа луѓе со различна боја на кожата, од различни генерации и политички табори се прегрнуваа, Зимбабве ја слави неговата сопствена африканска пролет, ерата на Мугабе по 37 години конечно заврши. Една ера најнапред полна со надеж, а потоа мачна  и одбележана со најмалку три победи на Мугабе на манипулирани изборни процеси. Земјата во моментов доживува бескрајно олеснување.

Но веќе утре започнува вистинската работа а со неа веројатно и отрезнувачкиот мамурлук. Новиот силен човек на Зимбабве е Емерсон Мнангагва, борец за ослободување на земјата и долгогодишен соработник на Мугабе со кого делел и затворска ќелија. Тој е сигурен во својот инстинкт и го препозна и го искористи општото расположение за промени. Тој трескавично преговара со многу заплашени, посрамотени и понижени непријатели на Мугабе. Сето тоа мора да изгледа хармонично, во согласност со Уставот, државнички и во интерс на народот. Мора да му појде од рака да испрати сигнали на помирување. Тој наводно веќе разговара и со белите фармири, на кои насилно им беше одземен имотот во ерата на Мугабе. 

Неговата калкулације, се чини, е следнава: од една јака позиција, со војската на своја страна, сака изборна победа за владејачката партија ЗАНУ-ПФ. Шансите за тоа се добри, бидејќи опозицијата е расцепкана. Егоизми и неразборитости предизвикаа неколку расколи и во некогаш силното „Движење за демократски преврат“ (МДЦ), кое во 2008 година речиси и победи на изборите.

Потенцијалот се крие во единството

Десет години по чудниот пуч, со кој тогаш му беше одземена победата на МДЦ, би можела да следува регуларна победа на ЗАНУ-ПФ. Тивкиот Мнангагва, наречен „крокодил“ е човек од вчера, герилец, марксист и разузнувач. Тој е предводник на една клика слична на хунта, која Мугабе по загубените избори во 2008 години го притискаше со сите средства да остане на функцијата. Тоа е истата екипа која на почетокот на 80-те години од минатиот вел заедно со севернокорејските елитни војници го организираше и спроведе масакрот на околу 20 илјади непослушни припадници на народот Ндебеле. Сѐ до денес не се има случено соочување со тие масовни убиства, иако многу Зимбабвеанци се подготвени да простат.

Мнангагва, во најдобар случај, е човек на моментот, но не и човек на иднината. Дотолку е поважно што стотици илјадници Зимбабвеанци, кои во минатиот викенд излегоа на улиците, не дозволија да бидат искористени за партиските потреби на ЗАНУ-ПФ. Тие покажаа колку раслични гласови има во Зимбабве и колкав потенцијал се крие во тоа единство. Но токму тоа мора да се огледа и во наредните избори- слободни, фер, демократски и плуралистички избори.

Луѓето на Зимбабве повеќе не се плашат. А од таа револуција на начинот на размислување би морал да се плаши и човекот на овој момент- Емерсон Мнангагва. Зашто таа би можела да се заврти и против него.

 

DW.COM

Реклама