Северна Македонија ја заокружи воената интеграција во НАТО | Северна Македонија | DW | 16.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Северна Македонија ја заокружи воената интеграција во НАТО

Во Скопје беше потпишана декларација со која се потврдува јакнењето на земјата како доверлив и значаен партнер на Алијансата.

Северна Македонија ги исполни сите услови и целосно воено е интегрирана во НАТО. Со потпишување на заедничката декларација во Скопје денеска официјално се заокружи процесот на воено интегрирање на земјата во командните структури и во структурата на силите на Алијансата. Декларацијата беше потпишана од страна на командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација, генерал Филип Лавињ и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

„НАТО проширувањето се покажа како ефикасен механизам за одржување долгорочна стабилност и сигурност. Изразуваме благодарност на Северна Македонија за придонесување за стабилноста во Југоисточна Европа и НАТО. Потпишувањето на заедничката декларација претставува не само значаен успех за вооружениет сили на Северна Македонија, туку и го потврдува јакнењето на земјата како доверлив и значаен партнер на Алијансата“, изјави командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО, генерал Филип Лавињ. 

Според државниот врв, Северна Македонија посветено работеше на процесите кои ја овозможија воената интеграција со што земјата гордо застанува рамо до рамо со сојузниците во НАТО. 

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, порача дека денеска сме на крајот на патот од илјада милји, започнат пред 30 години, но и дека започнуваме нов пат за целосна модернизација на Армијата. „Покажеме дека нашето членство во НАТО не беше само политичка одлука, туку резултат на крупни реформи. Оваа цел успеавме да ја постигнеме за 19 месеци од потпишувањето и претставува најбрза воена интеграција во Алијансата“, изјави Шекеринска. 

Претседателот Стево Пендаровски оцени дека патот до полноправно членство во НАТО не беше лесен, но дека со активирањето на НАТО поканата за членство, како држава добивме поголема меѓународна видливост и дипломатски потенцијал за реализација на стратешките политички и економски интереси. 

Процесот на воена интеграција на Северна Македонија во НАТО започна пред две ипол години, кога беше поканета да се приклучи. Во март 2020 година, Северна Македонија стана полноправна членка на воено-политичкиот сојуз. Армијата во изминатиот период работеше за исполнување на задачите од армискиот дел во интегративниот процес, како и во унапредување на постигнатите НАТО стандарди и критериуми. Развојот продолжува и понатаму - планирани се 22 проекти, од кои дел се завршени, дел се во тек, а некои ќе се реализираат до 2028 година. 

Поврзана содржина