СДСМ и ДУИ победија, но добија и опозиција во Владата | Македонија | DW | 30.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

СДСМ и ДУИ победија, но добија и опозиција во Владата

Без разлика на вчерашните вербални рафали меѓу владините партнери, Алијанса за Албанците треба да остане во Владата, сметаат аналитичари. Груевски го сметаат за завршена приказна.

СДСМ и ДУИ освоија најмногу градоначалнички места, но „освоија“ и силна внатрешна опозиција во Владата. Ова е заклучокот по вчерашниот изборен епилог, во кој двете партии освоија најмногу градоначалнички места, но го предизвикаа незадоволството на третиот коалициски патнер во Владата - Алијанса за Албанците. Незадоволството не беше спакувано „во ракавици“, туку изразено на јавна сцена. Третиот владин партнер, Зијадин Села. изјави дека не ги признава резултатите со кои неговиот противкандидат од ДУИ, Рамиз Мерко, прослави победа во Струга.

„Овој резултат е неприфатлив за нас, имајќи предвид дека одеа со полицајци и им се закануваа на граѓаните, ги заплашуваа и под притисок на полицијата купуваа гласови“, рече Села.

Тој потенцираше дека освоил двојно повеќе гласови кај Албанците, а неговиот противкандидат ги добил гласовите на СДСМ. Го обвини Заев дека со поддршката за ДУИ ја зголемил поделбата во етничките заедници во Струга.

Уште подиректен беше неговиот партиски колега, Арбен Таравари, кој ги признава резултатите со кои доби мандатот да ја води општина Гостивар.

„Го победивме малиот диктатор во Гостивар“, рече Таравари, а потоа јавно го обвини министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за притисоци - дека се јавувал на луѓе и агитирал за кандидати на ДУИ.

„Никаде јас не сум се јавувал“, децидно тврди Спасовски во изјава за Дојче веле.

„Најдецидно ги отфрлам сите такви обвинувања. Резултатите од изборите се израз на слободната волја на граѓаните да го дадат својот глас во еден мирен и фер изборен процес“, вели министерот за внатрешни работи.

Алијансата потребна во Владата

По ваквите првично разменети пораки, во синоќешните постизборни дебати доминираше прашањето - дали Алијанса за Албанците ќе го радикализира своето однесување и ќе ја напушти Владата, дали Заев и Ахмети ќе иницираат збогување со неа или Алијансата отсега ќе биде остро камче во владиниот чевел - силна внатрешна опозиција?

Насер Зибери, поранешен функционер на ПДП, не верува дека Заев ќе се откаже од коалицирање со Алијанса за Албанците, бидејќи гласовите на таа партијата беа клучни за состав на владиното мнозинство, но и поради тоа што Зијадин Села стана најголема жртва во крвавите настани од 27-ми април во парламентот. Дел од аналитичарите, сметаат дека и не е лошо ако има еден вид опозиција во Владата, ако преку аргументирана критики ги контролира и јакне нејзините демократски капацитети. За политологот Ненад Марковиќ, оваа ситуација не е изненадувачка, туку сосема очекувана.

Mazedonien Zijadin Sela Präident der DPA Neue Partei (DW/P. Stojanovski)

Зијадин Села

„Уште кога се формираше владината коалиција, предупредив дека на локалните избори СДСМ ќе мора да бира каде ќе ги насочи гласовите. Во таа смисла, логично беше да ги насочи кон партнерот кој нумеримички повеќе 'тежи' во Владата. Ова секако дека ги остава другите незадоволни, но мораше да се случи кога-тогаш. Села е константен камен околу нозете на Заев, бидејќи со своите радикални изјави го иритира етничкиот македонски корпус, вклучително и дел од гласачите на СДСМ. Оваа тактика му одмогна во собирањето гласови на локалните избори, особено кај етничките Македонци, што можеби не беше во таа мера случај и со Таравари. Но, тоа не значи дека Села би требало да излезе од владејачката коалиција. Ако пак донесе таква одлука, би можел да ја повтори грешката на Беса, и да се маргинализира“, оценува Марковиќ.

Сите виновни, само Груевски не? 

Нов фронт кон Владата отвори и Никола Груевски, кој соопшти дека не ги признава локалните избори поради бројни нерегуларности- притисоци и заплашувања, и испорача седум барања меѓу кои првото е одржување парламентарни избори спроведени од техничка влада според пржинскиот модел.

„Во Македонија се случија мафијашки избори, од криминалци во партиска служба во спрега со државниот апарат“, изјави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Проблемот го лоцираше во активностите на „класична СС- бригада на Заев и Спасовски, со околу 300 лица кои се дел од таа инсталирана врхушка и партиска полиција“, а најави и почеток на нова битка.

Гледај видео 01:00

СДСМ владее на локално ниво

„Ова битка допрва почнува. Во ситуација кога се гази државата, кога се силува демократијата, кога се врши изборно насилие, во отсуство на било каква реакција на органите да се заштити граѓанинот и државата, ние сме принудени да се саморганизираме и да се бориме. Нашата акција е само реакција на изживувањето кое го прави една хунта која е насилно донесена на власт“, обвини Груевски.

За разлика од вниманието со кои се анализираат изјавите од челниците на Алијанса за Албанците, ставовите на Груевски не доживуваат сериозен третман меѓу аналитичарите. Дел го коментираат како „крик за личен спас по тешкиот пораз“, дел како „срамен очајнички говор на класичен губитник“, трети со индигнација одбиваат да го третираат како било каков фактор на политичката сцена.

Според Марковиќ, Груевски вчера ја пропуштил и последната шанса за колку-толку достоинствено заминување од лидерската позиција.

„Според неговиот говор, заклучувам дека нема да даде оставка, дека сите се виновни за поразот, освен тој. Очекувам огромен внатрепартиски притисок за негова смена. За жал, тој вчера имаше можност да си замине со каков-таков дигнитет, но тој одлучи да чека да биде срамно сменет“, констатира Марковиќ.

Иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ вчера изјавија дека партијата изгубила заради Никола Груевски и тој мора да си оди од лидерската позиција по најсрамниот пораз во историјата на партијата. Тие во следните денови ќе ги соопштат натамошните чекори во однос на иницијативата за внатрепартиски реформи.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Поврзана содржина

Реклама