#СегаКажувам - крик против сексуалното вознемирување | Македонија | DW | 19.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

#СегаКажувам - крик против сексуалното вознемирување

На социјалните мрежи започна кампањата #СегаКажувам, поттикната од кампањата #MeToo која е активна во САД и гласно говори за сексуалното вознемирување. Стотици жени на Фејсбук споделуваат лични но и туѓи приказни

„Наставникот по физичко ги плескаше по задникот сите девојчиња со образложение дека така ги мотивира да трчаат побргу. Секој час плеснуваше различна. Кога еднаш сакав да избегнам да ме плесне мене, го видов како ја спрема раката, па толку се извиткав во кичмата, што кога ме плесна паднав и се струполив наземи. Целото одделение се смееше. Никој не презеде ништо против тој наставник, а ние од страв молчевме. Подоцна стана и директор на училиштето.“

Ова е само една од приказните споделени на Фејсбук како дел од кампањата со хаштаг #СегаКажувам, која има за цел да ја подигне свеста во јавноста за сексуалното вознемирување и сексуалните напади врз жените. Кампањата ја започнаа неколку жени, активистки, феминистки и јавни личности кои преку хаштагот започнаа да споделуваат свои лични искуства со насилници или лица кои ја искористувале својата позиција на моќ и направиле сексуално вознемирување. Иако во повеќето споделени приказни насилниците не беа именувани, во неколку беше забележано дека жените ги објавија и имињата на оние кои ги обвинуваат за сексуален напад или вознемирување.

Писателката и професорка Румена Бужаровска, која е една од организаторките на кампањата, вели дека потребата да се зборува за сексуалното вознемирување и насилство во Македонија одамна тлее, како тема која што во мала средина како нашата традиционално се пика под тепих поради срам и страв.

„#MeToo движењето во САД, како и реакциите против движењето на социјалните мрежи, реакции кои покажуваа минимална свест за сексуалното вознемирување, но и застрашувачки шовинизам, не’ поттикнаа да ја проблематизираме оваа болна и голема тема во нашата средина. Во фокусот беа исповеди кои искажуваа сексуално вознемирување од страна на некој кој ужива моќ – оттаму и стравот да се реагира против насилството, со оглед на тоа што моќта на насилникот оневозможува системско решение на проблемот. Со други зборови, насилникот ја има моќта да влијае врз институциите, а општеството ја казнува жртвата ставајќи ја нејзината сексуалност во фокус и неретко под потсмев. Целта беше да се дигне свеста за овој проблем, да се создаде солидарност, но и да се поцрта дека ваков тип на однесување е неприфатлив и не смее да се толерира“, вели Бужаровска за Дојче веле.

Rumena Buzarovska, Schriftstellerin aus Mazedonien (privat)

Целта беше да се подигне свеста за овој проблем, вели Румена Бужаровска

Таа потсетува дека лани беше објавена студија за различните форми за сексуално насилство во Македонија која откри застрашувачки податоци. „Фактот што околу оваа студија, но и други проблематизирања на темата речиси воопшто не се крева прашина, и фактот дека одзивот на исповеди што произлегоа од #СегаКажувам беше масовен, укажува на тоа дека искуствата со сексуалното вознемирување и насилство за жал се и чести, и нормализирани, т.е општествено прифатени“, смета Бужаровска.

Сексуалното вознемирување сеприсутно во македонското општество

Марина Трајкова, активистка и феминистка која исто така сподели искуство со сексуално вознемирување, вели дека една од целите на оваа кампања е да се покаже колку е присутно сексуалното вознемирување во македонското општество, а другата цел е да се создаде безбеден простор за останатите и на таков начин да се мотивираат да го раскажат своето искуство.

„Дополнително, ме привлече називот на акцијата, затоа што говори дека нема погрешно време за споделување на ваквите трауматични искуства. Дискусиите за различните форми и облици на сексуалното вознемирување, понатаму дојдоа сами по себе. Тоа е и целта на хаштагот, да ја зголеми гласноста на жртвите и да ја отвори темата за јавна дискусија. Можеби ќе допринесе кон тоа жртвите да се охрабрат и повеќе да ги пријавуваат сторителите. Или пак сторителите да се пронајдат во некои од искуствата и да се заплашат од нивно јавно експонирање. А можеби и институциите ќе ја сфатат сериозноста на проблемот и ќе разработат посеопфатни методи на решавање на случаите, како што деновиве гледаме дека одредени институции даваат јавна поддршка на кампањата. Во секој случај, мислам дека ова е почеток на големи промени на глобално и на локално ниво, кои ќе го поткопаат нормализираниот сексизам а со тоа и ќе го исчистат од сите сфери на општеството“, вели Трајкова за Дојче веле.

Таа додава дека примерите на македонските жени, повторно го свртеа вниманието кон овој проблем, споделувајќи случки и искуства со лица кои се на позиција на моќ и авторитет.

„За жал, кампањата покажа дека скоро секоја жена во текот на својот живот се соочила барем со најблага форма на сексуално вознемирување. Многу често преку коментари кои создале непријатност и несигурност кај жените, а кои околината не ги смета за страшни или сериозни. Но забележав дека на социјалните медиуми се јавија и мажи кои имале можност да ги прочитаат сведоштвата и кои констатираа дека не биле свесни како нивните однесувања можат да влијаат врз девојките. Повторно за жал, можевме да прочитаме и многу сведоштва за успешни и неуспешни обиди за силување, непосакувани допири и вознемирување преку физички контакти“, вели Трајкова. Најмногу ја шокирало сознанието дека сексуалното вознемирување, безмалку претставува секојдневие на македонските жени и девојки. 

„За оваа тема не постои свест ниту кај институциите кои треба да се занимаваат со разрешување на случаите на сексуално вознемирување. Често, претставниците на самите институции се оние кои ја вршат двојната виктимизација на жртвите. Деновиве имавме можност и да прочитаме за сведоштва во кои сторителите биле на високи функции во јавни институции, а прочитавме и за случки со припадници на полицијата. Сето тоа укажува дека сексуалното вознемирување во Македонија е нормализирано и институционализирано, а со тоа и дека не чека голема и долга битка како општество за негово искоренување“, додава Трајкова.

Поддршка и од МОН, МТСП и Заев

Преку кампањата #СегаКажувам видливо е дека многу често сексуалното вознемирување кон девојките и жените се случува во образовниот процес. Беа раскажани вознемирувачки приказни во која наставници или професори ја користеле својата позиција и сексуално вознемирувале ученички во основното, средното и високото образование.

Министерство за образование и наука соопшти дека целосно ја поддржува кампањата #СегаКажувам и смета дека таа ги охрабрува сите жртви на сексуално вознемирување да ги изразат своите трауматични искуства и да ја кренат свесноста за ова значајно прашање.

„Сексуалното насилство и вознемирување во образовните институции е прашање што ги засега подеднакво сите: учениците, студентите, наставниците, родителите и семејствата, образовната заедница и општеството.

МОН ги охрабрува сите ученици и студенти да пријават обиди или случаи на сексуално вознемирување во Државниот просветен инспекторат, но и наставниците, кои исто така треба да пријават случаи на сексуално вознемирување доколку ги забележат, и да ги заштитат своите ученици и студенти. Наставникот/професорот треба да претставува пример во однесувањето за своите ученици и студенти и затоа најстрого ќе ги казниме ваквите сериозни престапи за несовесно и неетичко работење“, соопштија од МОН. 

И Министерството за труд и социјална политика објави дека ја поддржува кампањата #СегаКажувам и сите храбри жени кои јавно ги споделуваат своите искуства и трауми.

„Охрабрувањето и истапувањето се важни за промена на свеста, за промена на односот кон жртвите, но и за идентификување на оние облици на насилство кои не се препознаваат како такви“, соопштија оттаму.

Кампањата ја поддржа и премиерот Зоран Заев, кој вели дека ги поддржува сите храбри жени кои одлучиле да го прекинат молкот и да придонесат за промена на општествената перцепција за овој сериозен проблем.

„Стојам позади сите охрабрувања за навремена реакција и пријавување на сексуалното насилство и вонземирување. Поставете ги границите, мора да се стави крај на молкот, на исчекувањето и на неизвесноста!

#СегаКажувам дека заедно се залагаме институциите да ги препознаваат и да постапуваат по сите форми на сексуално насилство. Гласни и посветени, заедно обезбедуваме подобар систем за превенција, заштита и казна!“, објави Заев на неговиот официјален Фејсбук профил. Кампањата #СегаКажувам доби поддршка и од Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство.

DW.COM

Реклама