Северна Кореја им се заканува на САД | Свет | DW | 11.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Северна Кореја им се заканува на САД

Пјонгјанг одново го заостри тонот по испраќањето американски воени бродови во правец на Корејскиот Полуостров.

„Во наша одбрана, против провокаторите ќе бидат употребени најострите противмерки и најсилно оружје“, соопшти Министерството за надворешни работи на Северна Кореја доцна синоќа. Доколку САД се имаат одлучено на воена акција, Северна Кореја е подготвена да реагира на било каков вид војна, ја пренесуваат медиумите изјавата на портпарол на Министерството.  По ракетните тестови извршени од страна на Северна Кореја, САД на викендот започнаа со преместување на носачот на авиони „Карл Винсон“ и неговата придружна воена флота во правец на Кореја. Бродовите во саботата испловиле за да заземат позиции во Западен Пацифик, соопшти портпарол на американската војска. Потегот се смета за демонстрација на сила од страна на САД, насочена кон комунистичката влада во Пјонгјанг. Акцијата предизвика голема загриженост во регионот. Истовремено, во регионот се во тек заеднички воени маневри на САД со сојузникот, Јужна Кореја.Пјонгјанг ги осудува воените вежби, оценувајќи ги за подготовка за воена интервенција.

Северна Кореја во минатата недела по којзнае кој пат ги прекрши резолуциите на ОН, вршејќи пробно испалување на балистичка ракета кон отворено море. Советот за безбедност на ОН најостро ја осуди акцијата. Според проценките на експертите, земјата во моментов врши подготовки за натамошен атомски тест. Прогнозите се дека земјата за помалку од две години може да создаде атомски боеви глави со досег до американско копно.

Севернокорејскиот парламент денеска е свикан на една од ретките седници, кои се одржуваат еднаш или двапати годишно и траат еден ден. На нив обично се донесуваат важни политички и економски одлукипод водство на властодржецот Ким Јонг Ун. Северна Кореја е меѓународно изолирана поради својата атомска и ракетна програма и против неа се воведени повеќекратни санкции.  

 

DW.COM

Реклама