Северна Македонија: Колевка на словенската теологија | Северна Македонија | DW | 06.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Северна Македонија: Колевка на словенската теологија

Радово е единственото чисто католичко село и го нарекуваат „Мал Рим“. За католиците во Северна Македонија, но и за Кирил и Методиј, кирилицата, извонредната црковна уметност, анализа на германската агенција КНА.

Агенцијата КНА, пред посетата на папата Франциско на Северна Македонија, во широка анализа пишува за католицизмот во земјата, за прогонот на верниците од Грција и нивното населување кај Струмица, како и за делото на словенските браќа Кирил и Методиј и работата на нивниот ученик Климент:

„Според едно македонско предание, при создавањето на светот Бог рекол: ’Македонија нема да му припадне никому, зашто ја создадов за себе, за да имам место на коешто ќе бидам исполнет со задоволство.’ Навистина, во малата балканска држава Северна Македонија живеат многу народи, а куќниот мир неретко е пореметен, пред се’ помеѓу словенското монзинство од населението и албанското малцинство. Освен тоа, младата република од распадот на Југославија и големиот бегалски бран по војната на Косово во 1999 година, страда од висока невработеност и слаба економија. ЕУ-амбициите на двомилионската држава - кандидат за приклучување од декември 2005 година - беа долго поткопувани поради спорот за името со соседна Грција. Од 12 февруари поранешна Македонија мора да се нарекува ’Северна Македонија’.

За време на кусата посета на 7 мај папата Франциско може да го посети само главниот град Скопје. Родниот град на светата Мајка Тереза (1919-1997) со своите околу 540.000 жители е спојница на различни етникуми: Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби и Хрвати се само дел од нив И, сите тие си ’варат своја чорба’. Предрасудите се длабоко вкоренети.“

Nordmazedonien Skopje katholische Kirche (DW/Fatos Musliu)

Католичката црква во Скопје

Агенцијата КНА натаму наведува дека во земјата две третини од луѓето се со православна вера, дека Албанците се главно муслимани и дека малата католичка црква има околу 15.000 членови, односно католици се околу 0,75% од населението. Притоа, околу 3.700 католици од Латинскиот обред потекнуваат главно од Хрватска, Полска, Словенија и Словачка. Тие живеат главно во и околу Скопје, на северот на земјата. Околу 11.500 католици од Византискиот обред, кои се во унија со Рим, се концентрирани главно на југот и југоистокот на земјата.

„Има две диоцези (црковно-административни единици, н.з.) со 25 свештеници - Диоцеза Скопје и Епархијата Струмица-Скопје за католиците од Византиски обред. Раководител на двете диоцези е бискупот Киро Стојанов. Бројчено малата католичка заедница се разбира себеси како неутрален посредник и градител на мостови помеѓу верските заедници и прави напори за негување добри контакти со сите религии. Многу од црквите (католички, н.з.) треба да се реновираат, а дел од свештениците не можат да живеат само од нивната работа во верската заедница.“

Nordmazedonien Skopje Katholische Kirche Bischof Kiro Stojanov (AFP/R. Atanasovski)

Бискупот Киро Стојанов на велигденска миса (април 2019)

Католичката новина агенција наведува дека на македонските католици не им се допаѓа поимот „источни католички цркви“ (назив за цркви кои припаѓаат на различни источни обреди, а во полно заедништво со римскиот бискуп или папата, кои се сместени изворно во источна Европа, Блискиот Исток, во северна Африка и Индија, но се проширени и во останатите делови од светот, н.з.), исто како што не им се допаѓа и називот „грчко-католички“:

„Конечно, пред се’ грчкото православие беше тоа што се обиде да ги искорени македонските верници со забрана на нивниот јазик и културни обележја во 18 и 19 век и се обиде да ги присвои како Грци. За надмоќ меѓу словенските православци на Балканот се бореа и Србија и Бугарија. Грците, Бугарите и Србите отвориле повеќе стотици училишта на македонска територија за да си обезбедат јазично и културно влијание уште кај децата. Во ваква ситуација на поделба, во 1859 година македонските жители од регионот на Кукуш, во денешна северна Грција, се обраќаат со молба за унија до папата Пиј  IX. Светата столица дава согласност под македонските услови: задржување на Византискиот обред и старословенскиот како јазик за литургија, како и признавање на свештенички брак. На оваа унија, која е поврзана и со раѓањето на македонската национална свест во 19 век, во одреден период и’ припаѓале околу 100.000 верници. По прогонот и протерувањето, католиците по Втората балканска војна 1912/13 година се преселиле од Грција на југот на денешна Република Македонија и во западна Бугарија.

Центар на егзархатот кој е во унија со Рим е Струмица, мал град во близина на границата со Бугарија и со Грција. Повеќето католички свештеници се „би-обредници“, односно држат богослужби и според Латинскиот и според Византискиот обред. Тоа значи и дека тие, со оглед на тоа што Византискиот обред во Македонија го следи Јулијанскиот календар, а Латинскиот обред го следи Грегоријанскиот календар, зависно од тоа каде престојуваат двапати слават Божик и по правило двапати слават Велигден.

Основната клетка на македонскиот католицизам е малото Радово, единствено чисто католичко село во земјата, сместено на крајниот југоисток, на оддалеченост од 10 километри воздушна линија од Грција и 15 од Бугарија. Тоа има само околу 900 жители, но од овде потекнуваат повеќето свештеници, меѓу кои и бискупот Стојанов, како и повеќето калуѓерки од земјата. Жителите го нарекуваат Радово - ’Македонски Мал Рим’.“

Heiliger Kyrill und Method Ikone (picture-alliance/dpa)

Мисијата на Свети Кирил и Методиј била многу важна

На крајот од анализата на агенцијата КНА се опишува Охрид, град со „безброј православни цркви богати со историја“ и мисијата на Кирил и Методиј, како и на нивниот ученик Климент:

„Основан од Римјаните, културниот и духовен центар Охрид, кој е централна почетна точка за словенската мисија, својот процут го доживува во доцниот Среден век. Првата словенска црковно-административна заедница одиграла важна улога за христијанизација на Балканот. Климент Охридски (835/40-916) бил најпознатиот и најстариот ученик на словенските апостоли Кирил (827/28-869) и Методиј (815/20-885). Климент во 893/94 година станал првиот словенски епископ на градот.

Основањето словенска црковна провинција од страна на ’мисионерскиот архиепископ’ Методиј бил камен темелник во процесот на христијанизирање на Словените. По смртта на Методиј во 885 година, мисијата се распаѓа. Политичкиот ветер се менува, учениците се распрснуваат. Трајни корени делото на словенските апостоли пуштило прво во Бугарија. Таму царот Борис Први им дава на учениците на Методиј ново место за работа. Борис ја поддржува идејата за сопствена словенска литургија и духовност, која можела да ја направи неговата територија црковно понезависна од Константинопол. Некои од учениците на Методиј се населиле во Охрид, каде во тоа време била сместена една бугарска владетелска резиденција.

Ein Neubau nahe arhäologische Lokalität Plaosnik (DW/Milco Jovanovski)

Охрид e град со безброј православни цркви богати со историја, оценува КНА

Климент е прв словенски епископ кој го основа високиот теолошки ранг на Охридска Архиепископија (Ахрида). Работел како писател и теолошки преведувач и им бил учител на повеќе илјади ученици, а вршел и хиротонија или ракополагање. Оваа ’Охридска школа’ е заслужна за голем дел од старобугарската литература. Од негова страна усовршената ’кирилица’ го носела христијаноството и старословенската литургија од Охрид, преку Романија се’ до регионот Киевски Рус, како и преку Москва длабоко во територијата на денешна Русија.

Циклусот за Богородица во црквата Свети Климент, Тајната вечера во катедралниот црковен храм Света Софија, Оплакувањето Христово во црквата Свети Пантелејмон во скопско Нерези - сите тие се вбројуваат во најдобрите дела на европската  уметност од доцниот Среден век“, се вели во анализата на Католичката новинска агенција (КНА).

Реклама