Севернокорејски работници аргатуваат во странство | Свет | DW | 15.09.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Севернокорејски работници аргатуваат во странство

Севернокорејските гастарбајтери смеат да работат низ цел свет и по најново воведените санкции од Советот за безбедност на ОН. Желбата на САД беше сосема поинаква.

Од сѐ по малку - вака поедноставено може да се резимира содржината на Резолуцијата 2375.  Многу од она што го предложија САД, на крајот во текстот го немаше. Од комплетно нафтено ембарго, остана само ограничување во лиферувањето, странските сметки на севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун не се замрзнати, исто како ни на државната авионска компанија Ер Корио. Сето ова се отстапки од страна на Вашингтон  кон Москва и Кина, за да не се загрози гласањето во Советот за безбедост на ОН.

САД попуштија и во однос на статусот на севернокорејските работници во странство, кои заработуваат пари за својата татковина. Во првичната предлог-резолуција беше предвидено целосна забрана за работен ангажман. Тоа ќе значеше работниците да се вратат дома. На крајот, беше издејствувана забрана за издавање нови работни дозволи за Севернокорејци. 

Бизнис со работа сила

Ова е веќе деветта резолуција на ОН од првиот севернокорејски атомски тест во 2006. година. Досега резултат не покажа ниедна од нив. Примерот со „позајмени“ работници е типичен за некои од тешкотиите во наоѓањето ефикасни казнени мерки. „Позајмената“ работна сила е „сив“ бизнис, кој на режимот во Пјонгјанг од година во година му ги обезбедува итно потребните девизи.

Дека Северна Кореја во голем стил испраќа работна сила во странство, за да дојде до неопходно потребните девизи, не е воопшто тајна. Но, тајни се деталите. Зашто, сигурни информации, вообичаено кога станува збор за Северна Кореја, тешко се наоѓаат. Сѐ се потпира на проценки, а бројките имаат голем распон.

Проценките на ОН се дека во моментов, низ светот се ангажирани меѓу 35.000 и 100.000 луѓе од Северна Кореја, во најголем дел во Русија и во Кина и тоа во услови слични на робовски. Тие на пример ринтаат во дрвната или текстилната индустрија, во рударството или во земјоделството. Според сведочењата на побегнатите, тие често мора да работат повеќе од 12 часа на ден, постојано се под строг надзор од севернокорејски безбедносен персонал. Од својата плата не гледаат многу, зашто лавовскиот дел од парите го касира севернокорејската држава. ОН проценуваат дека Пјонгјанг на ваков начин остварува годишни приходи до 2,3 милијарди долари.

Nordkorea - Pyongyang feiert die refolgreich getestete Wasserstoffbombe (Reuters/KCNA)

Во Пјонгјанг се славеше најновиот тест на хидрогенска бомба

Севернокорејски работници и во Полска и Малта

Еден дел од овие пари потекнуваат од ЕУ. Зашто, севернокорејски работници се ангажирани и во членки на ЕУ. Во пролетта 2016. година, тим од холандскиот универзитет Лајден, предводен од професорот по кореанистика, Ремко Бреукер, објави опсежна студија на оваа тема. Според неа, во тој момент во Европа работеле околу 1.000 Севернокорејци - во Малта и пред сѐ во Полска. Таму биле ангажирани на градилишта, во пристаништа и во градинарството, извршувајќи тешки телесни и опасни работи. Нивните договори се склучени директно меѓу нивната влада и странските фирми, самите вработени немале ништо написмено во свои раце.

Ремко Бреукер и неговите соработници спроведуваат нова студија. Но, и по една и пол година бројни прашања остануваат отворени. „Како и претходно, ниту денес не знаеме колкумина Севернокорејци работат во ЕУ. Постојат проценки, но тие се многу паушални и можат да се испостават како сосема погрешни.“

Непријатна тема, мала подготвеноста за соработка

Една од причините за лошата информативна состојба е фактот што засегнатите земји по правило се „пломбираат“ во однос на давањето информации, истакнува Бреукер за Дојче веле. „Некои од земјите-членки на ЕУ не беа многу кооперативни, што е огромен проблем. Сѐ додека ЕУ и ЕК не спроведат концентрирани и усогласени напори, ќе биде тешко нешто да се придвижи. Така, и санкциите се бескорисни и неефикасни.“ 

ЕУ минатата недела ја поддржа предлог-резолуцијата на САД и најави евентуално заострување на сопствените санкции. Од аспект на Бреукер, тоа принципиелно би бил вистински чекор. „Санкционирањето на севернокорејската присилна работа во рамките на ЕУ би имало последици, зашто во прашање е голема сума пари. Во најдобар случај, ваквите санкции би требало да се вршат во дослух со ОН, со САД и со Меѓународната организација за труд, ИЛО.“  

Nordkorea Kim Jong Un (picture-alliance/Newscom/KCNA/UPI Photo)

Ким Јонг Ун и покрај санкциите остварува девизни приходи

30.000 долари за работодавачот, 50 за работникот

Меѓутоа, ефикасноста на казнените мерки зависи од нивната целност. А токму тука се лоцира проблемот, истакнува Бреукер. „Можеме да санкционираме работи кои ни се познати, на пример нам познати девизни извори. Но, постојат и неформални економски мрежи. Постои голема информативна дупка во однос на тоа како Северна Кореја добива пари во странство.“

Прво би требало да се најдат и идентификуваат овие мрежи. „Знаеме дека ги има, но често не и каде се тие, колкави приходи овозможуваат и кој сѐ е инволвиран во нив. Прво мораме тоа да го откриеме.“ Дури потоа се можни делотворни санкции.

Кога на еден севернокорејски гастарбајтер на крајот на месецот во џебот ќе му останат 100 евра, може да се смета за среќен. Тоа го докажуваат истражувањата на универзитетот Лајден. Во просек, на севернокорејскиот работник му остануваат само 50 евра, остатокот, како што се проценува околу 90 проценти, го прибираат севернокорејската држава и посредниците. И фирми со седиште во ЕУ остваруваат гигантски приходи од ангажирањето гастарбајтери, вели Бреукер. „ИЛО пресметал за ЕУ, дека еден единствен работник на експлоататорската фирма ѝ донесува нето добивка од околу 30.000 долари годишно.“

Едногласноста во Советот за безбедност како успех

Засега, во однос на „позајмената“ работна сила од Северна Кореја владее статус кво. Оние кои веќе работат во странство, смеат да останат, не само во ЕУ, Кина или Русија, туку и во Азија, Африка или на Арапскиот Полуостров.

Пјонгјанг е задоволен од драстично омекнатите санкции, кои Советот за безбедност на ОН ги изрече во одговор натестот на хидрогенска бомба во Северна Кореја  пред една недела. „Споредено со првичниот предлог на САД, резолицијата е ослабната“, изјави премиерот Ли Нак Јон на седница на владата. Сепак, успех е што Советот за безбедност на ОН гласаше едногласно.

 

DW.COM

Реклама