СДСМ тврди дека Данела Арсовска има бугарско државјанство, ВМРО-ДПМНЕ демантира | Северна Македонија | DW | 26.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

СДСМ тврди дека Данела Арсовска има бугарско државјанство, ВМРО-ДПМНЕ демантира

Арсовска досега не одговори на обвинувањата, но од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека ваква црна кампања досега не се памети.

Данела Арсовска, кандидатката за градоначалничка на Скопје, која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, има бугарско државјанство, обелодени денеска на прес-конференција владејачката СДСМ. Според документот, којшто го објави партијата, Арсовска веќе десет години имала резервна татковина. 

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, покажа документ од бугарското Министерство за правда, според кој Арсовска во 2011 година се стекнала со бугарско државјанство. Указот го потпишал бугарскиот вицепретседател. 

„Цели 10 години Данела Арсовска има резервна татковина. Од кои побуди побаравте бугарско државјанство, за чии интереси одработувате – за унгарските, за бугарските или за оние на Груевски“, вели Петровска.

Таа вели дека Арсовска не може да се грижи за интересите на скопјани кога има бугарско државјанство и е почесен конзул на Унгарија. „Ова е класично потценување и навреда на скопјани. Зарем мислите дека скопјани ќе дозволат некој кој е инсталација на Груевски во Будимпешта, некој кој е граѓанин на друга држава, да го руши градот. Странски инсталации кои работат директно против интересите на граѓаните нема да поминат. Арсовска, уште колку тајни криете од скопјани“, рече Петровска. 

Демант од опозицијата 

Арсовска досега не одговори на обвинувањата, но од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека ваквата црна кампања досега е незапаметена и „е последица на стравот од пораз на кандидатот на СДСМ за Град Скопје, Петре Шилегов и на премиерот Зоран Заев“. 
„СДСМ дрско лаже и манипулира за наводен бугарски пасош на Данела Арсовска. Во целост ги демантираме ваквите невистини, и ниту една црна кампања, вклучителна и таа во која вмешуваат членови на потесното семејство на Арсовска нема да им помогне да го одбегнат поразот од народот кој им следи. Не е прв пат СДСМ да мавта со лажни обвинувања за бугарски пасоши, и тоа станува дел од нивната стратегија додека Заев врши притисоци врз членови на историската комисија да потпишат тоа што Заев во 4 очи договорил да продаде со бугарската власт“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Вториот круг од локалните избори за градоначалник на Град Скопје ќе се одржат в недела, на 31 октомври. Битката за главниот град во вториот круг ќе се води меѓу актуелниот градоначалник Петре Шилегов и неговата противкандидатка Данела Арсовска, која со предност од  околу 8.000 гласови влегува во трката. Во првиот изборен круг Петре Шилегов освои 77.852 гласа, а кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска – 85.657 гласа. Според Државната изборна комисија,  Шилегов води во 4 општини - Сарај, Шуто Оризари, Чаир и Центар, додека Арсовска има предност во останатите скопски општини. 

DW.COM